Февруари оваа година беше невообичаено студен во Европа, но според податоците од европската служба за климатски промени „Коперник“, тој се рангираше на петтото место меѓу најтоплите во светот од почетокот на мерењата.
Глобалната просечна температура достигна 13,26 Целзиусови степени во февруари, што е за 0,53 степени над просекот од 1991 до 2020 година, соопшти службата во својот месечен извештај објавен во вторникот. Во споредба со прединдустрискиот период од 1850 до 1900 година, месецот беше за 1,49 степен потопол.
Делови од Западна Европа и Северна Африка беа погодени од серија интензивни бури и обилни дождови. Франција, Шпанија, Португалија и Мароко беа погодени од големи поплави, кои предизвикаа голем број смртни случаи, значителна материјална штета и губење на средствата за живот за многу жители. Поплавите погодија и други региони во светот, како што се Австралија, Мозамбик и Боцвана.
– Временските екстреми укажуваат на зголеменото влијание на климатските промени и потребата од глобална акција – изјави Саманта Бургес, раководителка на климатските стратегии на „Коперник“. Во Европа, просечната температура на копно во февруари била минус 0,07 степени, што е малку под просекот за периодот од 1991 до 2020 година. Температури над просекот се забележани во Западна, Јужна и во Југоисточна Европа, додека постудени од нормалните услови се забележани во Скандинавија, балтичките држави и северозападна Русија. Генерално, европската зима, која го опфаќа периодот од декември до февруари, беше меѓу двете најстудени во последните 13 години, но сепак е за 0,09 степени потопла од просекот во споредба со периодот од 1991 до 2020 година.
Службата за климатски промени на „Коперник“ редовно објавува податоци за глобалните површински температури, морскиот мраз и врнежите врз основа на компјутерски генерирани анализи, кои вклучуваат милијарди мерења од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици низ целиот свет.