Самостојната изложба на Моника Десоска е отворена до 2 април во културниот центар „Јадро“. Десоска ѝ се претставува на ликовната публика со серија дела од циклусот „Моменти низ времето“.
– Несебично ја споделува својата животна ретроспектива преку свое самооткривање. Сеќавањето опстојува како белег низ димензиите на времето толкувајќи го човековото постоење. Го буди копнежот, носталгијата во нас и ни помага да ја согледаме животната трансформација. Тајни скриени длабоко во мислите, ги евоцираат спомените, ги поттикнуваат соништата и ја будат надежта. Делата сведочат за детските мечти, безгрижните дни, за едно време што душата ја храни. Драматичните промени и носталгичните импулси го откриваат уметниковиот сензибилитет преточен низ играта на изразениот контраст. Препознатливата нота на тактилниот допир ја рекреира нераскинливата врска на нејзиниот слободен дух со природата. Централната композиција го акцентира дејствието и нѐ повикува заедно да го започнеме самооткривањето – вели Ана Јосифовска за изложбата.