Долгогодишната успешна соработка меѓу Амбасадата на Република Австрија и Националната галерија, во низата проекти на културна размена и претставување на истакнати австриски уметници на нашата уметничка сцена, оваа година пред публиката ја донесе изложбата со наслов „Флора-фауна-покриви/Пирх-Лајрер-Пирх“. По овој повод, Националната галерија на Македонија и Амбасадата на Австрија во Македонија ја организираат изложбата што го претставува современото австриско сликарство инспирирано од пејзажи, урбани мотиви, флора и фауна. Изложбата е поставена во галеријата „Чифте-амам“.
Протоколот на официјалниот дел започна со обраќање на директорот на Националната галерија, Али Синани, кој како домаќин им посака добредојде на сите присутни посетители и се осврна на соработката на Националната галерија и австриската амбасада во Македонија. Министерот Зоран Љутков со поздравен говор, протоколарно им се обрати на организаторите на настанот и публиката. За крај, Мартин Памер, амбасадор на Австрија, ја прогласи изложбата за отворена. На отворањето беа присутни уметникот Харо Пирх и кураторот Герхард Алтман.
На изложбата се претставени дела од австриските уметници Харо Пирх, Констанце Пирх и Манфред Лајрер, чии уметнички дела нудат современ поглед кон природата, животинскиот свет и просторот што нè опкружува. Изложбата ги обединува трите различни, но меѓусебно поврзани уметнички визии на авторите, кои со години се дел од уметничката традиција на Рабницталските сликарски недели – во покраината Бургенланд, Австрија. Во фокусот на поставката се три тематски линии што ја дефинираат и нејзината насловна структура.
Констанце Пирх се посветува на флората, истражувајќи ги растителните форми и нивната декоративна и симболична вредност преку колоритни и геометриски композиции. Манфред Лајрер во своите дела ги истражува фауната и руралниот свет, инспириран од животните и природата на бургенландското село. Харо Пирх, пак, се претставува со своите препознатливи пејзажи и архитектонски композиции, во кои покривите и урбаните структури создаваат специфични визуелни хоризонти. И покрај нивната стилска различност, делата на тројцата уметници се поврзани преку заедничко уметничко потекло, долгогодишна соработка и заедничко разбирање за значењето на природата, просторот и секојдневниот живот како инспирација за современото сликарство.
Изложбата претставува уште еден значаен културен настан што ја продлабочува соработката меѓу Австрија и Македонија. Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 12 април.