Редакциска компаративна опсервација
Сличности и разлики на војните Русија-Украина и САД-Иран
Во моментов светот е сведок на два колосални воени конфликти, на почетокот на 21 век. Првиот конфликт е долгата, веќе четиригодишна војна на Русија против Украина. Вториот е брзата „плејстејшн-војна“ помеѓу САД и Иран. Нашата новинарска опсервација во продолжение има цел да направи паралели меѓу двете војни, да ги детектира идентичностите и разликите меѓу двата судира од воен, политички и економски аспект, како и да понуди поширок новинарски увид во нивната меѓусебна динамика, предизвици и последици
Војната на европско тло започна со голема и широка руска операција во февруари 2022 година. Таа трае и продолжува веќе четврта година, со голем број жртви, фронтовско опстојување и територијални напредувања и повлекувања. Воениот судир можеби беше планиран како кратка офанзива, но се претвори во долготраен конфликт на исцрпување, со многу човечки, материјални и инфраструктурни загуби.
Нападите на руска страна се упорни и самодоволни, со симболична поддршка од доброволци поединци, но и сојузници (Северна Кореја). Од друга страна, во таа војна Киев е силно поддржан од западни сили, и тоа политички, технички, експертски, финансиски, разузнавачки, со оружје и муниција итн.
Први компаративни впечатоци за двете војни
Некои тврдат дека „Русија за четири години не успеала да ја победи Украина, додека Америка за 24 часа завршила работа“. Интересен став, но површен и далеку од прецизен.
Имено, Москва има тотално различна концепција, доктрина и стратегија од САД. А и воените цели на Москва се различни. За издвојување веднаш на почетокот на нашата опсервација е нешто што на прв поглед е повеќе од очигледно.
Имено, Кремљ не тргна физички да ги ликвидира Зеленски и неговите соработници, туку да освојат територија што ја сметаат како историски своја. Второ, Москва сакаше да му стави вистински/реален/опиплив крај на агресивното глобално ширење на либералната западна идеологија (кон исток) во која „Западот“ ги стави во погон сите придружни милитаристички инструменти и алатки. Москва не успеа да парира ефикасно со своите обиди со политичко- дипломатски мерки (не успеаја Минск 1 и 2). Како последица на тоа, дојде до промена на планот на Русија и, од политички, премина кон воени методи, при што Москва го лансира терминот „денацификација“ како идеолошки мотив и пакување во контекст на почеток на „специјална операција“ против либералистички, глобалистички и нацистички становишта што ја загрозуваат руската национална безбедност.
Натаму, повеќе од очигледно е дека во овие четири години Русија води војна против цела Европа и НАТО (во Украина се води прокси-војна организирана од „Западот“), и тоа со дополнителни логистички помагала – активни западни санкции.
На другата страна е свежо почнатата војна на Блискиот Исток. Имено, Вашингтон стрпливо ја подготвуваше војната со Иран повеќе од една година. При подготовките на воените капацитети во таа функција и демонстрацијата на таа своја сила во заднина, Вашингтон започна преговори со Техеран, како да го држи прстот на „чкрапалото“. За потсетување, по Женева ,„преговорите“ сѐ уште се живи, дури имаат закажано и наредна рунда, а ракетирањето на САД кон Иран започна!? И покрај американската реторика дека „Иран е земја управувана од тврдокорни исламисти“, преговорите во Женева покажаа колку е неточно тоа. Иран, уште еднаш, во процес што трае веќе повеќе од една деценија, го прифати повикот за дипломатија и беше подготвен да направи тешки компромиси. Трамп се однесува, од друга страна, како некој да го притиска надолу во спиралата на кредибилитетот. Едно е да се биде „лукав“, но да му се подаде рака некому (за мировни преговори со Техеран), а друго е потоа да се има обид да се нокаутира преговарачот, што е потег на измама. Тешко дека во тековната војна во Украина има пример за споредба. За споменување е и тоа што американскиот претседател Трамп ќе треба да најде одговор за во Конгресот, зашто тој не доби зелено светло за интервенција.
