Рецензија
- Кон претставата „Макс, Миша и офанзивата Тет“, по романот на Јохан Харштад, во адаптација на Вид Хрибар и во режија на Ивица Буљан, а во продукција на ЗКМ, Загреб. Главни улоги: Уго Корани, Хрвојка Беговиќ, Иван Јурковиќ, Франо Машковиќ, Луција Шербеџија
Бескрајно фасцинантниот роман на норвешкиот прозаист и драматичар Јохан Харштад „Макс, Миша и офанзивата Тет“ зборува за неснајденоста во светот што е ужасно контаминиран од воените наслаги, но и од смртоносноста на љубовта. Макс, Хансен, театарски режисер, од дното на животот се сеќава на таа горчлива животна констелација предизвикана од речиси непосакуваниот егзил на неговото семејство од родниот Ставангер, Норвешка, во американското лудило, кое не запрело до денешен ден. Гигантската сторија на Јохан Харштад во неверојатните илјада страници низ адаптацијата на Вид Хрибар ги следи линиите на самото семејство, иако во романот има уште неколку линии особено интересни поради отуѓеноста и апсурдот на тие години што го нуди американското општество како илузорност. Следејќи ја линијата на семејството на младиот Макс Хансен, приказната што ни ја раскажува режисерот Ивица Буљан е потопена во исклучително продуктивна елегичност, која пак, од друга страна, нè потсетува на една прагматичност и конечно на идеализмот чија погубност станува историска небулоза, за која генерациите што доаѓаат се прашуваат зошто морала таа животна алегоричност да биде заменета со нереализирана љубов и со никогаш неисполнет копнеж. Трагичната животна приказна на Макс и на сите ликови во неговиот живот – неговата непрежалена, но можеби и нереализирана докрај, љубов со Миша, погубноста на семејното недоразбирање на неговите родители, која е, всушност, најважниот тригер за фаталниот егзил, како и сексуалноста на неговиот најдобар другар Мордекај Вајнтрауб, во режисерскиот концепт на Буљан се дел од едно милје што циклично се менува и се заканува со својата актуелност и токму затоа овој елегичен концепт, мудар автентичен, потсетува на меланхоличноста на неснајдените, на нивната маглива решителност, на апсурдноста на неисполнетите желби и љубови. Идеалот е, се чини, она што е најбесмртното во секоја цивилизациска промена. Во оваа претстава, со совршено транспарентното видување на ова капитално дело на Харштад, Ивица Буљан нè води низ еден свет што е наш до последниот атом иако не изгледа така. Наш е заради љубовта, заради уметноста, заради копнежот, а не е наш заради нашиот егоизам и непостојаност. И токму затоа оваа режисерска концепција е исклучително длабока.
„Макс, Миша и офанзивата Тет“ има актерска енергија што одушевува. Тука пред сè мислам на ликот на Макс, одлична актерска експресија на младиот Уго Корани, кој градејќи лик на наивен млад човек што од мали нозе се соочува со тажните реперкусии на емиграцијата, отелотворува креација на човек што е на некој начин парадигма на изгубениот Марсо, на изгубениот Ханс Касторп, на еден од оние чија неснајденост станува епохална, лик што овој особено талентиран млад актер го развива тактично, со голема смисла за неговото обликување и значење. Уго Корани овој лик го создава низ околностите во кои запаѓа тој, со огромна внимателност кога станува збор за неговата возраст, за неговата состојба и несреќност, обрнувајќи особено внимание на детализирањето и неговата компактност.
