Дали китовите имаат прсти?

Земјата е плоча… грамофонска плоча. Премногу долго ја врти истата песна врз грамофонот на вечноста. Некои теоретичари на заговори низ вселената тврдат дека ако ја пуштиш да свири наназад, ќе се слушнат крајно комплицирано кодирани пораки кои ја дешифрираат тајната за настанокот на постоењето и суштината на недофатливото. Други, малку поскептични битија, не се согласуваат. Тие се убедени дека тоа воопшто не се кодирани пораки, туку бесмислени чкрипења од кои никаква корист нема ниту една космичка димензија. Просто, тврдат тие, станува збор за расипана плоча која вергла едно те исто, тоа па тоа. Добро тогаш, знаат да се јават одредени форми на бестелесен живот, сменете плоча, оти ако оваа е неквалитетна може да го расипе грамофонот на вечноста, па нема веќе да го слушаме ритамот на недостижната хармонија, а тоа ќе значи фајронт на журката. На ова секако се надоврзуваат и намќорите од темната материја кои дремат по црните дупки на неоткриените простори на безвременоста и, свртете ја тогаш плочата, велат, може има подобри ствари на другата страна од албумот кој никогаш не стигна до врвот на топ листата, иако, додаваат, клубот „Сончев систем“ никогаш не се покажал како место каде што се негува префинет вкус за една пристојна забава, таму можат убаво да си поминат само оние забегани недефинирани живи структури кои шмркаат линии космичка прашина и се пуштаат на згодни комети кои мавтаат со опашките, па затоа, гаси таму музика! Правете што ќе правите, веднаш врескаат и активистите за зачувување на цивилизациските вредности на универзумот, ама не ги вознемирувајте китовите што ја носат плочата.
Какви факинг китови?
Молам?
Какви факинг китови, плочи и вселенски журки? За што тоа, Русјаков, по ѓаволите, пишуваш?
А? Паа… за ништо посебно. Чисто онака, редам зборови по струните кои цртаат петолинија низ просторот, времето и она помеѓу.
Она помеѓу? Што има помеѓу просторот и времето, да му се невиди?
Уф… Здодевност? Да, токму тоа, тажна здодевност која скршна од млечниот пат на галактичките етички правила и сега, накисната од метеорскиот дожд на осаменоста, ските по сокаците и беспаќата на забранетите соѕвездија, надевајќи се дека ќе најде автостоп-превоз за другиот крај од вселената каде што ќе може сопствената исцрпеност од трагање по бесмислата да ја остави на раат да ‘рѓосува.
А ха, сфативме, Русјаков! Ни го трошиш времето додека го исполнуваш просторот за колумна со бесмислени реченични акробации, само за да не пишуваш за Артан Груби, марихуаната, српскиот свет и нашата изолираност среде блокираниот пат кон Европската Унија.

Фак! Разоткриен сум. Ама па и не мора да сте толку груби, оти јас, признавам, навистина знам понекогаш да ја искористам марихуаната за да си ги блокирам измрцварените сетила и да се изолирам од стварноста, додека сум на пат по ѓаволите и на слушалки ја слушам „Хардкор и панк“ од српскиот бенд „Артан Лили“, иако знам некои дилери кои упорно ме убедуваат дека не треба да земам супстанции без лисабонска декларација, оти ќе бидам далеку похај ако ја читам легислативата на Европската Унија. Ете, ги употребив сите зборови за кои мислите дека се плашам да ги ставам во колумна. Задоволни?
Ха, ха, значи многу си вицкаст. Ова во штаб ли ти го напишаа?
Па, да! Во штабот на мојата душа, при креативната седница во петок наутро, уз кафе и цигара, срцето и умот, во договор со свеста и совеста, одлучија дека реченичните акробации за оваа недела ќе се движат помеѓу логиката на апсурдот и бесмисленоста на стварноста, додека го гледам и чекам да заврши филмот за кој цела јавност тврди дека: има сценарио, се знае сценариото, провидно ви е сценариото, однапред е договорено… сценариото, а јас пак, како автор кој меѓу другото пишува и сценарија, точно знам дека секое сценарио само по себе е обично парче хартија кое добива смисла само како филмска проекција. И затоа, иако знам дека сум осамен во мојот пристап кон илузијата на стварноста, сакам да го видам филмот до крај, па дури потоа, како публика, ако почувствувам потреба, да ја изнесам својата критика за приказната, реализација на истата и естетските вредности на режисерот и неговата режија, оти тука, опкружен сум со премногу „естетичари“ кои сè знаат однапред и возејќи се на муабетот „прочитани сте“, не сакаат да го читаат трпеливо тоа што полека се испишува, камоли да ѕирнат меѓу редови, па затоа однапред ги знаат сите домашни и светски сценарија и кога тотално ќе промашат во претпоставката која понапред ја третирале за своја апсолутна вистина, се вадат на глуп муабет од типот, „ха, ха, е па сфатија дека ги прочитавме пред да читаме и затоа намерно ја сменија нарацијата“.
Што има да те читам и дочитувам, бе, Русјаков, прочитан си и без да те читаме, знаеме кој и каде ти ги гради, пишува и плаќа ставовите. Јасно ѝ е на јавноста. Башка, ете и оној твој премиер на кој ти сè уште му веруваш, кажа дека ние, јавноста, сме во право кога вака гласно реагираме и судиме за ова што се случува.
Па тоа е работа на сите премиери, меѓу другото, да се занимаваат, да ја слушаат и да ја следат јавноста. Јас сум уметник, мене ме интересира публиката, оти таа, додека е во приказната, чувствува, а штом сврши нарацијата, ти им ги слушаш чувствата кои знаат да искажат восхит или разочарувања. А јавноста се држи вообразено над приказната и оттаму, без да нурне во неа, суди и пресудува. Патем, јас како публика се вљубив во еден уметник чија совршена креација ослободува додека те води низ приказната за патот и вистината, а со јавноста раскрстив кога видов што му направи на тој ист генијален уметник, односно, за само дваесет и четири часа, од „Осана!“ и „Благословен да е Оној што доаѓа во името на Господа!“, стигнаа до „Распни го!“ и „Ај бе, да те видам сега, ха-ха, симни се од крстот!“.
Баш така, јавноста е плоча… грамофонска плоча. Расипана. Ако ја пуштиш наназад, пак ќе ги чуеш истите бесмислени чкрипења на оние на кои им е здодевно сами со себе, па затоа постојано мора да се вмрежени во заедничка потреба за сензација. И на китовите што ја носат им е збоктисана, кутрите, би сакале малку да здивнат и на раат да можат да ‘рѓосуваат во запустените ќошиња на некои неоткриени црни дупки, среде темната материја на непристапноста, ама активистите за зачувување на формата, за сметка на суштината, ги врзале со ланци од предрасуди, злорадост и хистерија во плиткото, кај што се шлапка просечноста и не им дозволуваат да кренат прст и да фатат автостоп-превоз кон другиот крај од вселената.
Нека чуе јавноста, Русјаков тврди дека китовите имаат прсти!
О, Боже!