Еден поглед на државите со кои граничи Иран – нивниот статус и нивните перспективи и одржливост во иднина
- Во моментов заливските монархии се наоѓаат во стратешка стапица. Тие не можат да си дозволат победа врз Иран без американска поддршка, но исто така не можат да си дозволат ниту долготрајна војна. Секое продолжување на конфликтот ја нагризува нивната економска состојба, ја зголемува нивната безбедносната ранливост, но над сѐ ги отвора прашањата за нивната основна, егзистенцијална одржливост поврзана со храна и вода
- Воената ескалација меѓу Иран и околните земји во Персискиот Залив, (поттикната од агресијата на САД) го турна тој регион во најопасната фаза од неговата современа историја. Она што со децении се градело како внимателно балансиран простор на богатство, трговија и контролирана стабилност, денес се распаѓа под притисок на реалноста што сѐ потешко и потешко може да се менаџира и политички и дипломатски и безбедносно…
Агресијата и војната што ги отворија САД со Иран, ја доведуваат во прашање американската заштита на нејзините земји сојузнички од Заливот и отвораат не само економско-финансиски и социјални предизвици во регионот туку и егзистенцијални дилеми и потреби, и тоа за вода и храна и воопшто за иднината на развојот на пооделните монархии од Заливот со кои Вашингтон соработува.
Воената ескалација меѓу Иран и неговите противници во Персискиот Залив, поттикната од агресијата на САД, го турна споменатиот регион во најопасната фаза од неговата современа историја. Она што со децении се градело како внимателно балансиран простор на богатство, трговија и контролирана стабилност, денес се распаѓа под притисок на реалноста што сѐ потешко може да се менаџира и дипломатски и политички и безбедносно.
Според многу аналитичари, „ова не е војна што заливските монархии ја посакуваа“!
Но сега, кога веќе започна и не завршува со брза и одлучна интервенција на САД, нивниот најголем страв не е повеќе самиот конфликт, туку можноста тој да трае, да се продлабочи и на крајот да заврши со опстанок на Иран и повлекување на американското присуство и на заштитата за земјите што соработувале со САД, од тој регион. Дури и во едно од неофицијалните барања во документот што Иран наводно го разменил со САД се наведува дека Иран за прекин на огнот, меѓу другото, ќе бара повлекување на американските бази од регионот. Се разбира, ова од американска страна беше окарактеризирано како несериозно барање, но кај заливските земји сепак постои одредена доза на несигурност околу идната констелација на односите.
КРАЈ НА КОНФОРМИЗМОТ НА ЗАЛИВСКИТЕ МОНАРХИИ
Долги години држави како Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар градеа модел на развој што се потпираше на три столба, и тоа прво безбедност гарантирана од САД, второ контролиран регионален баланс со Иран и трето агресивна економска диверзификација.
Тој модел функционираше сè додека ризикот од директен судир остануваше теоретски. Но нападите врз нафтената инфраструктура, пристаништата и урбаните центри ја урнаа таа претпоставка. Одеднаш, регионот што се претставуваше како сигурно засолниште за капитал и инвестиции стана зона на висок ризик.
Особено критичен момент беше загрозувањето на Ормускиот Теснец, морскиот проток низ кој минува(ше) значителен дел од светската енергија. Кога се покажа дека таа рута може да биде парализирана или континуирано загрозена, целиот економски модел на Заливот влезе во состојба на шок, а сега и на агонија.
ДВОЈНАТА СТРАТЕГИЈА НА ЗАЛИВСКИТЕ ДРЖАВИ ВЕЌЕ НЕ ФУНКЦИОНИРА
Монархиите со години играа сложена игра. Од една страна се потпираа на американската воена моќ, а од друга одржуваа канали на комуникација со Техеран за да избегнат директна конфронтација.
Оваа „двојна стратегија“ им овозможуваше да инвестираат во мегапроекти, да развиваат туризам, финансиски центри и технолошки зони, без страв од дестабилизација. Но денес таа рамнотежа е распадната. Иран покажа дека има капацитет да удри токму таму каде што најмногу боли, директно во економската инфраструктура и во перцепцијата на сигурност. Со тоа, не само што ја зголеми цената на конфликтот туку и секоја долгорочна инвестиција ја направи неизвесна.