Од особено значење е и ликот на Мордекај, кој го толкува младиот актер Иван Јурковиќ, со голема емотивност и транспарентност, обрнувајќи особено внимание на неговото прекршување кога станува збор за неговата сексуалност и задржувањето на пријателската релација со својот најдобар пријател Макс, како и ликот на Миша, несудената животна сопатничка на Макс, која со голема животворност ја толкува Хрвојка Беговиќ, создавајќи лик чија елоквенција всушност и не може да се носи со меланхоличноста на нејзиниот животен избраник, кого конечно и го напушта. Од особена важност од актерска гледна точка се и ликовите на родителите на Макс, Беате и Свен Хансен, кои многу инспирирано ги толкуваат Луција Шербеџија и Франо Машковиќ, Луција со нејзината исклучително потенцирана мајчинска страст и грижа, а Франо со својата татковска доминантност, која никако да профункционира. Секако, и двајцата се разделуваат, а тоа прекршување на ликовите, овие извонредни актери го одигруваат фантастично. Еден од најинтересните ликови во оваа претстава е ликот на Ове Хансен, американски емиграциски староседелец, чие име во тоа милје е Овен Ларсен, виетнамски ветеран чија историска важност Ракан Рушаидат ја одигрува со голем ентузијазам, градејќи лик на човек чија американски наследна духовна амбивалентност е на некој начин и судбоносна конклава во која сите други ликови не можат да се снајдат.
„Макс, Миша и офанзивата Тет“ е театарска хроника, која во својата книжевна утроба носи многу животни линии, додека театарската адаптација се занимава со нивните есенции. Визуелната констелација на оваа претстава се движи од пивкото сценографско решение на Александар Дениќ, кое подразбира сплотеност со сите нас што ја гледаме претставата, но и решение чија потпора се реквизитите и деталите од времето на применливоста на Виетнамската војна во американското секојдневие, каде што доминираат столовите чија испразнетост асоцира на неприсутност и осама, а која пак е надополнета со колоритноста на костимите на Ана Савиќ Гецан, кои се животворни иако не се одделуваат од временскиот показател, така што целата таа визуелна блискост станува една димензија што проговорува за времето што не е далеку од нас, но е блиско со нешто што значи наша неочекувана иднина. Овде можеме со големо одушевување да ги спомнеме и одличната музика и стихови на Дарко Рундек (заедно со Игор Павлица и Миро Манојловиќ), музика што се изведува на сцената, а во која учествуваат и самите актери, еден тенок, но мошне значаен постдрамски мотив, кој возбудува и потсетува на минливоста, но и на нескротливоста на ликовите во целата претстава.
Во еден миг во романо, Ове (Овен) ќе проговори за неговото искуство низ тринаесетте месеци поминати во Виетнам: „Речиси тринаесет месеци се будев со истата глетка; секоја вечер заспивав со истите планини околу мене. Деновите беа монотони, фрустрирачки копии еден од друг, заспивавме и станувавме опкружени со истата природа на која никој не ѝ веруваше, покрај истите високи планини и ридови, покриени со слонова трева висока еден метар, бамбусови шуми и непробојна дождовна шума, три слоја зеленило низ кои минуваа само неколку зраци сончева светлина. Во тие шуми секогаш беше темно. Смрт и тишина. Тие беа насекаде, речиси физички; во дрвјата и грмушките, растенијата, размрданиот животински свет, на шумското тло и на речиси невидливите патеки на кои неочекувано се сопнувавте, а потоа се држевте на дистанца. А потоа чувството дека полека ве задушува околината, часовите и деновите кои штотуку минуваа, древната шума што се издигаше околу нашите нозе со секој внимателен чекор, скапан и ‘ртлив хербариум, непријатното чувство дека сте целосно отсечени од реалноста“. Кога зборуваме за ехото на војната и нејзиното вовлекување во секојдневието ја добиваме целата животна погубност на семејството Хансен, особено на младиот и наивен Макс. Токму затоа оваа сјајна претстава на ЗКМ е есенцијална и од големо значење за театарското живеење, претстава чија порака е гласна и неприкосновена, претстава чие ехо ќе биде далекосежно, затоа што новите војни носат нови и посурови трагедии, кои нема да можат да се стопат во ниедна реалност што ќе дојде по нив. Тоа, за жал, нам ќе ни го донесе сè поблиската дистопија.
Сашо Огненовски
































