Вим Вендерс сака да нѐ спаси од живиот песок на политиката

  • Падна завесата на „Берлинале“, останаа зборовите на Вендерс. Политиката подалеку од филмовите. Затоа што еднаш Хана Арент рекла: „Вистинската опасност не е во тоа луѓето да се натераат да поверуваат во лагата – туку во целост да се откажат од вистината“. Во ова време на идеолошко прочистување (Пургаторио) зборовите на Вендерс предупредуваат. Сепак, сметам дека Холивуд едвај чека да го постави црвениот тепих за сите либерални политички пароли без да размислува дека некои можат и буквално да убијат
  • Во лавиринтот на барање одговори на темата филм-политика го
    пронајдов и Артан Груби – па два-три збора и за неговиот случај

Долго ќе се цитираат, но и ќе се анализираат зборовите на германскиот режисер Вим Вендерс, годинашниот претседател на жирото на Берлинскиот филмски фестивал. Големо филмско име на голем филмски фестивал. Режисерот на за мене култниот документарец „Буена виста соушал клаб“ од 1999 година, култен зашто е направен како запис, документ, фреска, порака… за кубанската традиционална музика, во која се појавува и еден Реј Кудер, Рубен Гонзалес… Некои од поставата на „Буена виста“ беа гости и во Македонија. Ако денес зборуваме за тој филм на Вендерс, ќе се запрашаме зошто САД имаат воведено толку жестоки санкции кон Куба кога Кубанците живеат со и за музиката, а знаеме дека во продукцијата, освен Германија, учествува и Америка. Ако сакаме да одиме подлабоко, а мора и треба, ќе кажам подолу зошто, тогаш секој треба да се запраша: Па, нели економски санкции или трговско ембарго какво што е кон Куба, заради што државата и нацијата се соочени со хуманитарна катастрофа, не се и војна? Наречете ја хибридна, како сакате. Исто како што пред 30 години Грција ѝ воведе трговско ембарго на Македонија и тогаш ние рековме – ова е објава на војна. Европскиот суд на правдата го препозна тоа, па Атина го укина ембаргото, иако еден куп македонски политичари и бизнисмени најдоа грчко-македонски рудник за копање марки, долари, евра. Им дошло времето пари да прават распродавајќи ја Македонија. Тие нешта не се бришат ни од индивидуалната, а уште помалку од колективната меморија на секоја нација, на секое племе.
Вендерс го потресе филмскиот свет: „филмовите треба да останат надвор од политиката“. Добро треба да се размисли дали е можно тоа, но имаме можност за голема дебата на 21 век. Дефинитивно. Претходно истиот Вендерс на истото место изјави: „Да, филмовите можат да го променат светот. Не на политички начин. Ниеден филм навистина не ја променил идејата на ниту еден политичар, но… можеме да ја промениме идејата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивното на политиката. Мора да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите“.
Овие зборови некои веќе ги нарекоа контроверзни, но затоа, пак, Австралиецот Ник Кејв, кој лани гостуваше со соло-концерт во Скопје, се потруди да објасни што сакал да ни каже Вендерс. „Неговите зборови беа грижлив, нежен и заштитен гест, насочен не само кон уметничката заедница туку и кон самото човештво, и покрај предвидливиот наплив, претпоставувам дека многу уметници, можеби повеќето, навистина ќе ги ценат неговите зборови“, кажа Ник Кејв. Значи Вим Вендерс сака филмска уметност што нема да биде извалкана од политиката, поточно таа да не биде злоупотребена. Инстинктот на политичарот е сѐ да земе, сѐ да употреби во своја корист. Ако му се даде шанса. И ова што го кажува Вендерс можеби би требала да биде една европска позиција, затоа што очекувам на мартовското доделување на Оскарите во Лос Анџелес да врие од политика. Холивуд никогаш не бил опериран од политичкото, па зошто сега би бегал од таа своја традиција. Особено што таму секогаш се сметало дека е вистинското место за промоција на либералните ставови, идеи и планови за иднината.

