Фото: ЕПА

Некои нови моменти од Брисел во врска со концептот за „обратно проширување“ на ЕУ:

Унијата од Украина до Западен Балкан – границите на политичкиот театар во Брисел

Украина гледа тесен прозорец за обезбедување на својата иднина во рамките на ЕУ: помеѓу унгарските избори во април и француските претседателски избори во април 2027 година, велат наши брифери од бриселската администрација на ЕУ.
Киев сака да има референца за членство во ЕУ во 2027 година запишана во мировниот договор што го преговара американскиот претседател Доналд Трамп, а го гледа интервалот помеѓу двата клучни европски избори како најдобро време за приклучување кон блокот. Во Брисел неофицијално се разгледуваат модели Украина да добие статус на набљудувач за време на самитите на Европскиот совет и во комисиите на Европскиот парламент, додека ги завршува реформите потребни за привилегии за полноправно членство, но тоа е само неформално и од тесна група луѓе, блиски до Европската комисија.
– Вистина е дека сакаме (брз) пат за членство – рече украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на прес-конференцијата во Киев.
Од друга страна, сѐ поверојатно е дека унгарскиот премиер Виктор Орбан нема да дозволи напредок во обидот на Киев, а факт е дека своето противење Украина да се интегрира како било во ЕУ тој го направи како клучен елемент во неговата кампања за реизбор (април 2026).
Засега, реална блокада за проширување на ЕУ постои, почнувајќи од Украина, но доколку Орбан ја загуби довербата кај Унгарците на претстојните избори, тогаш Киев гледа можност за деблокада на украинското пристапување ако лидерската позиција во Унгарија ја преземе Петер Маѓар, лидерот на опозицијата, кој води според некои тамошни анкети.

Угоре високо, удолу длабоко

Загриженоста во Киев е дека, ако разговорите се одолжат и Трамп го изгуби интересот за мировен договор, „сè додека е потребно“ би можело да значи дека Украина ќе биде исклучена од придружувањето на Унијата до следните избори на ЕУ во 2029 година или дури и подоцна, објаснува за јавноста еден украински функционер.
Брисел и Киев исто така стравуваат и од претседателските избори во Франција во април 2027 година, каде што на анкетите води Националниот собир, кој во минатото беше за развивање поблиски релации со Кремљ. Стравот кај Киев е дека ако партијата на Марин Ле Пен победи на претседателските избори пред Украина да добие место во ЕУ, таа би можела да го блокира членството за Киев.
Сепак, полноправното членство во ЕУ за Украина пред 2027 година е надвор од дискусијата, изјави висок функционер на ЕУ.
Зборувајќи во вторникот заедно со Зеленски и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека иако разбира дека „јасен датум“ е „важен“ за Зеленски, кога станува збор за ЕУ, „датумите сами по себе (без завршување на реформите) не се можни“.
Полноправното членство во ЕУ за Украина пред 2027 година е надвор од дискусијата, изјави висок функционер на ЕУ.
Додека Украина продолжува да се обидува да ги убеди земјите членки дека ќе ги исполни критериумите за непосредно приклучување кон ЕУ, разговорите се вртат и кон начини Брисел да го ажурира процесот за да одговара на сегашниот геополитички момент.
– Имав многу состаноци на кои разговаравме како би можеле да го забрзаме украинскиот пат кон Европската Унија – изјави за „Политико“ комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, пред да предупреди: „Без да ги спроведеме реформите, ништо нема да биде можно“.
Но Кос додаде: „Мора да имаме поширока дискусија со Европската Унија меѓу земјите членки за методологијата на процесот на пристапување, која повеќе не е соодветна за времето во кое живееме. Знаете дека оваа методологија е добра за мирот, добра е кога имаме време“.
Таа рече дека ако ЕУ не успее да се приспособи, ризикува да ги турка потенцијалните членки на ЕУ кон Кремљ и неговите сојузници.
– Ако не можеме наскоро да ги интегрираме нашите кандидати во ЕУ, тогаш постои опасност некој друг да биде повлијателен во тие земји и да ги користи против нас, претворајќи ги во оружје – истакна Кос. П.Р.