(Или, ајде да ја почнеме борбата против цивилизацијата
за негово враќање варварски одземено)
Насловот на нашата денешна колумна, драг читателу, има митска основа, која не ја препознаваме, а поднасловот е елегиски и императивен за враќање на генеричкото име и имот што ни се варварски украдени од цивилизацијата, која се одликува со голема култура, но и со екстремно варварство. За сето ова сум пишувал во пет објавени книги, на околу 3.000 страници. А изгледа и не е тука крајот, крајот на болката за загубата која најмногу ја почувствува обичниот народ, но не и политичарите, академиците и универзитетските интелектуалци, а потоа и уметниците, особено меѓу нив и писателите, кои по дефиниција треба да ги тангира името и како онтологија на поезијата.
Но тоа е што е. Нашата колективна идентитетска и онтолошка катастрофа се случи на 17 јуни 2018 со погребот во Преспа во мртовечкиот ковчег на смртоносната придавка СЕВЕРНА. И оттогаш наваму кај нас не се зборува сериозно за таа трагедија и враќање на украденото име, а што би значело наше идентитетско воскресение, слично како она на Исус по неговото распетие на Голгота. Сега нешто се крена врева со декласификацијата на оној мистериозен документ од страна на ЦИА со стоте милиони долари што му ги понудиле Грците („Лицем светци, срцем волци“ – Прличев) на Киро Глигоров за промена на името. За тоа на големо вреват медиумите, но сега за сега само го потенцираат нејзиниот ексклузивитет и ништо повеќе. Додуша се даваат некои провизорни идеи за можни тужби на соседот со милионите, но политиката и политичарите молчат, како сè уште во нивните глави да е цврсто всадена сè уште несреќната филозофија на Глигоров за еквидистанцата кон соседите со која практично се откажавме од грижата за нашите малцинства зад границата. Така. Но и таа врева за ексклузивниот декласифициран документ на ЦИА во наша корист всушност и не открива ништо ново. Само го потврдува она што го знаевме, дека Грците се одисејски лукави и расипани, имаат силно лоби и одат докрај за да ги остварат своите цели со присвојување на името Македонија и нејзиниот богат, особено антички културно-цивилизациски имот.
Тоа е тоа. А што се однесува до стоте милиони што ги одбил претседателот Глигоров, ние добро знаеме дека тие завршиле во други раце, веројатно на оние што добиле златни визи и што градат сопствени згради во Дубаи, или вложуваат во авиопартнерство со индиски или други авиокомпании итн. Тоа е и така е. Да не бидеме наивни, ЦИА сега го потврди само она што го знаевме, но немавме доволно храброст ние самите да го обелодениме. А всушност самите, самосвесните, знаеме дека и Грците и Бугарите ќе одат ако треба и голи и боси (народот, се разбира) и ќе го дадат и последниот денар само и само да ги снема Македонија и Македонците и да го приграбат нивниот пребогат историски и културолошки имот. И секоја чест на претседателот Глигоров за неговата лична и национална етика, па, како и Кант, и тој во мигот кога ја добил срамната грчка, но и цивилизациска варварска понуда веројатно воскликнал со славната етичка и морална максима на германскиот филозоф Кант „Ѕвезденото небо над мене, моралниот закон во мене“. Така.
Имал право на тој етички извичник, но сепак, и покрај тоа, тој, рака на срце, направи една катастрофална грешка, која, како што ќе се види потоа, не се мери не со стоте грчки милиони долари, туку и со целокупното злато во банките на Ротшилдови. А тоа е, драг читателу, неговото прифаќање на БЈРМ (или ФИРОМ) како божем привремено (тој рече само за три месеци) како име на новоформираната кревка македонска република по распадот на Југославија. А тоа не смееше да се случи, покрај другото, и затоа што и за време на Југославија ние во ОН бевме заведени со нашето генеричко име и идентитет. Не смееше да се случи по никоја цена, оти цената што потоа ја плативме за таа грешка се знае која е и каква е. Оти ние, драг читателу, во тој критичен и катастрофичен миг за Македонците моравме да бидеме храбри визионери и да го развееме идентитетското и судбинско знаме на илинденците и асномците „Смрт или слобода“. Тоа беа хероите што ѝ ја фрлија за двобој ракавицата на расипаната цивилизација. Оти требаше уште во 1990 година да бидеме интелигентни и да знаеме дека на Македонија и на Македонците им е удрен црн печат за идентитетска, но и физичка гибел уште, во поновата историја, на Берлинскиот конгрес 1887, а потоа таа мрачна европска визија конкретно почнува да се реализира со Букурешт 1913, кога се парчосува живиот македонски организам. Од него се прави крваво торзо, без глава, екстремитети, срце и бели дробови.
