Македонија (мора да) е субјект во големата геополитичка шаховска партија

  • Газиме на минските полиња од Втората светска војна. Ситуацијата е таква што сега многу држави, многу лидери ќе си ги лижат раните како кутриња, затоа што светот во моментов нема време за милосрдие. Се грабаме сите за нешто. Трамп ја нарече шпанската одлука „ужасна“. Јасно е дека некој некому му го удрил ножот во грб во Европа, но дали е првпат. Работите се токму какви што беа пред Втората светска војна, а многу мински полиња и буквално и метафорички не беа разминирани под војната во која настрадаа милиони. По војната во која не настрадаа интересите, не настрадаа корпорациите и не настрада профитот како идеја водилка на новиот
    либерален свет
  • Заборавивте на Украина?! Ајде да видиме. Македонија му кажа на Руте дека членството во ЕУ за нас е и безбедносно прашање, но зарем во тоа
    мораме да бараме и морален одговор. Тоа во моментов се чини како најголем луксуз и затоа држењето за своето и чувањето на своето е најголемиот капитал, особено што токму Европа е во хаос

Во моментов прашањето дали воениот американско-израелски удар врз Иран е во согласност со меѓународното право или не, е прашање што се оддалечува од визирот на настани што ги мелат сите правила што досега ги знаевме. Некаде се испишува историја, некаде некој е отпишан од историјата. За последиците од најновата војна на Блискиот Исток веќе сме свесни, но некои допрва ќе следуваат.
Што е важно за Македонија? Првин дека ние сме вовлечени во центрифугата на геополитичките промени. Ние сме внатре, ние сме и некаков субјект и треба така да размислуваме, и така да се однесуваме, и така да ги градиме нашите политики и за дома и за надвор. Впрочем, Македонија одамна зазеде страна и со тоа што застана зад економските санкции против режимот во Техеран, кои всушност се политика на следење на надворешниот курс на Европската Унија. Имаме стратегиско партнерство со САД и сѐ поблиски односи со Израел, држава со која имаме длабоки врски во историски тек од најмалку 2.000 години. Ако некој мисли дека тие нешта можат да се прескокнат и сега да станеме некој нов субјект, мислам дека е тешко, ако не и невозможно. Сепак, тоа не значи дека ние немаме простор за отворање нови перспективи, барање нови пазари и за градење нови пријателства. Ова особено се однесува за македонскиот пристап кон помали земји, зашто големите наметнуваат свои правила и не се многу наклонети кон потпишување билатерални договори со ситна боранија, за нив е доволна некоја стара договорна рамка и тие гледаат што ќе стават во нивниот голем казан. Сакаат да кркаат!
Две работи се случија речиси симултано. Првата е посетата на германскиот канцелар Фридрих Мерц на Вашингтон, што беше прва посета на лидер откако САД удрија воено на Иран. А, пак, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е исто така една претходница на тешката дипломатска коњица што доаѓа во Македонија во оваа геополитичка бура, а ќе доаѓаат уште. Една од причините е што ние сме членка на НАТО, значи и со права и со обврски под тој заеднички безбедносен чадор, а тоа значи дека ние мораме да бидеме подготвени за сите сценарија. Војната против Иран засега е конфликт на познати актери (САД, Израел, Иран), во заднина има и понекој сојузник, или прокси сили на кои се потпира режимот во Техеран, меѓутоа се очекува војната да се разгорува внатре во Иран (активирање на Курдите, вечното топовско месо за туѓи интереси), а Техеран да ја префрли надвор од своите граници. Притоа, сега веќе е јасно, први на нишанот се земјите карши Персискиот Залив и сојузници на САД (НАТО), но иранските ракети, сега тоа се знае со сигурност, можат да погодат цели и во Кипар, и во Грција, Турција, но и во Албанија, па и во Македонија. Ние сме во нивниот периметар. Затоа не веруваме дека Руте дошол во Скопје само за да се изгушка со претседателката Сиљановска (добар гест за да се искаже цврсто пријателство и лично и на друго ниво) или за да ѝ угоди на Радмила (како што тој си ја вика) или да се згрее на мартовското македонско сонце, затоа што има многу работи што се важни за НАТО-сојузниците. Една од клучните точки е дали и кога може да се очекува да се активира членот 5 од Вашингтонската спогодба, кој е клучниот столб на колективната одбрана, а кој децидно вели дека напад врз една членка е напад врз сите. Можеби и бевме блиску до активирање на петката кога (наводно) летнала иранска ракета кон Турција, каде што беше пресретната и неутрализирана. Засега тој член е во мирување, но не се знае. Потоа, иако засега малку се зборува, но, сепак, многу е веројатно дека ќе се случи бегалски бран од Иран, а каде ако не кон Европа преку балканската маршрута. Турција веќе ги прави плановите за прифаќање бегалци. Ете и таму е Македонија. Каква улога ќе добиеме не би сакал да нагаѓам, немам информации, но ние сме дел од големата бура, од големата шаховска партија и ќе мораме да ја играме таа партија.
