ОДБОЈКА
Подготовките за учеството на одбојкарската Европска лига (ЕЛ) за машката и за женската репрезентација на Македонија ќе почнат на 13 мај во Скопје, објави Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Селекторот на одбојкарите, Јошко Миленкоски, како и новиот предводник на одбојкарките, Милош Гавриловиќ, ги дефинираа планот и програмата за работа на националните репрезентации за првите активности во летниот период, пишува ОФМ.
Миленкоски ќе ја собере репрезентацијата во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што селекцијата ќе се подготвува 14 дена. Финалната проверка на формата, Македонија ќе ја има со пријателски дуели со Црна Гора во Будва (27-29 мај).
Првиот турнир во годинашната Европска лига, која од годинава е и квалификациски циклус за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2028 година, го игра во салата „Парк“ во Струмица (на 5 јуни со Холандија и на 7 јуни со Луксембург). Вториот турнир е во Грција (13 јуни со Исланд, еден ден подоцна со Грција), а третиот турнир од Европската лига е во Косово (на 19 јуни со Косово, на 20 јуни со Израел).
Женската национална репрезентација паралелно ќе се подготвува во Скопје, во СЦ „Форца“, а на 29 и на 30 мај треба да одигра два тест-меча. Одбојкарките го играат првиот турнир во рамките на ЕЛ 2026 во Португалија (на 6 јуни со Унгарија и на 7 јуни со Португалија), потоа во Шпанија (12 јуни со Шпанија, еден ден подоцна со Азербејџан), а третиот турнир е на домашен терен, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (на 19 јуни со Хрватска, на 21 јуни со Словенија), информираат од ОФМ. Г.И.

































