Авторитет во политиката мора да има, бидејќи тој најчесто е амалгамот што ги држи општествата и државите цврсти, доследни, па дури и демократски… имајќи на ум притоа дека и во најразвиените демократии, авторитетот е деперсонализиран… Но авторитет што не се темели на суштински демократски легитимитет треба да се оспори, подвлекуваат аналитичарите.
Каков политички авторитет е можен во нашата мала и политички неискусна средина. Опстојува и преовладува мислењето за него како за ниво и човечки формат создадени најчесто од позиција на идеолошка определба, власт, моќ, интерес.
Најпрвин неколку реда за една од можеби клучните причини за трнливиот и сложен пат при создавање, градење и негување авторитети, особено на оние во политичката сфера. Факт е дека сме мала и политички релативно неискусна средина во која и граѓаните имаат свои политички уверувања и толкувања. Но факт е и дека уверувањата и толкувањата се многу често изградени како цврст, севкупен и непомирлив поглед на светот. За тоа може да се увериме на секој чекор, при секоја средба, разговор со познати, непознати, со високи академски нивоа и со обичниот свет.
На почетокот треба да се назначи, болдира – она што е видливо со голо око. Нашиот човек едноставно не трпи разномислие, неистомисленици, а камоли авторитети. Константа, нешто како Земјината тежа, против која е залудно да се војува. Постои само едно, и тоа секогаш е нашето мислење и уверување. Во другите, особено оние политичките сфери, тие не постојат, тоа е темна зона во која се проектираат некакви задни намери, некакви лични интереси, анимозитети. Неможноста за создавање вистински авторитети во политиката во голема мера е и резултат и на стилот на однесувањето на голем дел протагонисти на нашата плурална сцена, кои ја сфатија политиката и ја практикуваат пред сѐ и над сѐ како „конјуктурна дејност“. Ароганција, бескрупулозност, грабеж, корупција, егоистично и неморално однесување. Тоа е дел во низата од причини што набрзина го урна нивото и довербата во оваа сфера за што сведочат многубројните анкети, рејтинзи и анализи, кои понираат до степен на кој се доведува во прашање и самата онтологија на поимот политика.
Тоа од една страна го стеснува просторот и го ограничува дејствувањето на вистинските авторитети, но и ја овозможува и верифицира тезата дека секој во оваа средина може да се поткрене и афирмира како авторитет, особено во конјуктурната и недоволно созреана сфера на политиката.
Киро Глигоров е… Киро Глигоров, родено име Киро Панчев (Штип, 3 мај 1917 – Скопје, 1 јануари 2012) – македонски активист на македонското студентско и комунистичко движење, записничар на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, македонски и југословенски економист, политичар и државник, прв претседател на самостојна и независна Република Македонија, можеби последниот голем авторитет.
Изворите на ЦИА го опишуваат Глигоров како „почитуван државник ветеран и реформатор“, кој „доследно работел на балансирање на спротивставените сили во неговата република и низ целиот Балкан“. Тие го нарекле поранешниот македонски претседател „мудар стар лисец“, кој ги импресионирал со своето чувство за стратегија и со познавање на деталите.
Но тој беше создаден во лабораториите на поранешната СФРЈ, на пристојна, но „митска“ дистанца и далеку од нашиот строг, безмалку фамилијарен плурален критериум. Но имајќи ги предвид поодминатите години, се направи обид дел од харизмата и големиот политички авторитет да го отстапи и вгради во плејада левоориентирани трансформирани политичари. Но тој обид се покажа само делумно успешен со оглед на фактот дека кај нив е мала претпоставената рамка за инпут на авторитетот и разнообразното богато политичко искуство.
Ситуација што е безмалку апсурдна. Процесот на никнување и создавање на политичките авторитети во нашата плурална пракса продолжува да се трасира со методите на политичкиот шорт-кат и се одвива најчесто врз нереална подлога. Голем дел од кадровските решенија во нашата тридецениска политичка практика претставуваа импровизација, дневнополитичка бламажа и, се разбира, навреда за осиромашениот и деградиран електорат со долгорочни реални последици.
Препознавањето и почитувањето на вистинските вредности е силно отежнато и поради лажните авторитети, кои јавајќи на бранот на конфузната транзициска реалност вешто ја избегнуваат вистинската проверка на критериумите и со тоа дополнително ја дезориентираат и ја отежнуваат детекцијата на вистинскиот авторитет. Иако преовладува мислењето дека кај нас секој може да се произведе во политички авторитет, имаме малку политички личности во вистинска смисла на зборот, луѓе во чија вредност беспоговорно би поверувале, се разбира во една рационална и поднослива мера.
Авторитетот, пред сѐ, треба да ја претставува силата на нечие име изградено низ макотрпна пракса како врвен критериум на вистината, поткрепено со конкретни резултати и достоинство, некој кому нагорниот од и височините не му ги зашеметуваат рефлексот и моралниот човечки интегритет. Некој во кого безрезервно би поверувале и без поговор би го следеле до степен на морална и културна подносливост, некој што е подготвен своите економски, научни, уметнички, политички визии и едноставно – човечки референци да ги вгради во напорите за општото добро, во реална и солидна човечка сегашност и иднина. Таквиот тип авторитет на нашата политичка сцена допрва се наѕира и профилира во ликот на чесни вредни поединци со резултати, визија и искуство, и пред сѐ со висока одговорност и етика, кој ќе ја ослободи политиката од сфаќањето за неа како можност за профитерство, кариеризам, зона на бескрупулозни денунцијации, туку, пред сѐ, како заложба за општо добро, за конструктивна и нормална атмосфера.
Во услови на тековните и турбулентни политички околности, какви што имаме во нашата држава и како што слабеат врските на избирачите со политичките странки и опции, поради редица „извесни и неизвесни“ причини, за што сведочат многубројните анкети и мерења на рејтингот, се наѕираат и зајакнуваат личностите на поединци што стануваат важни во политичкиот живот, практика што во развиените демократии битно влијаела и придонела за т.н. персонали-зација на политиката.
И ако праксата е критериум на вистината, а резултатите на политичкото дејствување се огледаат и верифицираат во реалниот живот, следуваат генерација млади образовани и надарени политичари (од позицијата и опозицијата), кои токму во вителот на историските премрежиња се појавуваат, зреат и трпеливо, но сигурно се исцртуваат и верифицираат како наредни политички авторитети, на кои ќе им веруваме и ќе ги славиме.
Аљоша Симјановски