Натаму, на првата борбена линија за оваа американско-иранска војна е Израел. Тие се, рака на срце, сериозна воена сила и над сѐ – нуклеарна. А САД имаат воена логистика во Катар, ОАЕ, Јордан, во Бахреин им е петтата флота, во Кувајт, во Сирија, каде што има воени бази, па до Кипар, Грција и Бугарија. Но, за разлика од Москва, целта на Вашингтон беше примарно да се ликвидираат Хамнеи и сите околу него во овој ирански режим. Тоа е и остварено, најверојатно со разузнавачка и со внатрешна помош. Доколку по ова не следува брза промена на режимот, онака како што сака Вашингтон, голема е веројатноста Иран да биде впуштен во сценарио на граѓанска војна поттикната однадвор, која би довела до распаѓање на државата, но и поделба на секуларисти и исламисти. Ова е уште една крупна разлика во начинот на војување и спроведување на политиките на Вашингтон и Москва, онаму каде што сметаат дека имаат свој интерес, без разлика од каде го црпат мотивот за остварување на тој интерес. Во контекст на блицкригот на САД значајно е да се истакне уште една интересна работа. Имено, воената интервенција на САД и Израел е изведена во светиот месец Рамазан, што не може да се каже дека е „случајно“!?
Воена компарација:
· Иако двата воени конфликти по својата природа се офанзивни, нивната природа, цели и опсег се суштински различни. За разлика од фронтовскиот начин на војна во Европа, со кампањски офанзиви и контраофанзиви од обете страни, конфликтот на Блискиот Исток веднаш доби кулминација, на 28 февруари 2026, со координирани фокусирани агресивни операции од страна на САД и Израел, насочени кон воени и нуклеарни цели во Иран, при што највисоките водачи на таа држава беа убиени.
Во војната Русија-Украина, Москва почна продор во Украина со цел да контролира дел од украинската територија и да пресмета влијание во постсоветскиот простор, со стратегија на „заморување“ на украинските сили и преговори од позиција на сила. Украина, со поддршка од НАТО и западни сојузници, одбра стратегија со фокус на мобилизација, технологија и одбрана во рамките на сопствената територија, со повремени диверзантско-терористички акции длабоко во територијата на Русија.
Во војната САД-Иран, Америка и Израел ја насочија офанзивата кон клучни воени капацитети, раководни структури и нуклеарна/ракетна инфраструктура на Иран, со отворена цел за „промена на режимот“ или уништување стратегии што се сметаат за директна закана на националниот интерес на САД. Иран одговори со балистички ракети и дронови, целејќи на американски и израелски позиции, што ја отелотворува природата за еден регионален ракетен и асиметричен одговор.
Во Украина, конфликтот е истраен, повеќе со статични фронтови, со голема зависност од артилерија, од дронови, што уништува инфраструктура, но носи значителни човечки жртви на двете страни. Од друга страна, во иранскиот конфликт за кратко време се употребени високопрецизни удари, софистицирани орудија, без моментално постојано фронтовско држење линии.
Од аспект на жртвите и ефектите на теренот, војната во Украина е една од најсмртоносните во Европа по Втората светска војна, со стотици илјади жртви и со огромен број ранети и исчезнати. Во судирот со Иран, бројките и жртвите сè уште се во развој поради краткото време на конфликтот, но веќе има голем број цивилни и воени загуби на двете страни, со широка мобилизација на сили и одговори.
Политички димензии: Дипломатија, легитимитет и меѓународна реакција
1. Легитимитет и меѓународно право
Во врска со конфликтот Русија-Украина, рускиот напад е осуден од мнозинството членки на ООН како агресија што го нарушува принципот на територијален интегритет. Но Кина, како постојана членка на СБ на ООН, не се согласува со другите членки на СБ и прва се обиде да посредува во конфликтот меѓу Русија и Украина плус западните земји. Украина, пак, има поддршка на западната меѓународна заедница, која испорачува и санкции против Русија.
Што се однесува до војната САД-Иран, нападите на Америка и Израел предизвикаа контроверзии во ООН, со изјави за прекршување на меѓународното право и повици за дипломатско решение. Некои западни држави се воздржаа од директно учество, нагласувајќи ја неопходноста од деескалација, додека други изразија поддршка или разбирање за американската позиција.
