Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска најави дека дуалниот концепт ќе се прошири и во високото образование. Со новиот Закон за високо образование првпат се предвидуваат втор и трет циклус стручни студии, како и кратки програми за специјализација во одредени професии.
Јаневска појасни дека академското дуално образование ќе биде насочено главно кон техничките струки. Таа нагласи дека моделот се воведува не само поради барањата на одредени факултети и бизнис заедницата, туку и затоа што „дуалното образование, како модел, дало одличен резултат во средните стручни училишта.“
Првиот циклус стручни студии ќе трае три години и ќе носи 180 кредити.
– Поучени од одличните резултати што ги даваат дуалното образование и учењето преку работа, но и на барање на одредени факултети, се одлучивме на ова што постои во ЕУ, а кај нас го немало. Очекуваме одлични резултати – истакна Јаневска на настанот „Револуција во образованието: моќта на дуалното образование во Македонија,“ организиран од Стопанската комора.
Таа додаде дека досега само средношколците имале можност да учат во реална работна средина и да ги надополнуваат теоретските знаења со практични вештини.
– Следниот чекор е продолжување на дуалниот концепт и во високото образование. Факт е дека дуалното стручно образование е наш успешен образовен модел што го градиме последниве неколку години и дава одлични резултати – рече министерката.
Јаневска потенцираше дека во новиот конкурс за упис во средно образование за учебната 2026/2027 година фокусот повторно ќе биде на дуалното образование, а профилите ќе се креираат во согласност со локалните самоуправи и компаниите.
– Академската заедница е подготвена да воведе студиски програми кои ќе бидат продолжение на средното дуално образование, како и интердисциплинарни студии со странски универзитети, студентска размена и заеднички проекти. Со новиот Закон за високо образование ова и системски се уредува. Зад сé ова што го говорам, стои одлучноста на Владата и мојата лична решеност да им помогнеме на младите да добијат квалитетно образование и да заврши времето кога нив ги гледавме само како потенцијал што не успевавме овде, во земјата, да го искористиме – порача Јаневска.
– Учење низ пракса, можности доколку сакаат после средното образование да работат, проодност кон високото образование за оние што сакаат да продолжат да се надградуваат – сето ова е градено според најдобрите европски практики и верувам дека младите ќе бидат успешни и задоволни овде, во својата држава – додаде таа.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, исто така се обрати, нагласувајќи дека дуалниот концепт претставува „симбиоза меѓу бизнисот, неговите потреби за кадар и образованието.“

































