РАКОМЕТ – УО НА РФМ
- УО на РФМ донесе одлука за формирање две нови репрезентации, за момчиња до 13 и до 15 години, предводени од Филип Миркуловски, односно од Никола Матлиески
Завршниот турнир во Купот на Македонија (од 17 до 19 април) ќе се игра во Струмица, реши Управниот одбор (УО) на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), на редовна седница во просториите на РФМ. Четирите екипи учеснички се бранителот на трофејот Вардар, Алкалоид, Охрид и Еурофарм Пелистер. Во струмичката спортска сала „Парк“ ќе се игра и завршницата на Купот на Македонија во женска конкуренција, а наскоро ќе се влече ждрепка на полуфиналните двојки во двете конкуренции.
УО одлучи и да се формираат две нови репрезентации, за момчиња до 13 и до 15 години. Селектор на помладата селекција ќе биде истакнатиот македонски ракометар Филип Миркуловски, а на повозрасната е назначен Никола Матлиески. РФМ информира дека ќе се пресели во нови канцеларии, кои би биле во СЦ „Јане Сандански“.
На седницата беше потврдено дека машката сениорска репрезентација ќе добие премија од два милиони денара како награда за настапот на ЕП 2026, а беше верификуван и новиот тригодишен договор со актуелниот селектор на сениорите, Кирил Лазаров. Г.И.
































