Уставните измени како повод: Политичка зрелост како предуслов, а не уставни измени под притисок или како формалност
Деновиве во Уставниот суд се одржа тркалезна маса на темата „Воведување уставна жалба“, организирана со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. На настанот воведно излагање имаа претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Излагања имаа и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, и претставници на институции, експертската и академската јавност.
Тоа беше и повод во редакцијата на „Нова Македонија“ да се направи една тимска, редакциска опсервација и да се извлече суштинското битие од дебатите, кое во највисок степен би ја интересирала македонската јавност и би имало суштинско значење за јавниот интерес. Во продолжение е редакцискиот текст за клучните работи во врска со предизвикот и односот кон највисокиот правно-политички акт на нашата држава – Уставот на Република Македонија.
- Условите за отворање на Уставот сè уште не се созреани! Ваквиот став, кој го споделија и македонскиот премиер и претседателот на Уставниот суд и кој беше изразен и во јавноста, претставува значајна политичко-правна позиција со далекосежни импликации за идниот развој на реформските процеси во нашата земја
Во момент кога прашањето за уставни измени повторно се наметнува како централна тема во јавниот и политичкиот дискурс, клучните институционални актери во државата испратија јасна и усогласена порака:
Условите за отворање на Уставот сè уште не се созреани! Ваквиот став, кој го споделија и македонскиот премиер и претседателот на Уставниот суд и кој беше изразен и во јавноста, претставува значајна политичко-правна позиција со далекосежни импликации за идниот развој на реформските процеси во земјата.
Позиција на македонската влада: Политичка кохезија пред уставни интервенции!
Премиерот недвосмислено потенцира дека Владата во овој момент не размислува за отворање на Уставот! Овој став не произлегува од отфрлање на потребата за реформи, туку од реална процена на политичките и општествените услови. Во својата аргументација премиерот укажува на неколку клучни фактори.
Прво, отфрлање разговори со наметнати уцени и ултиматуми за да направиме уставни измени. Второ, отфрлање на сите конструктивни предлози од македонска страна што ги тангираат прашањата за уставните измени. Трето, наш внатрешен недостаток од политички консензус за природата и карактерот на уставните измени. Натаму, моментот на чувствителноста на јавноста кон уставните прашања, вклучувајќи ги и историското оптоварување поврзано со претходните уставни измени и ризикот од дополнителна внатрешна поларизација.
Оваа позиција имплицира дека уставните измени не смеат да бидат резултат на моментални политички притисоци и калкулации, туку на широк општествен договор.
Дефицитот од консензус како клучна пречка
Една од најзначајните констатации што произлегуваат од изјавите на власта е постоењето на сериозен дефицит од политичка координација, општествен договор и согласност, како и национален консензус. Исто така и процедурално, во услови кога уставните измени бараат двотретинско мнозинство, отсуството на согласност меѓу политичките актери претставува суштинска пречка.
Дополнително, прашањата поврзани со евроинтеграциите, идентитетските теми и системските реформи ја усложнуваат можноста за постигнување заедничка платформа. Во таков амбиент, секој обид за отворање на Уставот би можел да резултира со половични решенија, подлабока поларизација, застој во реформите и развојот, па дури и институционална блокада.
Клучен елемент во целата дебата е и прашањето за демократскиот мандат. И Владата и Уставниот суд индиректно укажуваат дека во моментот не постои јасно изразена волја од граѓаните за отворање на Уставот.
Оваа позиција ја нагласува важноста на легитимитетот во процесот на уставни измени. Без јасна поддршка од јавноста и без вклучување на стручната и пошироката општествена заедница, секоја интервенција во Уставот би била ризична и потенцијално контрапродуктивна.
Квалитетни реформи, а не по секоја цена
Суштинската порака што произлегува од актуелната состојба е дека уставните измени не се само правно прашање туку пред сè политички процес што бара зрелост, стабилност и доверба. Во услови на политичка фрагментација и општествена чувствителност, инсистирањето на брзи решенија може да создаде повеќе проблеми отколку што ќе реши.
Оттука, позицијата на институциите може да се толкува како обид за одложување на процесот додека не се создадат услови за негово суштинско и одржливо спроведување.
Двете клучни констатации што произлегуваат од премиерот и Владата, а и од претседателот на Уставниот суд, се јасни.
– Во овој момент нема отворање на Уставот и не постојат политички услови за тоа!
Тоа не значи откажување од реформите, туку одложување на отворањето и измените во Уставот до моментот кога тие ќе можат да бидат спроведени на квалитетен и инклузивен начин.
Во спротивно постои ризик државата и граѓаните да добијат измени што нема да придонесат за унапредување на политичко-правниот систем, туку ќе ја продлабочат постојната кршлива уставноправна состојба, наметната со веќе надминати и застарени одредби во Уставот, стипулирани во едни други нестабилни услови, но и вметнати фалшиви амандмани, кои суштински го менуваат карактерот на државата чиј концепт беше далеку од оној што подоцна го наметна и меѓународната заедница, по терк што таа го замисли како конструктивен или, подобро речено, во функција на стратегиските долгорочни цели што ги имаа одредени либерални центри на моќ.
Затоа сега, наместо брзање, потребно е трпеливо градење поширока општествена согласност, како единствена гаранција дека идните уставни измени ќе бидат во функција на долгорочниот развој на државата и заштитата на националните интереси во форма на национален устав со еден носител на државноста, македонскиот народ и сите преостанати конститутивни малцинства што активно учествувале во долгата историја до создавањето на македонската држава. Н.М.
Кус осврт и кон институцијата „Уставна жалба“ како сегмент од еден интегрален зафат во Уставот, а не како парцијално решение
Прашањето за воведување уставна тужба се наметнува како дел од пошироката дебата за функционалноста и комплетирањето на правниот систем. Фактот што Уставниот суд функционира без посебен закон го издвојува македонскиот модел од европската практика, што отвора дилеми за институционалната дооформеност и правната сигурност.
Сепак, како што беше нагласено, воведувањето уставна тужба не е техничко прашање, туку суштинска уставна интервенција. Но, сепак, како уште еден сегмент од интегралниот пристап за поширока интервенција, по отворање на Уставот. Тој сегмент бара измена на највисокиот правен акт, како и донесување двотретински закон што ќе ги гарантира независноста и самостојноста на Уставниот суд. Ова јасно укажува дека станува збор за комплексен и политички чувствителен процес, кој не може да се третира изолирано од поширокиот политички контекст. Н.М.
































