Дистописки визии 5:
Кога веќе сме кај „Оскарите“ и нивните најголеми „губитници“, малку филмови биле потценети толку неправедно во своето време, а подоцна израснале во вистински класици, како „Матрица“ („The Matrix“). Оваа револуционерна визија на Лана Вачовски и Лили Вачовски на „Оскарите“ во 2000 година освои четири статуетки – за монтажа, звук, монтажа на звук и визуелни ефекти – но остана покуса за најпрестижната награда, најдобар филм, која таа година му припадна на „Американска убавина“ („American Beauty“).
Иако без „круната“ на вечерта, времето покажа дека „Матрица“ е многу повеќе од техничко ремек-дело. Нејзиното влијание врз поп-културата, филмската естетика и филозофските теми денес се чувствува посилно од кога било, позиционирајќи ја како еден од најзначајните и најреволуционерни филмови во историјата. Парадоксално, токму овој „пораз“ на „Оскарите“ само ја зацврсти нејзината легенда – доказ дека вистинската вредност на уметноста не секогаш се мери со златни статуетки.
Токму за еден ваков легендарен филмски примерок зборуваме во ова издание на серијалот „Дистописки визии“.
Ако дистопијата се смета за поджанр на научната фантастика, тогаш границата меѓу нив понекогаш е тенка, а понекогаш и нејасна, па нивното испреплетување е сосема природно. Додека социјалната критика и проекцијата на идните општествени системи се суштински обележја на дистопијата, елементите типични за научната фантастика, кибер-естетиката, вештачката интелигенција или за роботиката, често навлегуваат и во дистописките наративи. Во таа фузија на жанровски елементи се раѓа мрачна визија на иднината.
„Матрица“ беше последниот филм што го гледав во киното „Вардар“, кој со својата трилогија веќе доби култен статус. Овој филм раскажува една спектакуларна научнофантастична приказна за борба меѓу луѓето и машините. Но под површината на визуелната виртуозност и киберпанк-естетиката се крие една од најпрецизните поп-културни алегории за идеолошка контрола. Филмот „Матрица“ не е само дигитална симулација туку тој е метафора за систем што ја произведува самата реалност во која живееме, систем во кој субјектите доброволно ја прифаќаат илузијата затоа што таа обезбедува стабилност, комфор и предвидливост. Во тој контекст, патувањето на Нео е повеќе од херојска нарација. Тоа е процес на радикално освестување или момент кога субјектот ја согледува конструкцијата на светот во кој живее.
Оттаму и симболиката на изборот меѓу сината и црвената пилула, сцена што стана културна икона. Таа не е само драматичен заплетен момент туку филозофска дилема: дали е подобро да се живее во удобна илузија или во непријатната вистина. Во таа смисла, „Матрица“ не е само акционен филм туку и современа дистописка парабола за моќта на системите да ја обликуваат самата свест.
Еден од најјасните теориски сигнали во „Матрица“, наедно и една од најинтересните, но често занемарени референци, се појавува уште на самиот почеток, кога Нео ги крие нелегалните дискови во издлабена копија од книгата „Симулација и симулакрум“ на Жан Бодријар. Овој краток кадар не е само случаен реквизит туку програмска најава на филозофската рамка во која се движи филмот. Со тоа што книгата се појавува буквално како „скривалиште“ во приказната, авторите суптилно упатуваат дека светот на матрицата треба да се чита низ концептот на симулакрум, свет во кој бодријаровски знаците и моделите ја заменуваат самата реалност.
Така, уште пред нарацијата целосно да се отвори, филмот поставува теориска трага и директна врска со постмодерната теорија на Жан Бодријар, според која, приказната за борбата против машините истовремено е и алегорија за општество во кое симулацијата станува поубедлива од реалното, токму онаа состојба што Бодријар ја опишува како хиперреалност.

Во таа теорија, „симулакрумот“ не е едноставно копија на реалноста. Тој е копија без оригинал, знак што повеќе не реферира на нешто вистинско, туку создава сопствена реалност. Современото општество, според Бодријар, постепено преминува во состојба на хиперреалност, каде што симулациите стануваат поубедливи и пофункционални од самата материјална реалност.
„Матрица“ е буквализација на оваа идеја. Симулацијата не само што ја имитира реалноста туку целосно ја заменува. Луѓето живеат, работат, се вљубуваат и страдаат во свет што нема физичка основа, систем од код што го произведува чувството на нормалност. Со тоа филмот ја претвора филозофската дијагноза на Бодријар во наративна структура каде што матрицата е тотален симулакрум.
