Фото/Илустрација: Пиксабеј

Портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина на денешниот редовен брифинг со новинарите, не ги потврди информациите на грчкиот весник „Катимерини“ дека во кабинетот на Мицотакис „постои едно интересно размислување премиерот во следниот период да го посети Скопје“ по повод договорот за одново активирање на продуктоводот Солун – Скопје.

– Не знам за таква посета. Доколку има нешто, ќе бидете информирани или од нас или од Министерството за надворешни работи – одговори Маринакис.

„Катимерини“, во текстот со наслов „Предлози за посета на Скопје“, како што вчера објави МИА, пишуваше дека размислувањата за посета на Мицотакис на Скопје се по повод „неодамнешниот договор на ‘Хеленик енерџи’ со Владата на Северна Македонија за активирање на стариот нафтовод долг 213 километри, што ги поврзува Солун и Скопје и не се користи од 2013 година“.

– Активирањето ја зголемува енергетската безбедност на Северна Македонија преку енергетската зависност од Грција, што се смета за враќање кон една стара догма на надворешната политика за економско продирање на Балканот. Доколку патувањето навистина се реализира, одлуката ќе биде донесена во следниот период – пишува „Катимерини“.