И АМБАСАДОРОТ НА ОБСЕ ВО СКОПЈЕ ПРЕДУПРЕДУВА ДА НЕ СЕ БРЗА СО УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

  • Нашата детекција по консултации со уставни експерти и политичари и искуството во други држави е дека сега не е време за уставни реформи. Главна причина е што прво мора да се расчисти со флагрантните правни недоследности и кршења на Уставот и законите, што нам, на нацијата, ни ги остави во наследство поранешната влада на СДСМ/ДУИ, како и неповолната глобална состојба, каде што владеат законите на џунглата. Затоа Македонија сега треба длабински, аналитички и стручно да влезе во процесот на уставните реформи, притоа водејќи се од асномските начела и сувернистичките принципи на 21 век

Амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, е во право кога вели дека, во слободен превод, „Рим не е изграден во еден ден“, а ние би додале – но „варварите би можеле да го урнат прекуноќ“. На тркалезната маса во Уставниот суд во понеделникот се дебатираше за „Воведување уставна жалба?“, а прашалникот на оваа дебата е од големо, а ние сметаме и од клучно значење. Затоа германскиот дипломат Вал предупредува – не брзајте! Пораката е да не брзаме со уставните реформи, затоа што ако сакаме, а треба, да го воведеме институтот уставна желба, тоа ќе значи и отворање на мочуриштето во кое многу фактори и играчи се надеваат нешто да искористат со реформите на Уставот, па макар тоа било и на штета на државата. Најголемата замка е дека тоа се прави заради влез во ЕУ. Не. Такви големи реформи се прават откако ќе влеземе во ЕУ, и тоа како државен субјект, а не како безвреден објект, кој само извршува, а не креира и не гради систем според потребите на граѓаните и жителите на Македонија, а секако и на нејзините иселеници.
Дали токму сега е потребно хируршка интервенција на Уставот, дали треба да се отвора градниот кош на Македонија?
Во овој европски и глобален хаос, во услови кога владее законот на џунглата во светските односи, кога гледаме дека се ликвидираат групи, поединци, се вршат воени акции без преседан, она што меѓународното право го нарекува убиство наместо судење, Македонија ќе треба да зацапа во мински полиња со уставните измени. Секако, политиката разбрана како прагматичен начин на решавање на проблемите веднаш го отфрла тоа.

НАША ДЕТЕКЦИЈА – УСТАВ ЗА 21 ВЕК, А НЕ ЗА КОМШИИТЕ

Тоа што редакцијата на „Нова Македонија“ го детектира од уставни експерти и дипломати е дека суверенистичкиот пристап треба да се примени при моделирањето на Уставот за тој да биде приспособлив на 21 век. Тоа значи дека македонската нација е носителот на суверенитетот на државата во која сите ги уживаат правата во согласност со меѓународните закони и конвенции. Големо прашање е како да се прават уставните измени кога статистички сме во аут, односно спроведовме фалшив попис, па дури внесовме и „нерезидентно население“. Уште една фуснота испратена во „Евростат“!?
Да се навратиме на фамозните експерти и нивниот предлог за менување на Уставот – тие дојдоа откако владејачката коалиција СДСМ/ДУИ во јули 2022 година фрли пепел врз собраниската резолуција од јуни 2021 година за преговори за членство и решија да распродадат сѐ што е атрибут на македонската држава, државност и суверенитет, како и уставен континуитет. Па, дури отидоа и чекор напред и смислија нешто што го нема во правната практика на ЕУ и Европа.

