Русија изрази сериозна загриженост дека конфликтот поврзан со Иран може да се прошири кон Каспиското Море, оценувајќи дека таков развој би имал „исклучително негативни“ последици, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, пренесува Ројтерс.
Песков истакнал дека Москва внимателно ја следи ситуацијата, особено по извештаите за напади врз иранските поморски капацитети во регионот на Каспиското Море.
Според него, Русија е особено чувствителна на развојот на настаните во овој регион, имајќи предвид дека и Москва и Техеран имаат излез на Каспиското Море и стратешки интереси таму.
Кремљ, исто така, посочува дека внимателно ги следи и сигналите од Вашингтон и Техеран, но оценува дека тие се „контрадикторни“, што дополнително ја усложнува ситуацијата.
Русија повика на воздржаност и дипломатско решавање на кризата, предупредувајќи дека секое дополнително ширење на конфликтот може да ја дестабилизира пошироката регионална безбедност.
































