Општина Кочани навремено го поништила известувањето за користење на паркинг-простор и побарала од Државниот пазарен инспекторат да не издава лиценца за работа на дискотеката Пулс, бидејќи објектот се наоѓал во индустриска зона. Ова на денешното рочиште во судницата во Идризово го истакна сведокот Драги Илиевски, пренесе МИА.
Одговарајќи на прашања од Јавното обвинителство, Илиевски појасни дека објектот се наоѓал во зоната Г2, наменета за лесна и незагадувачка индустрија, каде не е дозволена угостителска дејност од ваков тип.
– Значи зоните не можат да се менуваат. Ме прашавте дали е направена пренамена, не е направена пренамена на тој објект, ниту пак може да се промени зоната и целиот тој локалитет е лесна и незагадувачка индустрија – рече Илиевски.
Тој сведочеше дека на 3 октомври 2012 година Општината првично дала позитивно мислење за користење паркинг-простор на барање на Дејан Јованов од „Класик ДМ“, но подоцна тоа било повлечено откако се појавиле информации дека ќе се отвора дискотека.
– По одредени сознанија дека ќе се отвора дискотека ние го имаме поништено ова известување. Таму наведуваме дека тие паркинзи се лесна и незагадувачка индустрија Г2, а не за дискотеки или барови што ќе се отвораат. Тоа е доставено до Дејан Јованов од ДООЕЛ „Класик ДМ“ – истакна сведокот.
Според него, Општината се обратила и до институциите за да го спречи отворањето на ноќниот клуб. Тогашниот градоначалник Ратко Димитровски побарал информација од Министерството за економија дали е издадена лиценца, а поради недостиг на одговор било испратено барање и до Државниот пазарен инспекторат да не се издава дозвола.
– Да, доставено е и до директорот на Државниот пазарен инспекорат… со договор на градоначалникот јас пишав до директорот… барање за неиздавање на лиценца за дискотека – рече Илиевски.
Тој додаде дека информациите за намената на објектот ги добиле неформално.
– Тоа се зборуваше по градот… како може да се отвора дискотека на тој локалитет којшто е наменет за лесна индустрија – рече сведокот.
Илиевски нагласи дека неговиот сектор нема надлежности за инспекциски надзор, ниту информации дали други институции презеле мерки откако објектот почнал со работа.
Во текот на рочиштето, Судот не дозволи дел од прашањата на обвинителството поврзани со надлежностите на инспекторатот, оценувајќи дека сведокот веќе дал доволни појаснувања.
На прашања од одбраната, сведокот потврди дека објектот бил изграден како индустриски и дека за користење јавни паркиралишта Општината дава мислење, додека дозволата ја издава Министерството за внатрешни работи.
Судот претходно прифати повлекување на дел од сведоците предложени од обвинителството, додека останатите ќе бидат повикани на сослушување.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во земјата, со 63 загинати и над 200 повредени. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска.


































