Мистичната сила на Александар Македонски

Во науката и во легендите има низа сознанија и убедувања за националното потекло на Александар што се спорни, особено што него го присвојуваат сите. Како нивни прарод си го земаат Македонци, Грци, Бугари, Албанци, Срби и Власи. Но има и неспорни факти што се однесуваат за најмладиот антички македонски крал Александар Трети поврзани со неговата опседнатост со знаења на тајните скриени зад видливата страна на универзумот, зад недофатливата способност на умот, интелектот и духот.
Александар во својата дваесетта година, од родната Пела, со речиси занемарлив број на војска завладеа со третина од дотогаш познатиот свет. Ги прегази Тракија и Теба, ја ослободи Јонија, ги порази Грците, ги зазеде Египет и Израел, го победи Дариј и завладеа со големата Персија, ги порази Скитите и отиде до Индија. Некои историчари истакнуваат дека тој тргнал на источната страна на светот, следејќи го изгревот на сонцето, за да ги најде изворот со водата (или дрвото) на бесмртноста и богот што ги создал сите нешта на светот. Сето тоа го направил еден физички необичен човек, кого современиците го опишуваат како многу низок, со едвај 155 сантиметри висина.
За најдобро сведоштво во таа смисла, за доказ за неговите натприродни знаења, за големата моќ, способности, магиски тајни и поврзаност со божји сили се посочува битката кај Гавгамела, во која за противник го имал десет-петнаесет пати побројниот непријател, персискиот цар Дариј. На бојното поле Александар располагал со педесетина илјади војници, а Дариј со петстотини-шестотини илјади, иако некои претеруваат и спомнуваат милион.
До денес историчарите и воените стратези немаат цврсто и единствено објаснување што навистина се случило победата на македонската фаланга да биде толку лесна и зошто Александар однапред бил убеден дека ќе победи, решавајќи битката да се води по ден, а не ноќе, како што му препорачувале сите советници. Паниката што ги зафатила Персијците и ненадејното масовно бегство многумина проследувачи ги објаснуваат со ефект на Александровата космичка моќ, со моќта на несвесното, поврзаноста со божји сили, волшепства, окултни познанија.
Кои се факторите што придонеле за неговите големи успеси, не само воени, освен неговата фанатична побожност, божјата промисла, склоноста кон употреба на разни само нему познати ритуали, користење парапсихолошки методи, живеење во шатори полни со чад од темјан?
Навистина има некои што вреди да се споменат и да бидат добар совет и за денешните владетели и политичари или за оние што претендираат да станат тоа. Александар секогаш се опкружувал со соработници што се истакнувале со највисоки морални вредности и силен карактер. Ги избирал најдобрите учители, ги сослушувал мислењата спротивни од неговите, ги почитувал филозофите, поетите, уметниците, сите богато ги наградувал. Во прилог на кажаното е и тврдењето дека македонскиот крал цело време, во сите походи, редовно бил придружуван од гатачи, астролози, врачови, пророци и други зналци што ги толкувале соништата, библиските пророштва и неприродните феномени.
Учел етика и политика директно од Аристотел, индиректно од Платон и другите филозофи. Повеќе се гордеел со знаењето одошто со власта и моќта што ја имал. Силата на духот ја сметал за посилна од мечот. На средбата со филозофот Диоген, во знак на почит му рекол „да не сум Александар, би бил Диоген“, објаснувајќи дека власта на светот може се добие на два начина: со оружена сила, која колку и да е голема, таа е ограничена и минлива, и со духовни средства, кои имаат трајни вредности. Сметал дека суштината на еден гениј е всушност исчекор од вообичаениот, востановен систем, во ширината на знаењата, на способноста појасно да го види она што другите не го гледаат.
Речиси секогаш без грешка, се приспособувал на условите и моменталната ситуација, водел војна со само нему познати стратегии и тактики, кои со векови не биле надминати. Титулата големиот владетел на светот не претставувала световна титула, туку духовна, спознајна. Почеста на Велики ја добивал само оној што со своите дела, победи и успеси ги надминувал границите на овоземското, го направил она што никој друг дотогаш не го направил, оној што невозможното го направил можно.
За Александар се мислело дека во својот духовен развој ги надминал материјата, енергијата, времето и просторот и поради тоа е нарекуван – последниот волшебник на антиката. Неговиот мит раширен од Рим до Индија почнува да исчезнува кон шестиот век од новата ера, под влијание на напливот на христијанството, а подоцна и на исламот, но на голема врата се вратил во 19 век.

Што велел за државата – за луѓето, за светот? Кога во една пригода кај местото Опија Македонците се побуниле префрлувајќи му на својот водач дека „се ородил со Персијците“ (станал близок со нив, ги прифатил нивните обичаи, се трудел да го научи нивниот јазик, ги терал војниците да се женат во мешани бракови, организирал масовни венчавки меѓу Македонци и Персијки), Александар извикал: „Се ородив со сите вас“. Кратката побуна завршила со гозба на помирување, на која Александар одржал молитва за мир и посакал сите народи на неговото царство да соработуваат блиско во управувањето со заедницата. Посакал, исто така, сите народи на светот да живеат во хармонија и во единство, велејќи дека Бог му ја доверил мисијата да биде светски миротворец. Се обидел да создаде држава што требало да биде духовен светилник на сите луѓе на планетата во која ќе биде победена човековата глупост.
По две илјади и триста години Александар Велики (Мегалос), и покрај сите војни што ги водел и масовни крвави масакри што ги вршел, сѐ уште претставува симбол на слободата за многу народи, давајќи им на сите луѓе на освоените територии, без оглед на етничкото потекло, еднакви права, изедначувајќи ги со Македонците, и со Грците што биле мнозинство во неговата војска. Александар се спомнува во Светото писмо, неговиот живот го красела невообичаена етничка и политичка толеранција.
Во источните традиции кружи една интересна приказна. Наводно, Александар бил погребан со раширени раце над ковчегот, што го симболизирало неговото царство што се простирало од изгревот до залезот на сонцето. Празните дланки укажувале дека по сѐ што направил, земниот свет го напушта со празни раце. А познато било дека живеејќи како аскет, гледајќи со презир на материјалниот сјај и раскош, стекнал големо почитување како меѓу војската, така и меѓу завладеаните народи.
Според неподеленото мислење на историчарите, Александар Македонски е една од оние вонземски личности што создаваат нови историски периоди, од оние што со магиски сили ги уриваат старите системи и начин на живот. Иако бил забележлив неговиот низок раст, сите се согласуваат дека неговата појава, неговиот поглед и внатрешна сила ја покажувале неговата поврзаност со универзумот и вишите сили во него.
Во воена смисла се цитирани две негови славни изреки, токму од битката кај Гавгамела. Имено, кога го убедувале да не се впушта во бој со десетпати посилна војска од неговата, тој одговорил: „Силата не е во мноштвото, не е во бројноста“. Кога, пак, му советувале да употреби некои трикови и измами, тој рекол: „Јас не сум научен да ги крадам победите“!