Вендерс си кажа што имаше да каже, зашто се чини дека Берлинскиот фестивал се инфицирал и од политика и од пропаганди: Газа, Палестина, антисемитизам. Доволно. Кажал и премногу и со своите филмови. Во „Париз Тексас“, на пример.
Дали неговите ставови се некое ехо на современиот свет во кој се уриваат бедемите на стариот поредок, во кој светот се менува, во кој малите нации служат само како храна за големите риби, во кои големите и благородни идеи им се фрлаат на свињите како храна, или оваа слика е само некоја надреалност? Слика што ја градиме врз основа на она што ни се сервира преку медиумските канали и канализации. Можеби. Но ние веќе имаме изградено слика дека светот се менува и дека доаѓа новото. Не е само Доналд Трамп, но тој е главниот лик во филмот, а не е холивудска продукција, оти Холивуд, наскоро ќе видиме, едноставно се гади од „златокосиот“, кој тврди дека „Америка е влезена во својата златна ера“. Интересно е како се анализира неговото годишно обраќање за состојбата во нацијата и веднаш станува јасно дека исчезнал светот на толеранција. На пример, американското Национално јавно радио (НПР) ќе забележи дека тоа било најдолг говор во историјата на вакво годишно обраќање. Ако се знае кои лидери држеле најдолги говори, тогаш логично е прво да ви светне – а ха, па овој е како покојниот Кастро, на пример, кој сакал долги говори. Такво нешто не му личи на американски претседател. Но, говорот на Трамп е само малку подолг од тој на Клинтон, кој дотогаш бил рекордер. Значи, каде е поентата. Со неолиберален тон медиумите потенцираат дека само Џералд Форд како претседател пред 50 години рекол дека „состојбата со нацијата не е добра“, со што се порачува дека говорот на Трамп избегнал да ги истакне проблемите во Америка и да си признае дека работите не одат на добро.
Можеби може филм без политика, ама медиуми? Никако. Бидејќи трансатлантското партнерство сега го градат американските суверенисти, европските неолиберали се борат за својот опстанок, ја бранат Европа од новото, а новото доаѓа. Сега е исфорсирана една медиумска нуклеарна бомба дека Трамп испратил не амбасадори, туку провокатори што чешкаат по суверенитетот на европските држави, притоа шетајќи со налепниците МАГА. Па така, амбасадорите на САД во Франција, Белгија, Полска и во Данска биле контроверзни. Секој со своја приказна. Тој во Франција, а се презива Кушнер, се побуни за убиството на еден француски десничар, а тоа му дојде како коска во грло на францускиот естаблишмент, па нареди дипломатска изолација за Чарлс Кушнер. Практично тој без комуникација со властите е само еден обичен дипломат. Кога мене како новинар западните земји ќе ме тргнат од протоколарната листа за приеми, посети, брифинзи… тоа значи дека ме сметаат за неважен или новинар опасен за нив.

Така е и со странските дипломати во Македонија, кои дури и си зедоа за право да оценуваат дали некое вино е добро или не, дали Уставот ни е добар, дали коалицијата ни е добра… На здравје! Ние сме го гледале тоа и ќе го гледаме. Замислете тој Кушнер не се одзвал на поканата да оди на разговори во француското МНР. Кај нас еден бугарски дипломат го направи тоа. Ќе врие од вакви случки во иднина, сѐ додека не се најде новиот светски баланс, затоа не тревожите се. Повеќе загрижува мислата на Вендерс – филмовите, уметноста подалеку од политиката. Тие што креираат, тие што мислат и создаваат, што го поставуваат новиот свет на убавото, тие не смеат да бидат слуги на политиката, зашто тоа, ние тоа во Европа добро го знаеме, особено тие во Берлин, е опасно, многу опасно кога уметникот им служи на политичарите.
Еве што мене сериозно ме исплаши, па и сум во некое неверување дека на пример еден „Еурактив“ можел да отиде толку далеку. Читајте што напишале: „Значаен број од неговите пратеници (амбасадори на Трамп) во Белгија, Франција, Естонија, Романија, Унгарија, Луксембург и Финска се десничарски Евреи, а неколкумина го истакнаа антисемитизмот во споровите со владите домаќини“. Нема да го коментирам ова.
Во овој мој обид да најдам излез од лавиринтот уметност-политика ми се нацрта и Артан Груби. Дали тој треба да биде во притвор во Шутка или во домашен притвор? Според мене, добро е што Груби им е достапен на органите на прогонот, зашто целата поента е да победи правдата. Дали е тој во Шутка или дома, нека биде тема за партиско препукување и поткусурување, но најважно е тој да соработува. Дали имало некаков договор за тој да се врати? Добро е да имало, зашто, повторно, тоа значи дека тој е достапен за правдата. Она што мене ми е проблем се лошите закони, односно оставањето простор за различни толкувања. Тие слабости мораат да се поправат.
Падна завесата на „Берлинале“, останаа зборовите на Вендерс. Политиката подалеку од филмовите. Затоа што еднаш Хана Арент рекла: „Вистинската опасност не е во тоа луѓето да се натераат да поверуваат во лагата – туку во целост да се откажат од вистината“.