Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Основен суд Штип денеска започна судскиот процес против 74-годишниот Денис Асанов, обвинет за убиството на 79-годишната Борјанка Николова од Штип. Обвинетиот не се изјасни за виновен, а на прашањето од судечкиот судија Јулијана Недкова дали чувствува вина за делото што му се става на товар, Асанов категорично одговори: „апсолутно не“.

Во воведниот збор, обвинителката од Основно јавно обвинителство Штип, Тања Кацарова, наведе дека убиството било извршено минатата година. Според обвинението, Асанов со тврд предмет ѝ скршил ребра на жртвата, по што со остар предмет – нож – ѝ ги отсекол главата и нозете. Дел од телото ги сокрил на непозната локација, а трупот го закопал во дворот од куќата.

Како сведок беше сослушана Дона Огнанова, сестра на починатата, која изјави дека Николова живеела кај неа бидејќи немала семејство. Таа посочи дека жртвата секојдневно излегувала на прошетка, но редовно се враќала дома. Последен пат ја видела кон крајот на септември, кога, како што рече, Николова се дотерала и побарала да ѝ повика такси, по што заминала.

Според исказот што обвинетиот го дал пред обвинителството, мотивите за убиството биле љубомора и љубовни недоразбирања. По исчезнувањето на Николова се трагало неколку дена, а случајот бил пријавен од нејзината сестра, која денеска сведочеше пред Судот.

Од Министерство за внатрешни работи информираат дека на 24 октомври 2025 година, 84-годишната сестра на жртвата пријавила дека Николова се оддалечила од домот. На 10 ноември, со судска наредба, бил извршен претрес во домот на обвинетиот, при што биле пронајдени траги од крв и предмети поврзани со кривичното дело. По претресот, Асанов бил лишен од слобода и му била одредена мерка притвор, а дополнителните вештачења и разговори довеле до целосно расветлување на начинот на извршување на убиството.

Судењето ќе продолжи на 18 март во 9:30 часот во Основниот суд во Штип, – пренесе МИА.