Стручна екипа од Заводот и музеј во Прилеп го реализира елаборатот за валоризација на споменичната целина Градок кај селото Манастир. Археолошкото наоѓалиште се наоѓа на мошне доминантно возвишување над долината на Црна Река, а во близината на Расимбегов мост.
– Стратегиски значајното воено утврдување од доцната антика прераснува во важен средновековен пункт во областа Мариово. Покрај остатоците од одбранбените бедеми, како и од градбите со различни намени на просторот на акрополата и подградието, секако импресивни се архитектонските остатоци од двете цркви. И кај поголемата базиликална црква, како и кај другата, нешто помала од неа, се забележува доцноантичката фаза, што значи ран развој на христијанството – вели археологот Душко Темелкоски од Заводот и музеј.
Се претпоставува дека во средновековието, од 10 до 14 век, на локалитетот егзистирал значаен манастирски комплекс, кој секако имал силна поврзаност со манастирот во селото Манастир.
– Со валоризирањето, археолошкиот локалитет Градок ќе добие повисок статус на заштита во насока на негова подобра афирмација. Во изработката на елаборатот е вклучен и археологот Христијан Талевски од Институтот за словенска култура – потенцира Темелкоски.
Овие активности се во рамките на редовната програма на Заводот и музеј во Прилеп, финансирана од Министерството за култура и туризам. Ка.М.