Рецензија

  • Кон изложбата „Прашина и сенки“ на Страхил М. Петровски во Уметничката галерија при НУ Музеј Куманово

Во делата на Страхил Петровски доминира изразот сам по себе и сам за себе. Неговата уметност е уметност што се следи не толку преку крајниот резултат претставен на платното или на кој било друг медиум, туку преку движењата на раката, патувањето на четката, задршката и распрснувањето на капките во рамките на редуцираната фигуративност и строго ограничена палета на бои. Повикот на уметничките дела на Петровски зборува со тактилен, повеќеслоен и текстурален јазик. Ехото на говорот на овој јазик е амбиентално зашто значителен израз на овој уметник е сликарската инсталација. Долги, асиметрични композиции, раскажани со нанесување од палетата слој по слој, бришење, капење, стругање и драпирање „лебдат“ во просторот, левитираат над површината, оставаат трага во воздухот. Петровски воспоставува интегриран сооднос на инсталациите и сликите играјќи си со контрастот меѓу дводимензионалноста на сликите и тродимензионалноста на инсталациите. Класичниот галериски амбиент на закачени слики на ѕидови го предизвикува архитектонскиот волумен. Контролираните перспективи на сликите доаѓаат до уште поголем израз наспроти бунтувањето на инсталациите чии композиции се како поле на кое се одвива битка. Инсталациите пулсираат де во вид на енергија де во вид на материја. Заедно создаваат енергетско-материјална концентрација, која за окото на набљудувачот дејствува како силата на гравитацијата. Енергија и материја, црно и бело, темнина и светлина; распрсканите црни точки – ѕвезди и соѕвездија во некој паралелен универзум каде што физичките феномени сѐ уште се неразвиени негативи од нашата вселена.
Истото тоа важи и за звукот во овој архитектонски амбиент и оваа тактилно-просторна инсталација во три димензии. Нотите од осаменото виолончело, а кој друг инструмент носи црно-бели звучни тонови толку соодветни за амбиентот, проникнуваат не само во ушите, туку и удираат директно во плексусот, под градната коска и понираат во срцето. Но овој удар е благороден. Тој го одзема здивот на оној најубав метафоричен начин и му ги отвора сетилата на човечкото битие што го надминуваат она што е само тука и сега. Така, оваа објектно-просторно преобразба на носачот во тродимензионален објект е транспонирање меѓу овој наш и оној друг свет, а исто така и откривање дека секоја честичка на материјата и секоја енергија на материјата на едно квантно ниво носи светлина со себеси, видлива за оние што имаат очи да ја видат.

Покрај овој сакрално/архитектонски амбиент, кој создава просторен континуитет и „цртање“ не само во туку и на просторот, сличен, а сепак различен, поточно свој говор имаат и дводимензионалните слики на Страхил Петровски. И на овој медиум палетата на бои е редуцирана и строго контролирана. Нијансите одат од земјени, меѓу светло и темнокафеаво, преку изолираните црвени и сини ноти, па до доминирачката црна, која оди од црна кон поцрна до најцрна. Напати низ оваа палета избива и белата. Не само да биде заднински контраст на темноцрните тонови туку да потсети дека белата е збир на сите бои на зрачниот спектар наеднаш. Затоа во својата суштина белата не е основна боја. Веројатно најточен опис за белата е дека таа е збирна состојба на светлината. Таа ги рефлектира сите бои. Црната ги апсорбира сите бои. Феноменот и на едната и на другата е феномен на светлината, која не е материја, туку најчиста форма на енергија. Ова е важно, но принципите на физиката ни кажуваат дека материјата може да се претвори во светлина, а светлината може да создаде материја. Истовремено, светлината е медиум на видливоста на материјата. Овие два темелни постулата за и на постоењето се протагонисти во сѐ видливо и невидливо, а се разбира на сѐ материјално и на сѐ духовно. Во сликите на Петровски овој впечаток е добиен не само со веќе опишаните методи погоре туку и со крајниот резултат или впечаток на сликите. Деконструирајќи ги и реконструирајќи ги движењата, гледаме во разни состојби, во разни фреквенции, во разни преобразби, во контрасти, во разни сигнали и симболи. Во и низ видливото го гледаме невидливото.
На научен јазик тоа најдобро би се опишало со динамиката на материја/антиматерија, материја/темна материја и енергија/темна енергија.
При секој допир на материјата со антиматеријата се случува поништување, така што овие честички исчезнуваат и создаваат светлина или чиста енергија. На ова му се надодава феноменот на темната материја, која е невидлива за човечките сетила и за какви било мерни инструменти, но чии ефекти се јасно мерливи. Научниците велат дека 5 проценти од вселената е видлива материја, 27 проценти е темна материја, додека остатокот е темна енергија. Има толку многу што не го знаеме, а само го насетуваме.

Токму овие насетувања се вткаени во сликите на Страхил Петровски. Со црната боја, со темните нијанси, а во контраст со белата, тој ја раскажува приказната на постоењето, уметнички ги лови законите на физиката постојано играјќи си со противречностите што произлегуваат од оваа интеракција. Според оваа определба, Петровски не само што е хелиоцентричен туку е и вселеноцентричен. Го става човечкото постоење во перспектива од која е јасно дека во таа споредба, ние луѓето сме помали од најмалиот кварк, од најмалиот аксион на најмалата честичка прашина. Не за да покаже колку е ништожно човештвото, туку за да покаже колку е фасцинантно. Замислете, сите ние како луѓе, вие и јас, толку несфатливо мали прашинки сме свесни за несогледливата големина на вселената! Свесни сме дека треба да ја толкуваме, да ја разбереме и да го осмислиме своето постоење среде овој бескрај. Свесни сме за тоа дека сме свесни за себеси и за своето постоење. А тоа не е мала работа. Нашата мечта е неограничена и во неа не само што можеме да го сместиме сиот универзум, туку и теоријата за мултиверзумот или која било друга теорија за постоењето на сѐ. Дури и кога се обидуваме да избегнеме каква било антропоцентричност не можеме да го сториме тоа, освен преку антропоцентричност.
Дека тоа е така и кај Страхил Петровски станува видливо од оние ретки и мали капки и точки со црвена и со сина боја. Црвена, за бојата на човечката крв, сина за бојата како што најчесто го гледаме сводот што ја обвива Земјината топка, а кој го нарекуваме небо. Овие мали, навидум случајно капнати и прснати црвена и сина зборуваат на универзален човечки јазик. Зовриената крв, која се движи во нас и нѐ одржува во живот, и синиот бескрај над нас, кој постојано нѐ поттикнува на возвишување. Сето тоа конечно добива човечки лик; не само метафоричен туку во овој случај буквален.
Петровски избрал да изложи и еден портрет. Црно-белите контури се сведоштво за техничката вештина да се прикаже лице со фотографска прецизност. На него е поглед со сета човечка ноншалантност и неусиленост. Но и со сиот непокор, храброст, соочување, копнеж, радост и надеж. Црвените ноти се непогрешливо антропоцентрични. Како прво, посочувајќи на она што веќе го споменав, на животодавната крв, но и кон хтонскиот елемент, кој укажува дека човештвото е создадено од глина извадена од земјата.
Црно и бело, црвено и сино, движења на раката, треперење на четката и, ете, стануваме сведоци за материјата и за антиматеријата, за темната материја и за темната енергија. Кога сѐ ќе се собере и ќе се одземе, останува чиста светлина подарок на врутокот на битието кој е сам вечно Битие и престојува во вечна светлина.

д-р Коста Милков Балкански институт за вера и култура