2. Внатрешна политичка динамика
Во Украина политичката поддршка се концентрира околу отпорот кон Русија и барања за меѓународна помош, додека во САД конфликтот со Иран не доби дозвола во американскиот Конгрес, при што тоа уште подлабоко ја подели политичката сцена. Дел од политичката елита и јавноста ја критикуваат администрацијата за „автоматско вовлекување во нова војна“, а други ја поддржуваат логиката на претседателот Трамп. Во Иран, пак, нападот и одговорот делумно ја зацврстија реториката на режимот околу надворешните „закани“ и мобилизацијата на населението, така што еден дел од народот во Иран, особено Иранци што се надвор од Иран, го поддржува падот на досегашниот режим и ја оправдува акцијата на САД.
Економски последици
Русија се соочува со санкции што ја ограничуваат економската активност, ги намалуваат инвестициите и ставаат притисок врз домашниот пазар. Дури и со значајни трошоци за одбрана, економијата покажува тенденции на недостиг од раст и структурни тешкотии, но кои, според одредени аналитичари, се надминати. Украина, пак, се бори со уништена инфраструктура, енергетски кризи и зависност од странска помош, што ја става целата економија под драматичен стрес.
За војната САД-Иран, конфликтот веќе влијае на глобалните пазари на енергенти и финансиите поврзани со нафта, бидејќи Блискиот Исток повторно станува критично жариште за снабдување. Иран се соочува со изолација и дополнителни санкции, кои носат долгорочни последици за инвестирање, кредитирање и трговски влезови, со потенцијал да ја искриват економската перспектива на целата држава за децении доколку не заврши блицкригот на САД онака како што посакува Вашингтон.
И додека конфликтот помеѓу Русија и Украина се одвива како долготрајна војна, со исцрпувачки карактер и слаби шанси за брз крај, новиот фронт меѓу САД и Иран покажува динамика на брзи интервенции, со најмногу геополитички последици и ризик од поширока регионална вжештеност. Едниот конфликт ја тестира издржливоста на неолибералниот европски „безбедносен поредок“, а другиот ги загрозува постојниот меѓународен правен поредок, меѓународното право и иднината на решавање на конфликти. Во воен, политички и економски контекст, двата судира ја рефлектираат сложеноста на модерните конфликти, каде што стратегијата, дипломатијата, технологијата и глобалните интереси се судираат на сцена, што влијае на севкупните регионални и глобални системи. Р.Н.М.
Русија-Украина и САД-Иран низ призма на експертски ставови
1. За воената димензија: Класична фронтална војна наспроти високопрецизна ескалација
Војна на исцрпување во Европа
Според анализа на лондонскиот Меѓународен институт за стратешки студии (International Institute for Strategic Studies), конфликтот во Украина се трансформирал во „индустриска војна на 21 век“, каде што артилеријата, беспилотните летала и логистичката издржливост се поважни од брзите маневри.
– Ова не е блицкриг. Тоа е систематско исцрпување на човечките и индустриските ресурси – наведуваат аналитичари од Институтот во својата последна стратешка процена.
Во овој конфликт доминираат фронталната линија, рововската динамика и постепеното поместување на територијалната контрола – модел што потсетува на војните од 20 век.
Иран: Ограничена, но технолошки концентрирана ескалација
Во случајот на САД-Иран, експертите од „Чатнам хаус“ (Chatham House) нагласуваат дека станува збор за „хибриден конфликт со висок интензитет и ограничена географска амбиција“.
– Целта не е окупација, туку деградација на капацитетот – се наведува во нивната анализа, со акцент дека нападите се насочени кон воена инфраструктура, командни центри и стратешки капацитети.
Клучната разлика е во времетраењето и целта. Во Украина се води долгорочна војна со територијални импликации; во Иран станува збор за „стратегија на одвраќање и демонстрација на сила“.
Експертската заедница е сè поусогласена во една процена: влегуваме во период каде што воената сила повторно станува централна алатка на надворешната политика.
Ако украинската војна ја означи „ерата на фронтот“, тогаш судирот со Иран може да ја означи „ерата на прецизната ескалација“. И двата конфликта ја редефинираат глобалната безбедносна архитектура – но на различни начини и со различна динамика. Р.Н.М.
































