ИОК – СВЕЧЕНО ЗАТВОРЕНИ ЗПОИ 2026

  • На Игрите во Милано и во Кортина д`Ампецо, репрезентацијата на Кина освои 44 медали, од кои 15 златни, 13 сребрени и 16 бронзени

Зимските параолимписки игри (ЗПОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо беа затворени со свечена церемонија во неделата, во салата „Карлинг“ во Кортина, со поздравот „чао за Милано и Кортина“. Во спектакл исполнет со светлина, параолимпискиот пламен беше изгаснат во „Арко дела Паче“ во Милано и „Пјаца Дибона“ во Кортина. ЗПОИ 2026 беше пресвртница за параолимпиското движење, кое се одржа 50 години по првите ЗПОИ, во Шведска. Од два спорта до шест, од 198 спортисти до 611, од 16 делегации до 55 и први медали за Бразил и за Летонија, со повеќе глобално емитување и дигитално покривање, ЗПОИ 2026 покажаа колку далеку стигнале паразимските спортови, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Најуспешна земја од вкупно 27 што освоија медали е Кина со 44 медали, од кои 15 златни, 13 сребрени и 16 бронзени. На ЗПОИ настапи и единствениот македонски спортист Зоран Јовановски, кој учеството на игрите го оствари со вајлд карта, директна покана од Интернационалниот параолимписки комитет (ИПЦ), а настапи на последниот ден од Игрите во дисциплината слалом (седење ЛВ 11), но по извозената прва трка беше дисквалификуван.

Како што информира Македонскиот параолимписки комитет (МПОК), Јовановски настапи во првото возење, претпоследен во трката, бидејќи на патеката како први стартуваа натпреварувачите со оштетен вид, потоа натпреварувачите во стоечка конкуренција и на крајот натпреварувачите во седечка конкуренција.
– Во категоријата на Јовановски настапија вкупно 34 натпреварувачи, од кои 22 ја завршија трката, 11 отпаднаа од трката, а Јовановски со заостанување од 48,31 секунди зад првопласираниот, со остварен резултат од 1:33,58 минута, беше на 23. место, но непосредно по објавениот резултат, за жал, Јовановски беше дисквалификуван поради промашена капија, на само неколку капии пред целта. Со тоа заврши настапот на овие Игри на нашиот тим без остварен пласман, меѓутоа побогати за уште едно искуство – вели претседателот на МПОК, Бранимир Јовановски, кој беше присутен на Игрите, со преостанатиот македонски тим, кој го придржуваше Зоран Јовановски.
Македонската делегација денеска во попладневните часови се враќа од Италија, информираат од МПОК. Г.И.