Во последното деноноќие, полицијата привела седум лица поради семејно насилство, додека со уште две лица бил извршен службен разговор, од вкупно 10 пријавени случаи – соопшти Министерството за внатрешни работи.
Инцидентите се регистрирани во повеќе градови, меѓу кои Скопје, Охрид, Тетово, Куманово, Струмица, Прилеп, Кавадарци и Велес.
Меѓу посериозните случаи, во скопската општина Кисела Вода бил приведен 42-годишен маж поради физички напад врз сопругата, која и претходно пријавувала насилство. Во Охрид, пак, 44-годишен маж бил лишен од слобода поради напад врз својот малолетен син, и покрај тоа што против него веќе биле изречени заштитни мерки.
Во истиот град, службени разговори биле извршени со уште две лица по пријави за физички напади врз нивните сопруги.
Други случаи на насилство се регистрирани и во Тетово, Струмица, Прилеп, Кавадарци и Велес, каде пријавите вклучуваат физички напади, закани и подолготрајно малтретирање на членови од семејството. Во Куманово, пак, била приведена и 50-годишна жена поради напад врз својот сопруг.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случаите, по што против сторителите ќе следуваат соодветни пријави, пренесе МИА.

































