Рецензија
- Во центарот на приказната е ликот Марти Маузер, инспириран од легендата на пинг-понгот Марти Рајзман. Филмот го следи неговиот пат од улични обложувања и импровизирани натпревари во подруми и барови до големите турнири и светската сцена. На прв поглед, приказната изгледа како класичен спортски филм за подемот на талентиран поединец. Но Сафди ја користи оваа рамка за да раскаже нешто многу пошироко – приказна за човек што истовремено е харизматичен и проблематичен, генијален и самоуништувачки. Марти е лик што постојано се движи по тенката линија меѓу талентот и ароганцијата. Филмот внимателно ја следи неговата трансформација: од уличен измамник и коцкар, преку локална сензација, па сè до човек што почнува да се губи во сопствената желба за успех. Наместо класична херојска приказна, сценариото нуди портрет на човек што победува, но честопати по цена на сопствената човечност
Со спуштањето на завесата на 98-то доделување на „Оскарите“, Холивуд уште еднаш ја заокружи својата најгламурозна ноќ, оставајќи зад себе мешавина од триумфи, изненадувања и разочарувања. Големиот победник на вечерта беше филмот „Една битка покрај друга“, кој триумфираше со импресивни шест освоени статуетки, потврдувајќи го својот статус на апсолутен фаворит.
Но додека некои славеа, други тивко ја напуштија сцената. Меѓу нив, најмногу се истакна „Марти Суприм“ („Marty Supreme“) – филм што влезе во трката со дури девет номинации, но вечерта ја заврши без ниту една награда, претворајќи се во најголемиот губитник на годинашното издание. Иронијата е уште поголема ако се знае дека токму овој наслов со месеци важеше за сериозен претендент за врвот.
Во година кога конкуренцијата за најголемите филмски награди беше особено жестока и непредвидлива, филмот „Марти Суприм“ успеа да се наметне како едно од најкоментираните и најанализирани остварувања на сезоната. Филмот беше номиниран дури девет пати за престижната награда „Оскар“, меѓу кои и оние најважните: за најдобар филм, најдобра режија, најдобар актер и најдобро оригинално сценарио, како и номинации за монтажа, кинематографија, костимографија, сценографија и кастинг, но сепак, за жал, си замина со празни раце. Паралелно со тоа, филмот се најде и во трката за наградите „Златен глобус“, „Бафта“ и „Крикикс чојс“, каде што главниот актер веќе освои неколку признанија. Како и да е, и покрај разочарувачкиот настап на „Оскарите“, сепак „Марти Суприм“ се позиционира како едно од остварувањата што најсилно ја обележаа филмската 2025 година.
Автор со препознатлив режисерски ракопис
Филмот го режира американскиот автор Џош Сафди, кој во последната деценија се профилира како еден од најинтересните претставници на современиот независен американски филм. Заедно со својот брат, тој создаде низа дела со препознатлив стил – нервозна камера, брза и енергична монтажа и приказни за луѓе што живеат на рабовите на општеството.
Меѓу неговите најпознати филмови се „Добро време“ („Good Time“, 2017) и „Неизбрусени дијаманти“ („Uncut Gems“, 2019), остварувања што се одликуваат со висок напон, урбана атмосфера и силни карактерни студии. Особено значаен момент во неговата кариера беше премиерата на „Добро време“ на Филмскиот фестивал во Кан, каде што филмот се натпреваруваше за престижната „Златната палма“, и привлече огромно внимание од критиката со својата сурова енергија и неонска ноќна атмосфера. Тој филм практично го зацврсти статусот на Сафди како режисер со силен и препознатлив авторски глас.
Во споредба со тие претходни остварувања, „Марти Суприм“ изгледа како негов најамбициозен проект досега. Додека „Добро време“ и „Неизбрусени дијаманти“ беа клаустрофобични урбани трилери со речиси непрекинато темпо, новиот филм нуди нешто пошироко: портрет на еден човек, на една епоха и на една необична спортска сцена што се претвора во метафора за амбицијата и опсесијата со успехот.
Приказна за амбицијата и митот за победникот
Во центарот на приказната е ликот Марти Маузер, инспириран од легендата на пинг-понгот Марти Рајзман. Филмот го следи неговиот пат од улични обложувања и импровизирани натпревари во подруми и барови до големите турнири и светската сцена.
