Изложбата „Колекција на метални пари ковани во Скопје и Кратово (14-17 век) – Патувањето на парите“, подготвена од Даниела Николова, свечено е отворена во Македонскиот културно-информативен центар во Белград, со пригодни обраќања на директорот на КИЦ-Белград, Васко Шутаров, директорот на Турскиот институт во Белград, Јунуз Емре, амбасадорите Никола Тупанчески и Илхан Сајхл, како и на авторката на изложбата Даниела Николова.
Изложбата ги претставува економските, политичките и општествените текови на Балканот во периодот од 14 до 17 век. Преку монети ковани во скопската и кратовската монетарница, посетителите добиваат можност да се запознаат со богатото културно наследство од отоманскиот период. Поставката е дел од поширок проект, кој вклучува и промоција на двојазичната монографија „Патувањето на парите“, која нуди научен и визуелен осврт на колекцијата.
Настанот претставува значаен придонес во унапредувањето на регионалната културна соработка и зајакнувањето на меѓукултурниот дијалог. Изложбата претходно беше реализирана во Скопје, каде што предизвика голем интерес кај јавноста и стручната публика. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 8 април.































