Корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГК) објави дека воспоставил „целосна контрола“ врз Ормускиот теснец – клучна поморска рута преку која минува значителен дел од светската трговија со нафта, јавуваат француски медиуми.
– Во моментов, Ормускиот теснец е под целосна контрола на поморските сили на Исламската Република – изјавил Мохамад Акбарзаде, висок командант на поморските сили на Револуционерната гарда, цитиран од иранската агенција „Фарс“, пренесе МИА.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека американската морнарица е подготвена да ги придружува нафтените танкери низ теснецот, „доколку тоа биде неопходно“.
Овие изјави следуваат по заедничката воена операција што викендов ја започнаа САД и Израел против Иран. Техеран возврати со напади врз израелска територија и американски воени бази во регионот на Персискиот Залив.
Претходно, ИРГК соопшти дека погодил втор американски систем за противракетна одбрана THAAD, информација што ја објави и новинската агенција ИРНА.
