На прв поглед, приказната изгледа како класичен спортски филм за подемот на талентиран поединец. Но Сафди ја користи оваа рамка за да раскаже нешто многу пошироко – приказна за човек што истовремено е харизматичен и проблематичен, генијален и самоуништувачки.
Марти е лик што постојано се движи по тенката линија меѓу талентот и ароганцијата. Филмот внимателно ја следи неговата трансформација: од уличен измамник и коцкар, преку локална сензација, па сè до човек што почнува да се губи во сопствената желба за успех. Наместо класична херојска приказна, сценариото нуди портрет на човек што победува, но честопати по цена на сопствената човечност.
Актерска игра што го носи целиот филм
Во центарот на филмот секако е актерската игра на Тимоти Шаламе, кој ја носи речиси целата тежина на приказната. Неговата интерпретација на Марти е истовремено шармантна, нервозна, егоцентрична и на моменти трагикомична. Шаламе успева да создаде лик што не е лесно да се сака, но е невозможно да се игнорира.
Токму оваа комплексност ја направи неговата изведба една од најкоментираните во годината и му донесе низа признанија, меѓу кои и наградата „Златен глобус“ – за најдобар актер.
Преостанатиот актерски состав нуди солидна поддршка. Гвинет Палтроу носи комбинација од елеганција и цинизам, создавајќи лик што е истовремено привлечен и недостижен. Одеса А’зион внесува емотивна рамнотежа во приказната, додека појавувањата на Френ Дрешер додаваат моменти на хумор и човечка топлина. Сепак, без дилема, ова е филм што го води Шаламе.
Визуелна енергија, музика и режисерски ритам
Визуелно, „Марти Суприм“ е впечатлив и динамичен. Кинематографијата користи рачна камера и долги следечки кадри, кои ги доловуваат нервозата и тензијата на натпреварите, правејќи го пинг-понгот да изгледа речиси како борбен спорт. Сценографијата и костимите внимателно ја реконструираат атмосферата на Њујорк од средината на дваесеттиот век, создавајќи чувство дека гледачот навистина се наоѓа во таа епоха.
Музиката на Даниел Лопатин претставува интересна комбинација на ретроатмосфера и современи електронски текстури. За некои критичари ова решение е освежувачко и смело, додека други сметаат дека музиката на моменти премногу се наметнува во филмот. Сепак, токму таквите стилски ризици се дел од режисерската филозофија на Сафди, кој и во овој филм останува верен на својот хаотичен и енергичен стил.
Што најмногу ја воодушеви публиката, а што предизвика критики
Публиката и критиката најчесто ги истакнуваат неколкуте најсилни страни на филмот: извонредната актерска изведба на Шаламе, оригиналниот пристап кон спортскиот жанр и енергичната режија, која речиси никогаш не дозволува камерата да мирува. Филмот успева да постигне нешто навистина необично – да го претвори пинг-понгот во драматичен и возбудлив спектакл.
Но филмот не е без свои слабости. Дел од гледачите забележаа дека вториот дел од приказната има нерамномерно темпо, а динамичната камера на моменти изгледа премногу хаотично. Некои критики се насочени и кон главниот лик, кој намерно е прикажан како антипатичен и морално амбивалентен, што за дел од публиката ја прави приказната помалку емотивно достапна. За други, токму таа сложеност е една од најголемите вредности на филмот.
Заклучок по доделувањето на „Оскарите“
На крајот, „Марти Суприм“ останува енергичен, провокативен и стилски смел филм што уште еднаш ја потврдува репутацијата на Џош Сафди како автор што сака да ги оттурнува границите на жанровите. Тоа е филм што не се обидува да биде удобен или лесно прифатлив, туку жив, нервозен и непредвидлив – токму како неговиот главен лик.
И покрај тоа што некои го нарекоа најголемиот губитник на „Оскарите“, едно е речиси сигурно: Тимоти Шаламе останува една од највпечатливите улоги минатата година, иако статуетката замина кај друг актер. „Марти Суприм“ не ги освои најголемите награди, но филмот веќе успеа да го постигне најважното – да стане едно од остварувањата за кои најмногу ќе се зборува кога ќе се прави пресек на киното од минатата филмска година.