ПАНИКА ЗАД ОТВОРЕНАТА ПОДДРШКА ЗА САД?
Сè поостриот јавен дискурс од страна на заливските престолнини, имено повиците до Вашингтон да продолжи со воената кампања до „конечно решение“, не е израз на самодоверба, туку на длабока несигурност. Во основа, станува збор за страв од сценарио во кое, на пример „САД се повлекуваат или го намалуваат ангажманот“ или пак „Иран излегува од конфликтот ослабен, но не и поразен“, односно песимистичкото сценарио „регионот да остане во долготрајна нестабилност“…
За монархиите, тоа е најлошата можна комбинација. Тие не располагаат со безбедносна архитектура што може самостојно да ја замени американската улога, ниту пак имаат политичка флексибилност за брзо приспособување на нов баланс на моќ.
ЕКОНОМИЈА ВО СЕНКА НА ВОЈНАТА
Најголемата жртва на оваа криза е меѓудовербата во регионот. А довербата е клучната валута на модерните економии на Заливот. Мегапроектите како нови урбани центри, логистички хабови и туристички дестинации зависат од перцепцијата на долгорочна стабилност. Во услови кога ракетните напади и ризикот за поморски транспорт стануваат „нова нормалност“, таа перцепција исчезнува. Последиците се повеќеслојни. Тие се идентификуваат со поскапување на осигурувањето за транспорт и инвестиции, со одложување или откажување на странските вложувања, со зголемена нестабилност на енергетските пазари итн. Со други зборови, визијата за „постнафтена иднина“ се доведува во прашање токму во моментот кога требаше да стане реалност.
НЕИЗВЕСНА ИДНИНА
Во моментов заливските монархии се наоѓаат во стратешка стапица. Тие не можат да си дозволат пораз на Иран без американска поддршка, но исто така не можат да си дозволат ниту долготрајна војна. Секое продолжување на конфликтот ја нагризува нивната економска визија, ја зголемува безбедносната зависност и отвора прашања за основната одржливост.
Затоа нивната реторика станува поостра, а нивната позиција сè поранлива. Војната што не ја посакуваа, сега станува тест за нивниот опстанок, и тоа не само како економски центри туку и како држави што треба да обезбедат вода, храна и стабилност за своето население.
И токму во таа точка Заливот влегува во фаза во која повеќе не станува збор само за геополитиката туку и долгорочната одржливост и опстанок. Р.С.
УШТЕ ЕДНАШ ЗА НАЈСУШТИНСКИОТ ПРЕДИЗВИК НА ЗАЛИВСКИТЕ ДРЖАВИ
Недостигот од вода и храна е есенцијален проблем!
Можеби најпотценетиот, но најопасен аспект на кризата е прашањето на основната егзистенција. Заливските држави се меѓу најзависните во светот од увоз на храна и од енергетски интензивни процеси за десалинизација на вода. Во услови на војна, овие системи стануваат ранливи на два начина: Прво, секое нарушување на поморските рути директно го загрозува снабдувањето со храна. Второ, енергетската инфраструктура што ја напојува десалинизацијата станува потенцијална цел. Ако конфликтот се прошири или продолжи, ризикот не е само економски туку и хуманитарен.
За тој аспект на егзистенцијална криза пишувавме пред неколку броја во нашиот весник „Нова Македонија“, но сепак да повториме дека станува збор за „недостиг од пивка вода, за нарушени синџири на снабдување со храна, како и за раст на цените и социјален притисок“.
Тоа ја отвора најдлабоката дилема. Имено, дали моделот на живот во пустински услови, изграден врз евтина енергија и глобална трговија, може да опстане во услови на геополитичка нестабилност? Засега, со одолжувањето на војната, тоа станува сѐ потешко и потешко. Р.С.



