Затоа сцената со книгата функционира како суптилен метакоментар. Гледачот добива директен сигнал дека приказната што следува не е само научнофантастична борба против машините туку приказна за природата на реалноста во општество каде што медиумите, технологијата и идеологијата создаваат целосни системи на перцепција. Со други зборови, „Матрица“ не ја измислува симулацијата, туку ја радикализира теоријата дека веќе живееме во неа.
Иако во моментот на појавување „Матрица“ изгледаше како радикална научнофантастична визија, со текот на времето филмот се претвори во еден од најчесто користените културни модели за опишување на современата реалност. Она што првично изгледаше како хиперболична приказна за дигитална симулација денес се чита како метафора за свет во кој искуството на реалноста сè повеќе се посредува преку технолошки системи, алгоритми и медиумски конструкции.
Токму тука повторно станува релевантна теоријата на социологот Жан Бодријар од култната „Симулација и симулакрум“. Кај Бодријар, симулацијата не е само техничка илузија туку културен механизам преку кој знаците, медиумите и симболите постепено ја заменуваат непосредната реалност. Во таков систем, луѓето живеат во средина составена од репрезентации, свет на симулакруми што функционира како реалност иако е конструиран.
„Матрица“ може да се чита и како екстремна алегорија на оваа состојба. Машините во филмот ја создаваат симулацијата како енергетска инфраструктура, но во поширока интерпретација тие претставуваат систем на контрола што го обликува самото поле на перцепција. Луѓето не се заробени само физички туку и когнитивно, нивната претстава за светот веќе однапред е конструирана.
Затоа филмот и денес функционира како референтна точка за размислување за современото општество. Термини и сцени од „Матрица“ станаа дел од секојдневниот јазик кога се говори за медиумска манипулација, виртуелни простори, алгоритамска реалност или дигитални идентитети. Она што некогаш изгледаше како чиста научна фантастика, денес се чита како парабола за животот во систем на симулации, свет во кој границата меѓу реалното и конструираното станува сè потешко препознатлива.
Уште една од најпознатите симболички моменти во „Матрица“ е сцената со лажицата, непосредно пред средбата на Нео со пророчицата. Во просторијата каде што чека, Нео гледа дете како „витка“ метална лажица со умот. Кога се обидува да го имитира, детето му ја открива суштинската поента: „Не обидувај се да ја виткаш лажицата. Тоа е невозможно. Наместо тоа, обиди се да ја сфатиш вистината… дека нема лажица“. Поентата не е во телекинезата, туку во промена на перцепцијата. Ако матрицата е симулација, тогаш предметите во неа немаат автономна материјална реалност; тие се само код што мозокот го интерпретира како физички свет.
Сцената функционира како кратка филозофска лекција што го подготвува Нео за средбата со пророчицата. Нејзиното предвидување не е магија, туку разбирање на правилата на системот и способност да се чита структурата на симулацијата. Во таа смисла, моментот со лажицата ја радикализира тезата што ја отвора Бодријар: ако реалноста е конструирана, тогаш нејзините „закони“ се само правила на кодот. Оној што ќе ја сфати таа логика повеќе не е ограничен од неа.
Тука би споменал уште една клучна сцена што ја објаснува симулираната стварност во која живееме, а тоа е сцената со бифтекот во која Сајфер додека јаде во симулацијата објаснува зошто всушност сака да се врати во матрицата. Тој вели: „Знам дека овој стек не постои. Знам дека кога ќе го ставам во уста, матрицата му кажува на мојот мозок дека е сочен и вкусен, ама сепак уживам во тоа“.
Оваа реплика функционира како концентрирана илустрација на теоријата за симулацијата: свесноста дека нешто е симулација не го укинува неговото дејство врз субјектот. Луѓето знаат дека системите што ги опкружуваат се конструирани и манипулативни, но сепак продолжуваат да живеат во нив бидејќи тие обезбедуваат удобност, стабилност и задоволство. Така системот се репродуцира себеси.
Симулацијата произведува вистинско искуство. Сајфер е свесен дека искуството е лажно, но сепак го избира затоа што симулацијата произведува реално чувство на задоволство. Затоа неговата реплика често се чита како цинична формула за современиот свет и останува една од најпрецизните метафори на филмот.
Ако тргнеме да ја анализираме секоја сцена на филмот поединечно, можеме до 1.001 и назад, бидејќи филмот изобилува со прецизни дијагнози на општеството и стварноста. Оттука и неизбежното прашање: дали дистопиите го предвидуваат она што доаѓа или, пак, нè програмираат за неговото остварување? Судејќи според досегашните анализи во овој дистописки серијал и фактот дека дистописките визии со време се остваруваат со речиси хируршка прецизност, најверојатниот рационален заклучок е: и двете.
Тони димитров































