Репортажа
Многу патници што претходно не биле на крстосување со поголеми бродови сметаат дека станува збор за патувања во кое ќе можат да одмораат, да јадат и пијат и да се коцкаат. Но сето тоа е далеку од вистината, затоа што крстосувањето со брод, особено со крузер, е многу повеќе од тоа.
Палермо – град на мафија, море и вкусна храна
По пловидба од цели две ноќи и еден ден требаше да стигнеме во Тунис, но поради невремето, капетанот на бродот одлучи да се упатиме директно кон Палермо, главниот град на Сицилија. Стигнавме во вечерните часови, бродот се закотви, а ние како неуморно трагачи се упативме во вечерна прошетка низ градот и на средба со нашата Македонка Лариса Бошкоска, која веќе 23 години живее и работи во Палермо. Убава, срдечна средба со Лариса, која ни го долови животот на Палермо во вечерните часови. Разгледот на градот, за кој велат дека е град на мафијата, а е безбеден, го оставивме за наредниот ден, кога утрото нѐ пречека убаво време погодно за шетање. Палермо плени со неговата автентична архитектура. Најпрво стигнавме до плоштадот „Гарибалди“ и театарот „Политлама“, за потоа да продолжиме кон театарот „Масимо“ – најголемата оперска куќа во Италија, трета по големина во Европа, отворена во 1897 година. За да имате комплетен впечаток за убавото здание, можете да влезете и за 12 евра да го разгледате. Ќе бидете воодушевени и посетата ќе ви остане во длабоко сеќавање. Продолжете по главната пешачка улица кон фонтаната „Преторија“, донесена во 16 век од Фиренца. Попрецизно, сенатот на Палермо ја купил, а додека се пренесувала била расклопена на 644 дела. Некои делови воопшто не стигнале до Палермо. Сега беше заградена, затоа што се реконструира околу неа. Патот го продолживме кон катедралата „Вознесение на Пресвета Богородица“, изградена врз стара црква. Вистинско ремек-дело градено во различни стилови. По мала пауза за фотографирање и посета на внатрешноста на катедралата, се упативме кон триумфалната порта „Нуова“, раскошна градба низ која прв поминал царот Карло V Хабсбуршки. Источно од неа се наоѓаат старите ѕидини што некогаш го опкружувале градот. На крајот разглед на палатата „Нормани“, кралска палата изградена врз арапски објект од 9 век. Прошетката низ палатата е вистинско задоволство. Пленат поврзаните аркади и паркови, убаво уредените кралски соби, со впечатливиот ентериер, капелата „Палатини“ со прекрасните мозаици. Во палатата можете да го видите и убаво уредениот градски парламент, каде што заседаваат парламентарците. Посетата на кралската палата ќе ви остане во длабоко сеќавање. А, потоа слободно време за прошетка низ стариот дел од Палермо, купување сувенири за сеќавање, посета на неколкуте пазари, со штандови за овошје и риба, и на слаткарница, затоа што тука го има најубавиот сладолед џелато, како и вкусни колачи со најразлични овошја. Часовите низ Палермо неосетно и брзо минаа. Време е за враќање назад на крузерот и продолжување со пловидба кон Рим.
Рим – Вечниот Град
По целоноќна мирна пловидба стигнавме во пристаништето Чивитавекија, на околу 60 км од Рим. Организирано со автобус, по час и половина возење стигнавме во Рим, Вечниот Град, каде што нѐ пречека водичката, која повеќе од четири часа беше со нас. Направивме пешачка тура низ најзначајните знаменитости на Рим, а започнавме од плоштадот и катедралата „Св. Петар“. Додека чекавме ред за да влеземе во базиликата, водичката ни ја раскажа историјата на Рим и на базиликата „Свети Петар“, која е една од четирите папски базилики од Рим. Станува збор за соборен објект во Ватикан, посветен на апостол Петар, и најголем храм, кој собира преку 60.000 посетители. Се смета дека е едно од најсветите места во светот. Тука е погребан Свети Петар, првиот епископ на Рим, подоцна папа. Првата градба била од 4 век, а денешниот изглед го има од 16 век. Тоа е место на поклонение, посетувано од голем број верници и туристи. Прошетавме половина час низ базиликата, секој со својот интерес, ама сите излеговме воодушевени од тоа што го видовме, и тие што ја посетија првпат и тие што биле повеќепати. Патот го продолжиме надолу по улицата, за преку еден од мостовите да ја преминеме реката Тибар и да се упатиме кон неколкуте стари квартови со многу цркви. Стигнавме со плоштадот „Навона“, кој блеска во полн сјај, по реконструкцијата во изминатите две години. На