Привршува реконструкцијата на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје и од новата академска 2026/2027 година во нив ќе почне сместувањето на студентите.
– Од 1 октомври очекувам студентите да влезат во реконстуираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, а до септември најдоцна очекувам да почнеме реконструкција и реновирање на сите други студентски домови во Македонија – изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на регионалната конференција за високото образование, која денеска и утре се одржува во Скопје под покровителство на МОН.
Со заем од Германската развојна банка и грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија во план е темелно реновирање на деветте државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и во Охрид.
Реконструкцијата на државните студентски домови е во рамките на проектот за нивна енергетски ефикасна рехабилитација и ќе се одвива во фази. Во првата фаза се реновираат домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје за што е склучен договор со компанијата „Страбаг АГ“, која ги изведува градежните активности, пренесе МИА.































