Наполеонски десант на македонскиот устав

  • Имаме и знаење и умеење, треба и повеќе да си веруваме, дека она што ни се филува како уставни реформи, и тоа во делот за малцинствата (кој во ЕУ поминал низ ваков процес???), е најопасната стапица во која може да влезат целата нација и државата. За нас е важно овде дома да го елиминираме протоколот 2, затоа што е мини-државен удар на еден министер, затоа што тој записник е направен спротивно на собраниска резолуција и затоа што во Македонија Собранието е над Владата, а не обратно. За нас тој нема ниту правна валидност, ниту, пак, треба да претставува наша обврска. Кога Бугарија би презела обврска и таа да го признае македонското малцинство, тогаш и тој протокол би имал смисла и би бил во насока на добрососедство

Чуден сон сум сонил пред некој ден, а домашните ми рекоа дека треба малку да се опуштам. Па, се опуштам, затоа спијам, ама од каде да знам кој ќе ми влезе во сонот. Мене ми дојде една голема европска политичка легенда, лично Франсоа Митеран. Навистина чуден сон и веројатно такви соништа им припаѓаат на новинарите, оти кој друг би сонувал мртов политичар. А важен. Биографија висока колку Ајфеловата кула. Му служел дури и на Виши режимот, воспоставен од маршал Петен за да им слугува на нацистите, но потоа ја фатил вистинската страна и влегол во Отпорот, што ќе рече на победничката страна на историјата. Ете, тој Митеран организирал предавање на еден универзитетски кампус, на кој јас сум дошол, сум си седнал на една клупа на отворено, а публика, што би рекле, чат-пат. Слабо, да не кажам ептен малку. Митеран нешто зборува, а јас го слушам и на крајот му поставувам прашање, нормално, за Македонија. И го потсетувам на дамнешна прес-конференција, го потсетувам на Лисабонската декларација од 1992 година, каде што Франција ја фрли картата и рече: Никогаш нема да признаеме држава со име Македонија. Во тој момент удри едно страшно невреме и настанот така заврши. Јас барам одговори на овој мој сон, некоја симболика, порака… Барам и решение на таа француска клетва дека никогаш нема да признаат држава под име Македонија, клетва што ја продолжи и еден Жак Ширак (фин господин, отмен, висок, прав даса и државник, ама и тој со клетвата) и, ете, ја продолжува и Емануел Макрон забетонирана со француска рамка, како некаков Вилеров гоблен или поарно глогов венец за Македонија пред да ја пуштат уставно реформирана да влезе во Европската Унија.
Мислам дека тука некаде го имам значењето на сонот. И вие можеби ќе си речете дека јас го измислувам ова, но ќе ви кажам дека тоа не е точно – токму тоа го сонував. И има причина. И во сонот ме мачи клетвата, и во сонот барам одговори – каде оди Македонија, за што ја токмат мојата земја?

Наскоро некои од овие наши прашања и дилеми ќе добијат одговори. Какви? Можеме да претпоставуваме, но Брисел и некои европски центри многу високо ја кренаа летвичката преку која Македонија мора да прескокне ако сака да почне разговори за членство. Највисоката се секако уставните реформи и тука имаме сериозни проблеми како нација. Другите критериуми се во ред, и тие во пакетот Копенхашки критериуми – слобода, демократија, права, отворен пазар, борба со корупција… Зошто ЕУ како ултимативно барање ни го поставува критериумот „уставни реформи“ во делот на малцинствата (кај нас, затоа што измисливме топла вода, делови од народ)? Одговорот е едноставен – такви сакаат да нѐ видат во ЕУ. Ние ќе одговориме – никакви, без идентитет, како некоја нова недефинирана нација во која „деловите од народот“ имаат сѐ, и историја и традиција и култура и јазик, а тие што ја создадоа државата Македонија, значи Македонците, да ги снема.
Наскоро ќе се расправа за извештајот на пратеникот во ЕП, Томас Вајц, ќе има амандманска битка. Ќе се читаат стотината амандмани поднесени од бугарски пратеници, кои, гледај чудо, исто како и француската политика и тие не можат да смислат држава со име Македонија, па Македонци, па македонски јазик, македонска историја, ништо што има македонски национален код, а соседи. Во ред, македонската дипломатија можеби и по тајни дипломатски канали успеала да го наметне своето барање за правно проценување на протоколот 2 постигнат со бугарската страна кога министер беше Бујар Османи, и тоа можеме да го оцениме како сигнал дека дипломатијата има алатки и можности многу нешта да смени во своја корист. Сега ова прашање за легалноста на тој фамозен протокол ќе го оценуваат некои правни анонимуси во Брисел и тие ќе ја одредуваат судбината на една нација и држава. Замислете?! Ако имате чувството дека некој сака да си игра мачка и глушец, и јас мислам дека сте во право. Но, нека си ја тераат работата. Ние да се вратиме на нашиот терен, затоа што од нас зависи нашата иднина. Овде се носеле и ќе се носат важните одлуки и тоа треба да биде забетонирано мислење и став, затоа што времето сега кажува дека суверенизмот е главната политичка филозофија.
Краток осврт на два клучни настана: На „29 јули 2021 година, Собранието на Република Северна Македонија донесе Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции“. Во точката 1 стои: Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ“… Па, во точката 7 е истакнато нешто што е клучно и темел на еден правен поредок: Собранието ја обврзува и ја насочува Владата, но и сите надлежни органи задолжени за надворешната политика и евроинтеграциите, да постапат во рамките на позициите утврдени со оваа резолуција“.

