Човек си пати од главата – страда од јазикот

Симболично: јазикот што го употребува човекот е негова внатрешна, сликовита лична карта, негов пасош за комуникација со другите луѓе, со другите светови. Не е случајна поговорката „човекот по говорот се препознава“. Зборувањето не го означува само изречениот збор или само реченицата туку и разумот и интелигенцијата на зборувачот. За теолозите јазикот и говорот се човековата душа, устата го зборува она што му лежи на душата и на срцето, народски кажано. Уште понародски: по јазикот на човека му се мери умот, му се проценува карактерот, му се одредува менталната слика. Во зависност од тоа што и како зборува, човекот го покажува своето материјално и духовно богатство, од една страна, или на површина ги изнесува својата духовна и карактерна беда, од друга.
Во симболиката јазикот се идентификува со пламенот. Тој ги има неговиот облик и подвижност. Како орудие на зборот има неограничена моќ, создава и уништува, возвишува и урнисува. Зборот е сила, зборот е моќ. Тој зборува за нас самите какви сме и какви се пред нас другите. Го споредувале со мерникот од вагата: тој е оној што суди. Во зависност од она што го кажува, јазикот е праведен или злобен, дрзок, лажлив, поган или зол. Јазикот во комуникацијата може да биде извор на конфликти, на кавги.
Да се знае да се контролира јазикот значи дека се достигнала зрелост, дека се владее со себе. Тој е орган за вкус, но и за расудување според сопствен вкус, тој прави разлика меѓу доброто и злото, тој сече, затоа кај некои народи се изедначува со нож или брич, а кај други се смета за поопасен од пиштол. Има една фраза што вели дека „многумина загинале под сечилото на мечот, но побројни се оние што паднале поради сопствениот јазик“‘. Или народски: колку што си пати човек од главата, уште повеќе си страда од долгиот јазик! Македонскиот јазик има речити поговорки на оваа тема: го чеша јазикот; го одврза јазикот; го пуштил јазикот пред умот; јазикот му е побрз од умот; гризни си го јазикот…
Според стари верувања, злиот јазик е една од четирите неволји што го изопачиле светот, покрај убивањето, блудот и идолатријата. Според библиската традиција, оној што изговарал зол збор, на некој начин се сметал за злосторник. Уште во старозаветните библиски псалми се пее: „Сака ли човек да живее и да види добри денови, нека ги воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги, нека се клони од зло и нека прави добро, да бара мир и да врви по него“. Апостолот Јаков пред две илјади години рекол: „Сите ние грешиме, нема безгрешен. Но оној што во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузди и целото тело. Зашто јазикот е мал орган, но големи работи зборува. Мал оган што и голема планина запалува. Јазикот никој не може да го скроти, тој е немирно зло и полн со смртоносен отров, со него го благословуваме (му се молиме) Господ, но со него и ги колнеме луѓето. Од истата уста излегуваат и благословот и клетвата, но лошиот јазик целото тело го осквернавува“.
Јазикот како корисно средство за ширење љубов, знаење, вистини, правда, мир и толеранција во исто време може да послужи за ширење лаги, измами, ујдурми, расколи, непријателства, за поттикнување војни. Може да биде средство што човека ќе го однесе во пропаст. Јазикот извишува, но со погрешни зборови урнисува, има безброј такви примери. Човека ништо не може повеќе да го посрамоти, одошто самиот понекогаш се посрамотува преку сопствениот речник.

Според начинот на користење на јазикот, службено, професионално, приватно, како дијалог или како монолог, човекот самиот себеси се наредува или во друштво на чесните и вистинољубивите или во друштво на неморалните и измамниците. Особено ако говорењето ја покажува својата опачина – „озборувањето“, кое, иако е составен дел од човечката природа, во многу случаи носи застрашувачки последици. Тука можеби најсоодветна би била поговорката „јазикот коски нема, ама коски крши“!
Говорот е обележје на интелигентното битие, на единката, заедницата, етносот, нацијата и во поширока смисла ги прикажува духот и културното рамниште на еден народ и на една држава. Тој е составен дел на менталната структура на едно општество, душата на една култура, на една заедница. Јазикот го претставува човекот како човечко битие, како член на општествената заедница и како поединец, различен од неговите предалечни предци и од четириножните животни.
Како што погоре рековме, говорот е обележје на интелигентното битие, на единката, на заедницата, етносот, нацијата. Се смета дека јазикот сам по себе и по својата природа може да ја кажува само вистината и дека тоа му дава боја на општеството, ги прикажува духот и културното рамниште на еден народ или држава. Говорната некултура, јазикот на власта и бирократијата е јазик на манипулација, на продавање магла. Западниот свет своите слабости ги прикрива со вешти говори. Употребува најубави зборови за најгрдите работи. Кога слушаш како зборува некој тамошен висок функционер, вклучувајќи ги оние од ЕУ што доаѓаат како надгледници или посредници во Македонија, не може да се препознае дали станува збор за ѓавол или за ангел, на крајот се покажува дека го имал лицето на првиот. Несомнено дека тие со својот говор (да не зборуваме за однесување) влијаат на јавното мислење, а истовремено го уриваат реномето на функцијата, како и дигнитетот на институцијата што ја раководат.

И така кај нас, ако половина министри, заменици, пратеници, началници, вклучувајќи и ниски претставници на администрацијата, ако јавни личности во областа на политиката, културата, уметноста, новинарството и слично, во својата каква било комуникација, формална и неформална, се служат со примитивни мисли, со пцости, со недолични зборови, ако немаат периз на јазикот, тоа само по себе покажува дека не станува збор за поединечна, туку за општествена појава. Човек без говорен бонтон, неучтив, невоспитан, некултурен и неодмерен во говорот, човек без говорна елеганција не може да просперира во модерниот свет, не само политички туку воопшто како личност што се стреми кон успешна кариера.
Секој паметен се чува од напластување на вербални деликти, кои не се казниви по закон, но се опасни по морал. Зашто простотилаците на функционерите, избраниците од народот, на јавните и познати личности не ги погодуваат само оние кон кого тие отровни стрели се насочени туку и целата јавност воопшто. Несомнено е дека тие со својот говор (да не зборуваме за однесување) влијаат на јавното мислење, а истовремено со својот расипан речник го уриваат реномето на функцијата, како и дигнитетот на институцијата што ја раководат.