Зошто Мерц е првиот европски лидер што му беше гостин на Трамп? Можеме многу да анализираме и да шпекулираме, но првин да се согласиме со фактот дека Мерц е прв и Мерц во моментов е најмоќниот и најстабилен европски лидер. Велиме во моментов, затоа што таму АФД сѐ уште е во подем. Мерц влезе во Белата куќа со став на европската тројка (Германија, Франција и Велика Британија) дека не се ни за, ни против војната со Иран, иако преовлада ставот дека ќе си стојат настрана. По разговорите со Трамп, германскиот канцелар ја смени страната и даде, малку низ заби, поддршка за Америка. Доволно. Од друга страна, американскиот претседател искажа големо незадоволство од позиционирањето на британскиот премиер Кир Стармер, па дури и му кажа да не се замислува дека е некој Черчил, туку да се врати во реалполитиката. Но Англичаните, како креатори на блискоисточниот хаос пред стотина години, си имаат своја математика и свои интереси. Тоа го покажаа со военото присуство на Кипар, каде што имаа свои бази и Лондон засега ќе ги гледа само своите интереси. Втор на листата што отпаѓа од кругот на омилени на Трамп е Емануел Макрон, кој сега има своја визија да ја нуклеаризира Европа, да формира нуклеарен чадор од свои ракети со нуклеарни боеви глави. Според неговиот план, такви би се разместиле и во Грција, што би било најблиску до нас. Кој ќе го контролира тоа? Има ли меѓународен поредок, правила, живи ли се меѓународните организации во Њујорк, Виена или во Хаг за да го следат тоа и да кажат што мислат. Нуклеарна Европа?! Но се множат и други европски полови – еден е во Шпанија, каде што премиерот Педро Санчез се покажува како тврд играч и му се спротивставува на Трамп кога станува збор за тоа да му даде пристап до американските бази од кои би го напаѓал Иран. Санчез е за почитување на меѓународниот поредок. Можеме ли да заклучиме дека во Европа има и пацифисти? Не би навлегувал длабоко во анализа на неговите потези, но се прашувам дали навистина оваа тврда игра е како резултат на односот кон Израел или овде станува збор за принципиелен политичар?
Каква ситуација имаме сега во Европа? НАТО, што значи и дузината членки на ЕУ, ја поддржува воената интервенција, но во исто време и е против неа. Шпанија му испрати порака на Мерц во смисла „каков лидер си ти, Меркел на пример никогаш не би била против европската солидарност“, јасно алудирајќи на германската поддршка што ја доби Трамп. Ситуацијата е таква што сега многу држави, многу лидери ќе си ги лижат раните како кутриња, затоа што светот во моментов нема време за милосрдие. Се грабаме сите за нешто. Трамп ја нарече шпанската одлука „ужасна“. Јасно е дека некој некому му го удрил ножот во грб во Европа, но дали е првпат. Работите се токму какви што беа пред Втората светска војна, а многу мински полиња и буквално и метафорички не беа разминирани под војната во која настрадаа милиони. По војната во која не настрадаа интересите, не настрадаа корпорациите и не настрада профитот како идеја водилка на новиот либерален свет. Кога некој некому му го забива ножот во грб (секогаш има лик како Брут), тој вели дека имало причина за тоа, се повикува на моралот, исто како што и војната како акт се повикува на моралот и неопходноста од тоа. Сега ќе бидеме сведоци кога пријателот на мојот пријател стана мој непријател и оваа максима ќе доживува безброј пермутации, сѐ додека не легнат коцките. Заборавивте на Украина?! Ајде да видиме. Македонија му кажа на Руте дека членството во ЕУ за нас е и безбедносно прашање, но зарем во тоа мораме да бараме и морален одговор. Тоа во моментов се чини како најголем луксуз и затоа држењето за своето и чувањето на своето е најголемиот капитал, особено што токму Европа е во хаос. Ако еднаш дадеш, сите ќе очекуваат да го сториш тоа повторно. Но има точка од која не смее да се оди понатаму. Мислам дека ја разбравме големата игра. Сега сме внатре и мораме да го зачуваме нашето. Ќе повторам – неодамна напишав дека ќе дојде време кога Македонија како татковина и како мајка ќе мора да ги отвори вратите за своите иселени деца, зашто ќе дојдат тешки времиња. Ние денес зборуваме за геополитика, но ние сме и во фаза на геоекономија (токму Шпанија може да биде жртва на Трамповиот геоекономски одговор, значи санкции), период кога ќе има големи падови, кога светската економија ќе биде ставена на стрес-тест и кога многу морални принципи и хумани закони ќе бидат отфрлени како премногу скапи. Затоа за поздрав е брзата акција на македонската влада за евакуација на македонските граѓани тие безбедно да се вратат дома.