Фото: Официјална страна на Г7 Самит Италија

Министрите за надворешни работи на земјите од Г7 упатија повик за итно запирање на нападите врз цивили во тековните конфликти и побараа од Иран веднаш да ја врати слободата на пловидба во Ормуската Теснина.

Во заедничката изјава, објавена по состанокот во Франција, во кој учествуваа и Соединетите Американски Држави, се нагласува потребата од „итно запирање на нападите против цивилите и цивилната инфраструктура“.

-Не може да има никакво оправдување за намерното таргетирање на цивили во ситуации на вооружен конфликт, како и за нападите врз дипломатските претставништва – се наведува во соопштението.

Клучна тема на разговорите било затворањето на Ормуската Теснина од страна на Иран, при што министрите ја истакнале „апсолутната неопходност трајно да се врати безбедната и слободата на пловидба“ во овој стратешки важен премин.

Покрај безбедносните прашања, учесниците се фокусирале и на мерки за ублажување на глобалните економски последици, вклучително и нарушувањата во економските и енергетските текови, трговските синџири и снабдувањето со вештачки ѓубрива, кои директно влијаат врз граѓаните ширум светот.