Фото: Маја Јаневска-Илиева

КОЛКУ ДАЛЕКУ МОЖЕ ДА ОДИ ДРЖАВАТА ВО АМОРТИЗАЦИЈА НА ЦЕНИТЕ?

  • Растот на цените на нафтата и гасот не останува ограничен само на енергетските пазари. Тој создава верижна реакција што ги зафаќа транспортот, производството и, на крајот, малопродажните цени. Во такви услови, владите, вклучително и македонската, се соочуваат со сложена задача: како да го ублажат ударот врз стандардот на граѓаните без да го загрозат буџетот

Енергетската криза предизвикана од геополитичките тензии на Блискиот Исток сè појасно ја прелева својата тежина врз секојдневието на граѓаните. Иако на прв поглед станува збор за далечен конфликт, неговите ефекти веќе се чувствуваат на најконкретното место. Тоа се рафтовите со храна.
Растот на цените на нафтата и гасот не останува ограничен само на енергетските пазари. Тој создава верижна реакција што ги зафаќа транспортот, производството и, на крајот, малопродажните цени. Во такви услови, владите, вклучително и македонската, се соочуваат со сложена задача: како да го ублажат ударот врз стандардот на граѓаните без да го загрозат буџетот.

ПРВ УДАР: СВЕЖАТА ХРАНА КАКО ИНДИКАТОР НА ПРЕТСТОЈНАТА КРИЗА

Аналитичарите предупредуваат дека најранливи се токму производите со краток рок на траење. Тоа се месото, млечните производи, рибата, овошјето и зеленчукот. Причината е едноставна и економски логична. Имено, овие производи зависат од скапа логистика, непрекинати синџири и речиси секојдневна испорака. Тоа значи дека секое поскапување на горивото веднаш (инстантно, секојдневно) се пресметува во новата набавна цена, а со тоа и на полицата во продавницата.
За разлика од нив, производи како брашно, масло или тестенини имаат подолг рок на траење и често се купуваат преку долгорочни договори. Тие прво ги „апсорбираат“ старите резерви, па поскапувањето доаѓа со задоцнување.

ГЛОБАЛНИОТ ПРИТИСОК СОЗДАВА ЛОКАЛНО ТЕСНО ГРЛО

Клучниот фактор што ја интензивира кризата е нарушеното снабдување преку Ормускиот Мореуз. Како што напишавме многупати досега, тој е една од најважните енергетски артерии во светот.
Преку оваа маршрута не поминува само нафта туку и значаен дел од глобалната трговија со уреа (клучно азотно ѓубриво). Од почетокот на кризата, нејзината цена порасна за околу 30 проценти, дополнително оптоварена од фактот што за нејзино производство е неопходен природен гас, чија цена исто така драстично расте.
Во меѓувреме, гасот на европскиот пазар поскапе за околу 60 проценти, додека цената на нафтата „брент“ се зголеми за повеќе од 40 проценти, задржувајќи се над 100 долари за барел. Обидите за стабилизација, како што се ослободување резерви или олеснување на санкциите, засега не даваат значајни резултати.

Владини одговори: Мерки меѓу можното и одржливото

Во вакви услови, македонската влада планира системски пристап со мерки и инструментариум од примарен и секундарен карактер.
Примарните мерки вклучуваат намалување на ДДВ за одредени категории производи, со цел директно да се намали притисокот врз крајните цени. Ова е класичен инструмент за краткорочно олеснување, но носи сериозен фискален трошок.
Паралелно, се разгледуваат и секундарни мерки – насочени интервенции за најранливите категории, како и механизми за амортизација на ценовните шокови кај основните прехранбени производи.
Но клучното прашање останува. Имено, до која граница државата може да се откажува од приходите? Намалувањето на даноците и субвенционирањето на цените претставува меч со две сечила – краткорочно помага, но долгорочно го оптоварува буџетот и ја ограничува способноста за идни интервенции или, пак, предизвикува сериозен застој во капиталните инфраструктурни инвестиции.

ЗА ВРЕМЕНСКИТЕ РАМКИ/РОКОВИ: КОЛКУ ДОЛГО МОЖЕ ДА ТРАЕ ПРИТИСОКОТ?

Стручњаците се согласуваат дека клучот за стабилизација лежи во повторното отворање на тој фатален Ормуски Мореуз. Но дури и во најоптимистичко сценарио, процесот на нормализација би траел од еден до три месеци. Таа временска рамка апроксимативно е потребниот период неопходен за поправка на инфраструктурата, зголемување на производството и обновување на транспортните текови.
Дотогаш, притисокот врз цените ќе продолжи да расте. Некои процени укажуваат дека цената на нафтата би можела да достигне и 150 долари за барел доколку кризата се продлабочи.

ЛОКАЛНИ МЕРКИ ЗА ГЛОБАЛЕН ПРОБЛЕМ

Енергетската криза јасно покажува дека инфлацијата денес е сè повеќе „увезена“. Дури и најдобро дизајнираните национални политики имаат ограничен ефект кога основниот притисок доаѓа од глобалните пазари.
Во такви услови, улогата на Владата не е да ја елиминира кризата. Тоа, според економските експерти, е невозможно, но она што може да го направи е да ја ублажи нејзината социјална цена. Балансирањето меѓу заштитата на стандардот и одржливоста на буџетот ќе биде клучниот тест за економската политика во месеците што следуваат. Е.Р.