Но ако одиме длабински во проблемот за кој станува збор, трагично е тоа, драг читателу, што нашите политичари, академици и универзитетски интелектуалци (секоја чест на исклучоците што може да се избројат на прстите од раката) немаа свест за поимите Име и Идентитет, особено за името како генерички колективен идентитет. Во насловот на нашата колумна тоа е поврзано, иако во заграда, со префиксот Пра, што ја дава неговата митска основа, нè враќа кон митот, кон генезата на нештата, на постанокот на животот и светот. Гете од писателите посебно го употребува тој свет архетипален префикс. Така, во таа смисла, кај него е присутен поимот „прафеномен“, кој се однесува на пранештата што го носат во себе печатот на прапочетокот и прапостоењето. Во таа смисла тој и како природозналец и научник од ренесансен тип се занимавал и со феноменот на праболката, односно со феноменот на настанување на нејзината праструктура како праоблик на сите билки што постојат во природниот свет. Кај антрополозите од класичен ков, како што се тоа Мирча Елијаде, Клод Леви Строс, Малиновски и други, исто така е зачестен генеричкиот митски префикс ПРА, кој му прилега и на нашето генеричко име, но ние затапени со ЕУ-иднината и не помисливме на тоа. Кај спомнатите антрополози во таа смисла зачестено се употребуваат поимите со митска супстанција, на пример, како што се „праслика“ и „пранастан“. Па и нашето име што им го продадовме на Грците е всушност тоа: пранастан и праслика на еден народ, кој се зачнал со Господова и митска волја да постои и опстои со генеричко праиме, кое ќе ги носи со сите дарби што му ги дал Создателот низ вековите и милениумите. За жал, сè до кобниот 17 јуни 2018, кога го снемува тоа ПРА и него како жив, најжив, вечен живот и културно-цивилизациска слика, имот и богатство го заменува онаа идиотска смртоносна придавка СЕВЕРНА. Архаичните магиски култури многу поубаво го разбрале тоа од нас. Тие знаеле дека името не само на еден колектив, племе или народ, е живот и дека секое негово поместување од неговото пралежиште, од неговиот мит значи негова смрт. Ние не го знаевме тоа, драг читателу, и затоа ни се случи тоа што ни се случи во Преспа 2018. БИБЛИЈАТА останува, како најважен цивилизациски не само религиски туку и историски и антрополошки документ за тоа ПРА, за митот на нашето Име, почнувајќи од првите до последните нејзини страници. Но, за жал, неа во таа смисла не ја сфатија добро, ни најмалку добро, кокетирајќи едно време и тргувајќи со фалшивиот антибожји томос на Фанар во нашите трагични колективни ситуации, ни нашите врховни свештеници од Синодот.
И сè е јасно сега, дека и она БЈРМ наивно прифатено од Глигоров беше договорен тест на Атина, Брисел и Вашингтон за македонската идентитетска отпорност, што испадна дека не е во форма, дека е страшно наслабната и дека новата постјугословенска кревка Република има корумпирани и неуки политичари со кои лесно ќе се реализира проектот идентитетска смрт на Македонците, дека нема кај овие модерните, по илинденците и асномците, јунаци што повторно ќе се осмелат да го развеат знамето со слоганот „Смрт или слобода“. Атино-брисело-вашингтонскиот тест со БЈРМ беше апсолутно успешен, па веднаш по него се појави нацифашистичката на лажната ЕУ Лисабонска декларација, која децидно забранува да постои каква било и која било држава во Европа со име Македонија. Точка. И тоа е крај. Македонска есхатолошка слика за нејзината идентитетска смрт. Тоа личи на она на Исус, на крстот на Голгота, на неговите последни зборови, пред да биде симнат од него „Свршено е“. Ама тие зборови се лошо протолкувани. Тоа негово „Свршено е“ не значи крај, туку нов почеток, остварување на проектот на Отецот што ќе создаде Ново небо и Нова земја, бидејќи старите се изедени од молецот на ентропијата за која говори и модерната наука денес. Така, драг читателу, но што станува со нашето „Свршено е“ со нашата идентитетска смрт во Преспа 2018? Тоа е важното прашање сега.
А зошто беше тест она БЈРМ на Глигоров? Затоа што веднаш по него дојде и нацифашистичката Лисабонска декларација на бриселска ЕУ, со која по вторпат Европа, Вавилонската Блудница, го обнови фашизмот по Втората светска војна. Првиот пат беше со англиските бомбардери и напалм-бомбите врз македонските деца во Егејска Македонија. Тоа беше пред сè физички замислен геноцид, а овој со Лисабонската декларација идентитетски, бришење целосно на милениумската меморија на еден народ. Според антрополозите, најстрашната од сите видови смрт. Фактички, таа кобна декларација беше префигурација на Преспа јуни 2018. Со неа, рековме, беше децидно забрането да постои во Европа држава со име Македонија, што логички значи и Македонци и други деривати извлечени придавски како атрибути со тоа име. Така, но ние сите срамно ја преспавме неа, како да бевме во нирвана од божемното „осамостојување“, кое не постои без генеричкото име. Засекогаш, и до зад вечноста непростиво за оваа постилинденска и постасномска гнила генерација. Сме пишувале доволно за тоа, драг читателу, знаеш. Парадоксот пак тука е во тоа што нашите преродбеници од 19 и почетокот на 20 век (Чуповски и Мисирков) имаа, за жал, многу повеќе спознание и разбирање, апсолутно длабинско, за нашето име и идентитет поврзани со јазикот, за кој Блаже Конески рече дека е нашата татковина. Ние, пак, од Македонски манифест ја вариравме таа негова сјајна мисла во „Името е нашата татковина“, бидејќи вистина сè што е наше како културно-цивилизациско благо извира од него. И тоа се покажа токму сега, по залепувањето за него како црн ЕУ-печат на смртоносната придавка СЕВЕРНА, нашиот мртовечки ковчег во кој бевме погребани во оној убав сончев летен ден 2018, под златните гранки на преспанските овоштарници, на еден грозоморен начин осмислен како екстремно темен нацифаши-празник на цивилизацијата.
