Со програмски наслов „Македонски музички приказни“, денеска во Скопје се одржа јубилејното 10. издание на манифестацијата „Ден на пијаното – Скопје“, кое годинава беше посветено на македонското класично творештво и на домашните композитори. Во исполнетата концертна сала на ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, над 15 млади пијанисти настапија со дела од значајни македонски автори, носејќи ја публиката низ богата и слоевита музичка приказна.
Учениците од основното и средното музичко училиште изведоа композиции од Властимир Николовски, Тома Прошев, Томислав Зографски, Благој Цанев, Благоја Ивановски, Гоце Коларовски и други, покажувајќи зрелост, музикалност и искрен сценски израз.
– Оваа година фокусот го ставаме на македонската музика, за учениците подлабоко да ја запознаат и почувствуваат, а преку неа да го градат својот музички вкус, идентитет и сценско изразување – истакна на отворањето м-р Светлана Димитриевска, организатор на „Денот на пијаното – Скопје“ и раководител на одделот за пијано при „Илија Николовски – Луј“.

Манифестацијата беше концептуално обликувана во четири внимателно осмислени целини: „Музички портрет на Властимир Николовски“, со прониклив осврт на м-р Нора Бајрами за делото на еден од доајените на македонската музика; „Музички портрет на Гоце Коларовски“, претставен од м-р Марија Поп Иванова, негова поранешна студентка; „Музички аранжмани на современите македонски композитори – Борис Светиев“ и „Младинските албуми на македонските композитори“, кои внесоа свежина и динамика во програмата.

„Денот на пијаното“ е дел од глобалната иницијатива основана во 2015 година по идеја на германскиот композитор Нилс Фрам и претставува настан со најдолга традиција во одбележувањето на овој ден во Македонија. Со текот на годините, интересот континуирано расте, привлекувајќи сè поголем број учесници и публика.

Манифестацијата традиционално се одржува на 88. ден од годината – симболичен број што одговара на бројот на клавишите на пијаното – спојувајќи ја симболиката со љубовта кон музиката во едно заокружено уметничко доживување.


































