- Двете селекции запишаа по две победи во првите две кола од претквалификациите за ЕП 2029, во пресрет на денешниот дуел (18 ч.) во Скопје
Новиот селектор на македонската репрезентација Жозеп Марија Берокал ги избра 12-те кошаркари што ќе ѝ се спротивстават на селекцијата на Луксембург во претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029 година, денеска (18 часот, директен пренос на МТВ) во салата „Градски парк“ во Скопје, во групата А. Во вторник е гостувањето во Азербејџан. Во составот се Војдан Стојановски (капитен), Андреј Магдевски, Виктор Ташовски, Лука Стојановски, Марин Петков, Виктор Ефремовски, Валмир Какруки, Адем Мекиќ, Стојан Ѓуроски, Андреј Јакимовски, Итан Хап и Теодор Симиќ. Победникот на секоја од трите претквалификациски групи и најдобрата второпласирана селекција ќе играат во квалификациите на ЕП 2029. Ако две репрезентации се израмнети според освоените бодови, прво што решава за пласманот е меѓусебниот дуел.
– Прекрасно е да се вратам и да бидам дел од репрезентацијата. Уште има некои од соиграчите од минатиот пат со кои бев во тимот. Затоа сум и среќен што се вратив и сум заедно со тие момци, а и новите соиграчи се многу пријателски расположени кон мене. Сметам дека имаме добри таленти во овој тим. Тренерот е нов, Шпанец, го знам и тој знае за мене. Досега имплементира неколку добри работи и стратегии за играта. А кога станува збор за Луксембург и за Азербејџан, мислам дека тренерот најдобро знае што треба, а ние треба само да се грижиме да ги следиме неговите упаства. Репрезентациите се тие со кои играме, веројатно и ќе се променат и ќе го сменат стилот. Но сега е многу поважно да се подобриме фокусирајќи се на тоа како сакаме да играме и да бидеме подготвени да дадеме 100 отсто од себе – вели Хап (29 г., 208 см), кој настапува во шпанскиот клуб Бургос.
Македонија и Луксембург запишаа по две победи во првите две кола, против истите ривали (Азербејџан и Република Ирска). Македонија никогаш не загубила од Луксембург во квалификации, има четири победи во четири меча. Првпат „црвено-жолтите“ се сретнале со Луксембург во квалификациите од Дивизијата Б за пласман на ЕП 2005 и забележа две убедливи победи, на гости со 94-69 и дома со 105-66, во групата во која беа уште Финска и Грузија. По 12 години, двете селекции повторно играа меѓу себе, за пласман на ЕП 2017, Македонија победи во Кавадарци, со 89-75 (Војдан Стојановски беше најефикасниот со 28 поени), а потоа и на гостински терен, со 82-74, во групата во која беа и Велика Британија и Унгарија. Г.И.
ГРУПА А
Македонија – Луксембург 18 ч.
Р Ирска – Азербејџан 20.30 ч.
Азербејџан – Македонија вторник, 17 ч.
Р Ирска – Луксембург вторник, 20.30 ч.
ТАБЕЛА
Македонија 2 2 0 175-125 4
Луксембург 2 2 0 184-167 4
Р Ирска 2 0 2 153-177 2
Азербејџан 2 0 2 139-182 2

































