- Домаќин на ЗОИ 2026 се Француските Алпи. Одложувањето натпревари подалеку од градот или од регионот домаќин не е без преседан на олимписките игри, пишува „Би-би-си“
Потврдено е дека трките во брзо лизгање на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2030 година ќе се одржат надвор од земјата домаќин Франција, пишува „Би-би-си“. Игрите во Француските Алпи ќе бидат претежно распоредени низ југоисточна Франција со групи на места во Ница, Бријансон, Савоја и Горна Савоја. Сепак, брзото лизгање ќе се одржи на постојни стадиони во Торино во Италија или Херенвен во Холандија.
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и организаторите на Игрите не сакаат да градат нови места за натпревари што нема да имаат дефинитивно наследство во регионот домаќин, пишува „Би-би-си“.
Едгар Гроспирон, претседател на Организацискиот комитет на ЗОИ 2030, рече дека одржувањето на брзото лизгање надвор од Франција е услов договорен со ИОК при станувањето домаќин на Игрите.
– Оваа одлука е веќе донесена, па затоа Организацискиот комитет мора да продолжи со она што е веќе одлучено. Ова е за Игрите во Француските Алпи да можат да бидат какви што сакаме да бидат. Првпат ќе имаме ЗОИ со дисциплина во друга европска земја. Ова ќе биде ново, ќе видиме дали другите Игри ќе го сторат тоа – изјави тој на прес-конференција во Милано во саботата, еден ден пред домаќините во 2026 година да ја предадат одговорноста за Игрите.
Одложувањето натпревари подалеку од градот или од регионот домаќин не е без преседан на олимписките игри. На Летните олимписки игри во 2024 година настаните во сурфање се одржаа на островот Тахити во Пацификот, околу 10.000 километри оддалечен од Франција, но, Тахити, остров во Француска Полинезија, е прекуокеанска територија на Франција, а брзото лизгање на Зимските олимписки игри во 2030 година ќе се одржи во друга земја, пишува „Би-би-си“.
Гроспирон рече дека околу 15 проценти од спортовите и местата за 2030 година уште не се одлучени, но дека деталите ќе бидат потврдени наскоро. Тој рече дека уметничкото лизгање, кое во моментов нема потврдена локација, ќе се одржи во Ница, како и карлингот и хокејот на мраз. Гроспирон, исто така, рече дека ќе одлучат кои нови спортови, доколку ги има, ќе бидат додадени во програмата и дали ќе бидат отстранети некои настани.
– Новите спортови се во фокусот на нашите размислувања, ова ќе треба да се разгледа за потоа да се одлучи каков е нашиот план за местото на одржување. Нема да го правиме ова сами, ќе го правиме ова рака под рака со федерациите и со местата на одржување – рече Гроспирон. Н.М.


































