Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ПО ПРВИТЕ МЕЧЕВИ ОД ОСМИНАФИНАЛЕТО НА ЛШ

По двете ремија и четирите порази на шесте англиски клуба во првите средби од осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), ривалите на Англија ја намалија разликата на табелата на Европската фудбалска унија (УЕФА) во трката за дополнителни места во следната сезона на најсилното европско клупско натпреварување. Англија и понатаму е прва, сега со 22,513 поени, на второто место изби Шпанија со 18,031, а потоа се Германија со 18, Италија со 17,357, Португалија со 16,6…
На првите осминафинални средби, двата тима од Германија забележаа по една победа и реми, а трите од Шпанија, две победи и еден нерешен резултат. Најдобрите две земји на табелата на Европската фудбалска унија ќе добијат по едно дополнително место во Лигата на шампионите за идната сезона. Во првата сезона кога беше воведена оваа табела местата ги освоија петтопласираните во домашните првенства во соодветната сезона во Германија (Борусија Дортмунд) и во Италија (Болоња), а сезонава од Англија (Њукасл) и од Шпанија (Вилјареал).
За таа табела на УЕФА се освојуваат бодови преку натпреварите во сите три европски купа (два бода за победа, еден за реми), а има и бонус-поени за пласманот на табелата во лигашката фаза (на пример, за првото место во ЛШ 12 бода, во Лига Европа шест, во Конференциската лига четири, за вторите места 11,75, потоа 5,75, односно 3,75 итн.) и за пласманот во секоја наредна рунда (по 1,5 поен за ЛШ, еден за Лига Европа, половина за Конференциската лига). Сите освоени бодови потоа се делат со бројот на клубови што од соодветната земја ја почнале сезоната (Англија девет, Шпанија осум, Германија и Италија по седум…).
Во другите два европски купа од водечките земји во ова рангирање, Англија, Германија, Шпанија и Италија имаат по два тима во осминафиналето на Лига Европа (Астон вила и Нотингем форест, Фрајбург и Штутгарт, Бетис и Селта, односно Болоња и Рома) и по еден меѓу 16-те најдобри во Конференциската лига (Кристал палас, Мајнц, Рајо Валјекано, односно Фиорентина)… Н.М.


ЛШ, ОСМИНАФИНАЛЕ

1. Галатасарај – Ливерпул 1-0
2. Аталанта – Баерн 1-6
3. Њукасл – Барселона 1-1
4. Атлетико М. – Тотенхем 5-2
5. Баер – Арсенал 1-1
6. Пари сен Жермен – Челси 5-2
7. Реал М. – Манчестер с. 3-0
8. Бодо/Глимт – Спортинг 3-0
реваншите се идната недела