Утре е денот кога работниците повторно зборуваат. Колку ќе нѐ слушнат зависи од нашата бројност. Ние ја имаме моќта на бројноста, тие ја имаат моќта на политиката, другите ја имаат моќта на парите, порача денеска претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов потсетувајќи ги работниците дека „вредноста на синдикалната минимална кошничка во овие 24 месеци е зголемена за повеќе од 10.000 денари, наспроти усогласувањето кое го дава Владата од 1.600 денари“.
– Барањето за зголемување на минималната плата за 200 евра е оправдано затоа што работниците во Македонија тонат во сиромаштија. Околу 160.000 работници според податоци од Управата за јавни приходи имаат плата под прагот на сиромаштијата или под 31.200 денари – истакна Трендафилов.
Тој повика работниците да ги поддржат своите семејства и да излезат на улица, а на тие што живеат од политика им порача да не доаѓаат.
– Ве повикуваме да ги поддржите вашите семејства, да ги поддржите вашите деца, да ги поддржите вашите внуци, да излезете на улица и да им покажете дека не се плашите и дека барате платата да ви се зголеми, вашата плата да се зголеми – истакна Трендафилов, додавајќи дека 160.000 работници, доколку излезат утре на улица, минималната плата ќе биде многу повеќе од 600 евра.
Трендафилов упати повик до сите работници, вклучително и оние во јавниот сектор, текстилната индустрија, МВР и Армијата, да се приклучат на протестот. Според него, во буџетот за 2024 година за дел од јавниот сектор е предвидено „нула проценти зголемување на платите“.
Повици беа упатени и до младите и пензионерите, со образложение дека без повисоки работнички плати нема одржлив пензиски систем, ниту услови за младите да останат во земјата.
Преседателот на ССМ информираше дека голем број работници се пријавиле за организираниот превоз за утрешниот протест.
– И само еден работник да дојде, јас ќе бидам вториот – порача Трендафилов, додавајќи дека бројноста на протестот директно ќе влијае врз подготвеноста на Владата да ги зголеми платите.
Синдикатот најави дека денеска ќе ја објави вонредната пресметка на синдикалната минимална кошничка, поради, како што наведоа, нови поскапувања во супермаркетите. ССМ повтори дека повеќе од една деценија предлага мерки за заштита на животниот стандард, но дека институциите не ги прифаќаат.
































