Генерациите некогаш и денес

Секоја генерација си има свој препознатлив белег во времето во кое живее по кој на некој начин ќе биде посебна, доминантна и, секако, незаменлива и запаметена. Да, така беше некогаш, така е денес, но прашањето е до каде можат да одат новите генерации со нивниот да кажам стил на живеење и функционирање? Тука треба добро да се размисли кога се зборува за нови генерации или, како што обично го користиме терминот, „сега е друго време“. Еве, краток и конкретен пример од каде започна модерното време: мобилен телефон и интернет беа апсурд во времето некогаш, меѓутоа внимавајте, тогаш имаше детски игри надвор со другарчињата, пишување домашни задачи едни кај други во домовите, помагање на родителите кога ќе пазареа, вистински пријателства што прераснуваа во фамилијарни, одмори и дружења, никогаш не си рекоа збор настрана, ами останаа луѓе, пријатели, браќа во секоја смисла на зборот до ден-денес. Да, од тоа некогаш има уште многу вредности што заслужуваат позитивни пофалби денес. Лично јас сум дел од тоа златно време. Не ми е зборот дека денешните генерации не чинат или не се убави, да не бидам погрешно сфатен, ами сакам да кажам дека ништо не се зачувало и не продолжило како вредност од некогаш.
Гледаме извртени вредности во денешните генерации (млади, па и на средна возраст), кои не кажуваат ни едно културно „добар ден“, кои имаат еден светоглед – телефонот, интернетот и безобразлукот. Зависи кој како се поставил во денешните услови на живеење. Имаме исклучителни примери што знаат што се култура, воспитание и писменост, за разлика од мнозинството, кое не гледа од носот подалеку. Често се прашувам дали кај овие луѓе постојат совест и свест, за речник не сакам да зборувам, тој не доаѓа предвид, ами еден грам емпатија, дали воопшто постои во бесчувствителноста. И после не чинело времето, НЕ, не е така, времето е одлично, не чинат НЕлуѓето во него. Тие се лош одраз на реалноста. Како можеа некогаш луѓето да бидат скромни и задоволни, а денес не. Се разбира, затоа што се презадоволени, нема што немаат и затоа постои незадоволство од сето располагање што го имаат. Не е до времето, ами до незрелоста и неукоста е, за жал. Генерациите денес не знаат и не веруваат во библиските начела дека на добро со добро се возвраќа, ами секогаш обратното важи за нив. Тоа е проблем што ќе продолжи да се покажува во иднина затоа што не се почитува ништо и никој. Толку е капацитетот, не можеш никому со инка да му туриш во главата. Се нема општа култура, па со ред сите други емоции, кои се изгубени. Се гледа само како да се безделничи, наместо да се размислува како да се биде пример, како да се осамостои личност, како професионално да се биде подобар и подобар. Родителите што имаат строгост кон своите деца и уште од мали ќе ги воспитаат да бидат пример секогаш ќе се гордеат со своите деца, па и ние наставниците нормално. Повторно велам, за жал, тоа го нема. Детето е огледало од домот, ако се разговара со него и се советува. Меѓутоа очигледно дека тешко се излегува накрај и дома. Се доаѓа ли во 13 часот на училиште со полуотворени очи (оти сега модерно е во три-четири наутро да се легнува), со несредена училишна чанта и без пенкало за на час, па дури и со коса нечешлана? Да, така стојат работите, затоа што очигледно се нема контрола што прават децата и како после ќе функционираат во денот, од тука нормално доаѓа и агресивното и неконтролирано однесување, па сега види што треба да сториш со таквите појави. Наведов само пример што се однесува на помладите, а можеби на некои работни места тоа се манифестира и кај троа поголемите, ништо чудно нели, рековме очигледно. На тој начин, или тешко се функционира или воопшто не се функционира. Тоа не само што се одразува психички туку лошо изгледа во средината. Повеќе акцент ставам на денешното време, не дека некогаш немало недостатоци, ама сепак тоа време повеќе ниту ќе се врати ниту ќе постои. Тој свет е завршен или може да се каже дека повеќе не постои. Но, барем денес, нешто да задржевме од него. Никој не оспорува интернет, социјални мрежи, по ново сега вештачка интелигенција (ВИ) и којзнае уште што понатаму, но барем да се научиме на: ред, коректност, учење, одговорност, дисциплина, примерно однесување, културен речник на изразување итн.
Мојата мисија како наставник и професор е да го посакувам најдоброто за денешните генерации (без разлика што живеат во многу чуден свет), да им ставам до знаење до каде треба да трчаат со брзина, а каде да подзастанат и, најважно, да им посочам дека во какви личности ќе се изградат, такви еден ден ќе ги наследат и нивните деца, ако добро се разбираме, а знам дека ќе бидам сфатен и разбран. Денешните генерации немаат допирна точка со некогашните генерации. А, сепак, верувам дека можат барем малку да ги наследат. Толку!

Професор Александар Адамовски