Така, туку кога зборуваме за преродбениците од 19 и почетокот на 20 век, да не го заборавиме еден од најголемите меѓу нив и најосвестените, Ѓорѓија Пулески, кој во својата „Славјаномаќедонска историја“, брилијантно и фактографски научно напишана од галичанецот со ренесансен дух гениј нè одведе кон корените на идентитетот, кон Античка Македонија на Филип, Александар и целата македонска античка царска лоза. Ама изгледа страшно се засрамивме според тоа што ни се случи, без речиси никаков посериозен отпор, а камоли со примерот на саможртвата за тоа на гемиџиите, илинденците и асномците, по кои оној политички монструм од Муртино и неговата фашистичка, според тоа што го стори, партија заслужуваат да ги снема од овој народ. Уште без никаков срам, паднати морално под дното, тие и денес тврдат дека не го уништиле, туку дека го зацврстиле и спасиле идентитетот. Има нешто деструктивно и исчашено во генот во нив. За таквите народот вели дека се правени од нездрав материјал. Знаеш од кој и каков, драг читателу, но сега домашното воспитание не ни дозволува, иако заслужуваат, да го кажеме името на тој материјал.
Уште само малку за Пулески честит ренесансен дух, ѕидар, граматичар, учебникар и просветител, кој имал и херојска душа. Не сум го посетил неговиот гроб да видам што има напишано на неговиот надгробен камен, но мислам дека треба да има и на него, како на надгробната плоча на славниот поет Хајнрих Хајне, меч и книга. Самиот тој го сакал тоа. Па, и најпознатата фотографија на Пулески е со сабја на појасот, со која, заедно и со Иљо Малешевски, учествувал во ослободувањето од Турците на Белград, со него војувале и во Русија, каде што биле одликувани лично од рускиот цар за нивната македонска храброст. А ние кај бевме со честа и храброста што се сијамски близнаци, драг читателу, кога оваа цивилизација, западната оска на злото кон нас (Брисел, Вашингтон, Атина, а до нив прилепена како крвожедна кон нас хиена и Софија)? Кај бевме? Голем дел политичари и „интелектуалци“ во кафеаните локавме пиво и кркавме купишта ќебапи. Тоа беше нашиот отпор. Секоја чест на некои исклучоци, мали здруженија (тука секогаш беше Македонски манифест) и партии на кои поголемите мастодонски за наши прилики македонски партии не им обраќаа, а и денес, никакво внимание, пропаднати длабоко во својот сепак плиток нарцизам. При крај сме, драг читателу. Ќе ни треба уште еден текст да ги дообјасниме уште малку работите поврзани со насловот на нашата денешна колумна. Само да ти кажам уште ова, дека покрај храброст, поимот чест речиси никогаш и не постоел кај нашите политичари. Барем да се поучат од некој настрадан народ на тој план. На пример, неодамна (за тоа пишуваше и „Нова Македонија“) алжирската влада донесе два важни закони: првиот е „демократската“ Франција да им плати репарации за француската колонизација, која траела цели три столетија, и второ закон Французите да им се извинат на Алжирците за францускиот обид да ги асимилираат културно и идентитетски од Арапи во Гали. А ние направивме ли нешто слично со Грците и Бугарите, па и со Англичаните, од кои зедовме, за мене лично мистериозен, заем од шест милијарди евра? А, да сум јас премиер или претседател би им рекол, тоа е само еден мал дел од репарациите што треба да ни ги платите за бомбардирањето со напалм-бомби 1948, како и за колективната ментална болка што ни ја нанесовте со тоа и која трае и ќе трае. Така. Крај со просторот.
Уште само во една-две реченици по онаа за сите нас, иако тоа некои го знаевме, вест на ЦИА за стоте милиони грчки поткуп за наша идентитетска ликвидација со грчка и цивилизациска кражба на нашето генеричко име. Од политиката, како и досега, не треба да очекуваме многу. Треба неколку наши храбри адвокати да пронајдат уште неколку врвни светски и да направат Бела книга за цивилизациското злосторство врз Македонците, обидот да се изгасне целосно меморијата за нашето повеќемилениумско постоење во сега варварски украденото име. Тоа, според мене, најдобро може да го направи Тони Менкиноски. Значи, ајде да почнеме борба за највредното што го имаме, а ни е украдено!!! Noctirno. De profundis. Мemento mori.































