Што порачуваат знамињата и симболите истакнувани на собирите на Иранците и во Иран и низ светот
- Верзиите на знамето со лав и сонце со години се користени од иранските опозициски групи и Иранците во дијаспората, при што знамето беше истакнувано во знак на поддршка за враќање на монархијата во Иран или како симбол на отпор кон сегашната власт
Веењето на старото иранско знаме со црвени, бели и зелени ленти со златен лав и сонце во центарот беше забележано низ светот изминатиот викенд, главно од поддржувачи на воената акција на САД и Израел врз Иран, односно на дел од иранската дијаспора што е против сегашната власт во Исламската Република Иран. Тоа само се надоврза на употребата на знамето од страна на учесниците на протестите што избувнаа во сите 31 провинција на Иран на почетокот на годинава.
Верзиите на знамето со лав и сонце со години се користени од иранските опозициски групи и од Иранците во дијаспората, при што знамето беше истакнувано во знак на поддршка за враќање на монархијата во Иран или како симбол на отпор кон сегашната власт. Сегашната теократска власт на Иран се обидува да го „врати под свое“ симболот на лавот и сонцето. Али Акбар Салехи, директор на владината Фондација за иранологија, минатиот месец изјави дека Исламската Република Иран го поседува симболот на лавот и сонцето и ја осуди неговата употреба од други страни.
Обележјето познато како знамето на „лавот и сонцето“ стана симбол на отпорот кон сегашната исламска власт во Иран, бидејќи беше користено пред Исламската револуција во земјата, односно пред 1979 година, со што се поистоветува со владеењето на последниот шах Мухамед Реза Пахлави. Династијата Пахлави, која владееше со Иран од 1925 до 1979 година, често се поврзува со иранското знаме со лав и сонце. Таа беше соборена од фундаменталистичко религиозно движење предводено од ајатолахот Рухолах Хомеини, со што беше укината монархијата во Иран. Знамето на Иран подоцна било изменето, а меѓу промените беше и замената на грбот со лавот и сонцето.
Самиот амблем на лавот и сонцето долго време се поврзува со Иран. Се прикажувал на знамиња уште од 15 век, а кон крајот на 19 век зелената и црвената боја беа додадени како граница на бело знаме што ги носи тие симболи. По донесувањето на Уставот од 1906 година, тробојката типична за националните знамиња на многу други земји беше официјално признаена од Иран. Неговите хоризонтални ленти од зелена, бела и црвена боја беа поврзани, соодветно, со исламската вера на земјата, мирот и храброста. Во центарот на белата лента беа прикажани лавот и сонцето со дополнителните симболи на царска круна и венец. Р.С.
