НАПАД НА ПРЕАМБУЛАТА, АТАКА И ВРЗ АСНОМ

Предложените измени од експертите, кои не поминаа во Собранието зашто немаше двотретинско мнозинство, беа: Интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, по зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ. Во согласност со ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на паритетот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во преамбулата на Уставот.
Ова механичко сакатење на преамбулата е направено пред сѐ под диктат на Софија и нејзината пропаганда по секоја цена да навлезе со политика на бугаризација на Македонија. Но, притоа таа го напаѓа и македонското малцинство во соседството. Проблемот ќе биде поголем затоа што како делови од народ овие предложени измени препознаваат и делови од тие народи и во дијаспората. Како во иднина ќе препознаваме што е македонска дијаспора, македонско малцинство…? Под сериозно прашање се доведува и она што се нарекува македонско наследство.
Во оптек се и предлози јазикот што го говорат 20 проценти да се замени со албански јазик, па Бадентеровиот принцип да влезе во Уставниот суд… А кога зборуваме за отворање на Уставот, треба да имаме предвид дека Уставниот суд го поништи таканаречениот „балансер“, односно два закона што се косеа со Уставот. А, сега на ред е Законот за употребата на јазиците, уште еден закон што е противуставен. Дали ќе го ставиме ад акта, како што треба, и ќе се вратиме на тој од 2018 година?

УСТАВОТ ТРЕБА ДА ЈА ЧУВА УНИТАРНОСТА

Нефункционален, крајно загрозувачки за унитарниот карактер на државата, скап и не промовира национална кохезија, се стручни оценки изнесени за „Нова Македонија“ во врска со Законот за употребата на јазиците. Дали по седум години од неговото усвојување и примена, која дури е проследена и со присила и казни, се разбра дека тој ќе мора да се стави ад акта (во фиока) и да се донесе нов? Првиот чекор со укинувањето на балансерот е направен во таа насока, а годинава би требало Гордиевиот јазол да го пресече токму Уставниот суд. Иако со ова се доцни, зашто двојазичноста отиде над уставните рамки, па денес имаме државни институции во кои албанскиот јазик е пред македонскиот. Видете ја таблата на Универзитет „Мајка Тереза“ и ќе ви стане јасно. И оттука е и прашањето – дали токму Владата финансира неуставен универзитет?
Тој контроверзен и неуставен закон за употреба на јазиците стапи во сила и на сила во март 2018 година, со потписите на Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија, на Неџбедин Ибраими, заменик на генералниот секретар на Собранието на Република Македонија, а под името на тогашниот претседател Ѓорге Иванов нема потпис. Зошто? Кратко и јасно – тогашниот претседател, кој го извршуваше вториот мандат, инаку универзитетски професор од Правниот факултет, оцени дека тој закон е противуставен и ја загрозува унитарноста на државата Македонија. А, без потписот на претседателот на државата законот е мртво слово на хартија.
Но, и без неговиот потпис законот, како и неколку претходни, се протурка објавувајќи го во „Службен весник“, официјален орган, кој од тогаш и тој станува двојазичен – излегува на македонски и на албански јазик.


Клучните предлози

– Клучната промена во преамбулата на Уставот е во делот каде што стои „делови од народи“. Наместо „делови на народи“ треба да стои малцинства. Кај малцинствата, пак, со измена и дополнување на уставната преамбула, би требало да стојат хрватското, црногорското, словенечкото, еврејското, бугарското и египетското малцинство. „Нова Македонија“, веќе подолг период, во своите анализи предага како уставна категорија да стои „конститутивно малцинство“.
– Членовите 49 и 56: Усогласување делови што се однесуваат на грижата за дијаспората и културното наследство со новите малцинства во преамбулата.
– Цел: Исполнување на обврските од преговарачката рамка со ЕУ за отворање на првиот кластер, што е сега предмет на правна анализа во ЕУ, а не треба да биде бидејќи протоколот 2 е класичен билатерален договор надвор од евроинтегративниот процес и Копенхашките критериуми.
– Во текот на дебатата за уставните реформи се очекуваат и лавини други барања, кои можат да навлезат и во историско, културно и религиозно цепење на македонското ткиво.
– Уставните измени треба да поминат низ сите пет фази утврдени со Уставот, процес што би се одвивал најмалку шест месеци, но бидејќи во моментов нема таква политичка волја, се очекува овој процес да потрае подолго.
Процесот се соочува со застој поради барања гаранции за националниот идентитет и реципроцитет, при што Македонија бара одложени дејство на измените, односно тие да стапат во сила откако државата ќе стане полноправна членка на ЕУ. Х.И.