плоштадот е Берниевата фонтана со четири реки, која ги плени посетителите. Пауза за фотографирање и спомен, а потоа патот нѐ води кон Пантеонот, најубавата зачувана античка градба со купола висока 43 метри, исто и како широка. Порано беше бесплатен влезот во објектот, а сега се наплаќа, па индивидуално може да ја разгледа кој сака. Тука имавме половина час пауза пред да продолжиме со пешачката тура. Време за вкусување пица или сладолед, разглед на сувенирници. Кога повторно се собравме како група, низ тесните улички продолживме кон фонтаната „Треви“. Кога стигнавме веќе имаше метеж, па тешко беше да се стигни долу до фонтаната. А, градските власти планираат слегувањето долу до фонтаната да го наплаќаат, заради, како што велат, поголема заштита. Успеавме да фрлиме паричка за среќа и продолживме кон главната улица. Малку слободно време, кој како сака да го искористи, и средба пред националниот споменик „Викторио Емануел II“, изграден во чест на првиот крал на обединета Италија во 19 век, кој се наоѓа меѓу Пјаца Венеција и ридот Капитол, проектиран од Џузепе Сакони, објект од бел мермер со скали, столбови, голема скулптура на коњ и две на божици. Тука имате можност да го видите гробот на незнајниот јунак, каде што гори вечниот оган. По скалите продолжуваме кон Римскиот форум, средиштето на античкиот живот на Рим. Малку подолу е Колосеумот, најголем во светот. Дознаваме дека бил изграден од царот Флавиј во 72 г. пр. н.е., па затоа го добил името Флавиев амфитеатар. Некогаш во овој врвен дострел на римската архитектура се одржувале гладијаторски борби, а сега како едно од седумте светски чуда е објект за посета, со можност да се вратиш назад во историјата. Иако малку уморни, од долгото пешачење, сепак задоволството на лицата на патниците беше видливо од тоа што имаа можност да го видат низ Рим, градот на многу објекти, мостови, катакомби, скулптури, фонтани, статуи. Прошетката заврши. Време беше повторно со автобусот да се вратиме на бродот, за да продолжиме со ноќна пловидба кон Савона.
Савона – град со душа
Ноќната мирна пловидба до Савона заврши во утринските часови. Бродот „Коста Смералда“ се закотви на пристаништето. Се одјавивме од бродот, кој ќе остане во убаво сеќавање и желба за повторна средба, ги сместивме куферите во автобусите и се упативме во разглед на Савона. Главната улица е Петро Палеокапа, преполна со продавници, ресторани, сувенирници. Она што паѓа во очи се сводовите на палатата „Павони“, нацртана со пауни и лебеди, што изгледа убаво и сепак необично. Лево или десно ќе можете да ги видите црквите „Св. Апостоло“ и „Сан Џовани Батиста“. Доаѓате до плоштадот „Мамели“, каде што пред големата зграда на банката се наоѓа споменикот на паднатите борци. Доколку се погодите тука во 18 часот, ќе имате можност да го чуете ѕвоното што веќе 96 години чука точно 21 пат во чест на загинатите. Продолжете по улицата Корзо Италија, а околу има неколку мали плоштади. На крајот е паркот, кој доколку го поминете, ќе стигнете до морето, до плажата Либера. А, потоа искачете се до тврдината Приамар за да го доживеете најубавиот поглед на морето и на градот. Тука се сместени Археолошкиот музеј и Музејот за наука и за уметност. Влезот во тврдината е бесплатен, а за во музеите се наплаќа по неколку евра. Од тврдината можете да ја забележите и скулптурата „Корви на плажа“, дело на седум уметници. Слезете од тврдината и упатете се низ тесните улички, преку кои ќе стигнете до локалниот пазар „Меркато“, каде што ќе доживеете убава и весела атмосфера, при што се презентира локалниот пијалак чинота (еден вид портокал карактеристичен за областа Лигурија), од кој се прават не само пијалаци туку и слатки, козметички производи и парфеми. Продолжете по уличките и ќе стигнете до катедралата „Асунта“ и Сикстинската капела, која е вистински мавзолеј. Направивме пауза на Виа Пиа, се напивме убаво италијанско кафе, чаша вино, вкусивме фарината бјанка – тенка пита со рузмарин и морска сол. Неизбежно ја видовме кулата Брандале – симболот на Савона, и потоа се вративме во автобусите и продолживме кон Македонија. Иако патот беше долг и чувствуваме умор, сепак, кога стигнавме дома, заборавивме на тоа. Ни остануваат сеќавањата за убавото крстосување, кое еден од моите пријатели го нарече „патување од соништата“. До следното!
