Клучно е дека Собранието ѝ дава обврска на Владата, а не обратно. Но потоа се случува еден вид државен удар, преку кој се уриваат државните позиции во преговорите со Бугарија и со ЕУ. На 17 јули 2022 година (точно по една година од донесувањето на собраниската резолуција) во Софија се одржува Втората меѓувладина комисија, на која тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи ќе стави потпис на тој таканаречен протокол 2, што е всушност записник од состанокот со неговата колешка Теодора Генчовска. На тој состанок, на кој убаво се гледа дека е барање на Софија, Османи ставил потпис и на овој услов: „Владата на РСМ се согласува на следната меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство на РСМ да се одржи откако во сила ќе влезе измената на Уставот на РСМ за вклучување на оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата или се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, согласно внатрешните процедури, вклучително и уставен закон за нивно спроведување“. Ете, тоа е тоа – сме го кажале многупати, ќе го повториме: без согласност од Собранието, еден министер се кренал над Уставот и законите и решил во свое име да се обврзе дека ќе преговараме за членство, што не значи дека тоа членство и ќе го добиеме, само ако ги внесеме Бугарите во Уставот. Според она што неофицијално се препознава, со тој уставен закон ним ќе им се обезбеди статус на државотворен дел од народ, а можеби нема да биде дел, туку само народ. Ако кон ова се додаде што сработила заедничката историска комисија, работите воопшто не се добри за она што ние сѐ уште го имаме како наше и како свое. Затоа што е предвидено да се менува од историја до химна.
Ако можеме да зборуваме за некаква добра страна, тоа секако е дека протоколот, барем кај нас, нема некоја правна сила. Македонското собрание треба да се повика на консензуално усвоената резолуција и едноставно да го анулира тој записник на кој се потпишал Османи и за тоа да ја информира Бугарија. Договорот со Бугарија е билатерален и Македонија може елегантно да го направи тоа. Една од причините за тоа е што тој протокол не е изразена волја на собраниското мнозинство, кое го претставува и мнозинството на избирачите во Македонија, што, секако, е дефиниција, смисла и поента на една демократија. А штом е тоа така, штом тоа предизвикува негативни реакции, тој протокол е во директна колизија со суштината на Договорот за добрососедство. Тоа што само едната страна е задоволна од протоколот, значи Бугарија, кажува дека и Договорот и фалшив, затоа што не го почитува начелото на рамноправност и реципроцитет. Кога на пример бугарската страна би се согласила да го признае македонското малцинство во Бугарија, тогаш и овој втор протокол би имал смисла.
Сега секако дека е на место да го поставиме и прашањето овде дома за да си најдеме одговор и натамошно дипломатско оружје: Дали ние сме пристапиле кон Европската конвенција за човекови права? Одговорот е да. Дали таа конвенција е над домашното законодавство, односно принципот на супсидијарност? И тука велиме да. Дали Македонија ја потпишала и ратификувала Рамковната конвенција за националните малцинства? Секако да. Е па, тоа се тие гаранции за малцинствата. Наместо да се открива топла вода, Македонија треба да се држи до своите закони, но и до меѓународните конвенции што ги потпишала. Треба да покажеме дека сме дел од тоа европско семејство, без страв и со верба во себе. Дека ќе има пречки, секако ќе има, но тоа не значи дека ако еднаш паднеш, не треба и да станеш и да продолжиш понатаму. Целата оваа операција со уставните измени личи на Наполеоновите војни, кога тој собирал војска од разни држави за да освои што е можно поголема територија. Но знаеме како завршил, затоа што тие што си го бранат суверенитет, тие опстојуваат и имаат можност да ја пишуваат историјата. Сепак, сме стара нација, меѓу најстарите народи, кои пред повеќе од 2.000 години знаеле што е демократија.