Наставниците од Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет на УКИМ со внимание ја разгледаа последната верзија на Предлог-концепцијата за средно гимназиско образование и со свои забелешки се вклучија во јавната расправа во согласност со своето подрачје на експертиза и компетентност, како единствена високообразовна и научна институција од областа на класичните студии во нашата држава, којашто редовно и континуирано ги следи состојбите во средното образование не само во нашата земја, туку и во странство, им дава стручна поддршка на професорите што изведуваат настава по класични јазици (латински и старогрчки) и подготвува учебници и дидактички помагала за наставници и ученици и учествува во изработка на наставни програми по класични јазици.
Соопштението од Институтот го пренесуваме во целост.
„Силно ја поздравуваме иницијативата за осовременување и промени како во наставниот план, така и во останатите аспекти на средното гимназиско образование. Но, бидејќи гимназиското образование по дефиниција треба да претставува соодветна подготовка на учениците за продолжување на образованието во високообразовните институции, збунувачки и несоодветно го сметаме деградирањето и недоволната застапеност на класичните јазици (латинскиот и старогрчкиот) со сведување на само едниот класичен јазик – латинскиот (старогрчкиот е сосема изоставен), на изборен предмет што се изучува само една година, и тоа во трета година. Повеќе студии, анкети и истражувања (спроведени во Обединетото кралство, Швајцарија, Германија и др.) користејќи мерливи параметри, потврдуваат дека изучувањето на класичните јазици (латинскиот и старогрчкиот), како и античката книжевност и цивилизација:
• Претставува најдобар начин за подготовка за универзитетски студии;
• Значително ја подобрува писменоста, изразувањето, вокабуларот, граматичките и воопшто јазичните компетенции на учениците;
• Значително помага и го олеснува изучувањето на модерни странски јазици;
• Ја афирмира свеста за заедничкото потекло и основи на европската култура и цивилзација, а со тоа и за заедничкиот европски идентитет, и
• Влијае на зголемување на интересот на учениците за читање, посета на театар, уметност, историја и археологија.
Сметаме дека е дури излишно да потсетуваме дека изучувањето на старогрчкиот и латинскиот јазик е особено полезно и дури неопходно за учениците коишто ќе го продолжат своето образование на студиски програми како што се: медицина, фармација, стоматологија, биологија, биохемија, право, археологија, историја, филозофија, класични студии, француски или италијански јазик и книжевност, англиски јазик и книжевност, општа и компаративна книжевност и други, и тоа не само како најпродуктивно и незаменливо средство за составување на научната терминологија во сите видови научни дисциплини, туку и заради генетската поврзаност на класичните јазици со најголемиот број европски јазици и заедничкото потекло од праиндоевропскиот јазик и, од друга страна, заради големиот број латинизми и грцизми во вокабуларот на сите јазици, особено во македонскиот јазик. Спознавањето на правилното значење на латинизмите во македонскиот јазик, коишто се зборови на науката, но и зборови од секојдневниот живот, значително ја подобрува писменоста на учениците и го подобрува нивниот капацитет да се изразуваат, но и да читаат стручна литература. Истражувањата покажуваат дека учениците кои учат латински јазик полесно ги совладуваат другите наставни предмети и постигнуваат подобри севкупни резултати во учењето.
Покрај тоа, изучувањето на класичните јазици докажано води кон развој на критичкото мислење и аналитички пристап во решавање на проблемите, a e сосема сообразно и со останатите клучни начела за обезбедување квалитетно образование: придонесува за структурирање на моралот и етичкиот развој на ученикот и за развој на културниот и националниот идентитет (со самите содржини и методи на изучување, преку стекнување компетенции за непосреден увид во пишани извори, богато културно наследство и сл.). Изучувањето на класичните јазици и на други хуманистички дисциплини поврзани со античкото наследство, европската култура и уметност развива компетенции кои можат да влијаат на унапредување на општествените процеси во насока на нивна хуманизација, што станува актуелно и суштествено во рамките на глобалниот напредок на цивилизацијата. Изучувањето на старогрчкиот и латинскиот јазик има капацитет да иницира развој на вештини за правилно, вистинито и убаво, т. е. комуникациски ефикасно мислење и говорење, но и други фундаментални вештини како што се: критичко мислење, социјална перцептивност, способност за координација, активно слушање, комплексно решавање проблеми и да придонесе во стекнувањето и на глобалните компетенции како што се: културна свесност, јазички компетенции и приспособливост во актуелните глобални цивилизациски трансформации.
Латинскиот јазик, во комбинација со класичната култура е особено важен за проучување и разбирање на културното наследство, но и културата општо земено. Македонија има значајно културно наследство од хеленистичкиот период, во кое голем број епиграфски споменици се напишани на латински јазик. Не помалку важна е и рецепцијата на класичната култура во епохите што следеле по антиката и во денешната современа култура. Учењето латински јазик може значително да помогне во поттикнување на љубов и интерес за културното наследство со кое располага нашата држава и разбирање на нејзиниот мултикултурен характер.
За жал застапеноста и статусот на предметот Латински јазик и класична култура во Предлог-Концепцијата – изборен во трета година со една година изучување е несоодветен на потенцијалот што тој го има позитивно да учествува во постигнување на целите, начелата и задачите на гимназиското образование.
Сметаме дека е неопходно овој предмет да биде задолжителен во една година за сите ученици. Со тоа учениците и матурантите од нашите гимназии ќе бидат поблиску до своите врсници од европските земји и ќе им се овозможи посоодветна подготвеност за успешни студии на повеќе студиски програми“.































