Какистократија и меритоцида

Англија светски фудбалски шампион! Изгледа по малку сензационалистички бидејќи Гордиот Албион не може да се пофали со успеси на големи натпреварувања на сметка на домашната Премиер-лига, која е врв на фудбалската игра. Но тоа е факт. Во 1966-та, точно пред 60 години, се случи среќниот настан на „Вембли“ во Лондон. Беше совладана Западна Германија со 4-2 во продолженија со хет-трикот на Харст и голот на Питерс. За Германците головите ги дадоа Халер и Вебер. За мене и мојата генерација, победата не беше чиста. Постоеше сомнеж во судиската одлука, но тогаш го немаше вар-системот. Вината беше фрлена на судиската тројка. По интервенцијата на линискиот судија Бахрамов, судијата Динст го призна контроверзниот трет гол. На тоа првенство, особено треба да се истакне „масакрот“ што бугарските фудбалери, предводени од Гаганелов, Жеков, Аспарухов и другите, го извршија со груби стартови врз Пеле и Гаринча, што потоа на дотогашниот светски шампион му се одмазди. Повредени тие не можеа да се справат со Португалија предводена од триото Еузебио-Торес-Симоес.
Иако не е Бразил, Италија, Аргентина или Германија, Гордиот Албион и денес е тој што ги влече сите конци од плеталото наречено светски фудбал. Ама го бидува за тоа бидејќи сѐ е по негово, а прифатливо за сите. Едноставно, тие се сеприсутни со своите иновативни настапи. Убаво е што и оваа 2026 година е година на фудбалот иако има и многу други спортски случувања. Еве, во прекрасните зимски центри на Италија се одвиваат завршните натпревари на Зимската олимпијада. Нам ни останува да се надеваме дека и Македонија ќе има можност да гази по терените на САД, Канада и Мексико. Знаеме дека овој спорт е „најважна споредна работа на светот“, која веќе и не е тоа бидејќи е една од водечките што носат сериозен профит.
Во таа далечна 1966 година од минатиот век, ние тогаш млади дечки од Њу сетлмент Дутлок, бевме посветени на фудбалскиот шампионат. Во паркот, од изутрина се носеа спортски и други дневни листови и сѐ беше подредено на навивачките страсти. „Нова Македонија“, „Вечер“, белградски „Спорт и фудбал“, „Вечерни новости“, „Политика“, „Политика експрес“. Весниците се селеа од раце во раце, по што следуваа коментари и се палеа навивачки искри за средбите на денот. Во исто време нашиот интерес беше свртен и кон репертоарот во киното „Култура“. Го посакувавме „Добриот, грдиот и лошиот“ на Серџо Леоне бидејќи го најавуваа во рекламите, а ги гледавме „Невада Смит“ со Стив Меквин и „Строго контролирани возови“, уметничкото дело на Бохумил Храбал.

Во таа далечна 1966 година, која како и да не била, така се изразуваа старите, ја читавме „Белото циганче“ од Подгорец, „Големи и мали“ од Бошко Смаќоски, „Црно семе“ од Ташко Георгиевски и „Дервишот и смртта“ од Меша Селимовиќ. Од странската литература се боревме со Карл Мај и неговите Винету и Олд Шетерхенд, вестерните на Зен Греј, Марк Твен и неговите саги за Том Соер и Хаклбери Фин, Жил Верн, Џек Лондон, Александар Дима… Стрипот заземаше посебно место. Освен „Наш свет“, „Политикин забавник“, „Кекец“ и „Плави вјесник“, се појавија „Зенит“ и „Панорама“, како и „Супер стрип библиотека“ на „Вјесник“ од Загреб. Кој вели дека сме имале информативен мрак во мера што ја имаше источниот блок држави?
Знаевме дека во 1966 г. во ДР Конго, на стадион пред 50.000 луѓе, беа обесени бившиот премиер Еваристо Кимба и негови тројца министри поради закана од воен пуч. Гордо ќе се пофалиме кога рок-составот „Елипси“ свиреше во живо пред претседателот Тито и тоа беше почетокот на стампедото наречено музичко рок-крешендо на домашна сцена, која набргу се вброи во врвните во Европа. Истата година првото американско летало „Срвајвер 1“ меко се спушти на Месечината. Формално, Франција на Де Гол го напушти НАТО…, денес по 60 години не знаеме што ќе се случи со Франција на Макрон по прашањето за ОТАН?
Бидејќи Англичаните или Островот се мајстори за атрактивни изрази и нивна масовна употреба во секојдневието на глобално ниво, со задоволство ќе се позанимаваме со насловот на оваа колумна поврзан со нив. Ако нема да можат да се пофалат со големи спортски успеси бидејќи до денес не го повторија историскиот од 1966 година, тие совршено менаџираат со сето она што значи глобален израз. Ова се случува во повеќето области од животот.
Од изборните процеси императивно се бара објективност и слободен израз на гласачот. Ако се почитуваат прифатените критериуми и правила за начинот на вреднување на кандидатите, во сите структури на власта (се разбира не секаде), електоратот гласа по своја определба за најдобрите. Но се случува местата во идниот естаблишмент да бидат зафатени од лица што умешно го претставуваат својот лажен идентитет, а се од редот на морално пропаднатите. Тој процес Англичаните го нарекуваат какистократија. Еве и зошто. Ројалистичкиот симпатизер Пол Госнолд го сковал тој израз за време на Граѓанската војна во Англија. Во својата проповед во црквата „Света Марија“ во Оксфорд, Госнолд остро ја критикувал кусогледоста на парламентарците, велејќи дека мошне брзо монархијата ќе ја заменат со анархија и владеење на најлошите. Тоа значело дека во изградбата на еден општествено-политички систем, луѓе со лажни вредности извојувале победа.

Во тој случај, оние што ја добиле довербата од електоратот ќе носат одлуки што ќе го насочуваат општествено-политичкиот живот. Се разбира, ќе се случи какистократија, која ја гризе утробата на демократијата. Какистократијата преферира нестручност, незнаење, односно недостиг од квалитет и неспособност. Можеме да замислиме какви ќе бидат конечните одлуки на таа политичка структура. Се тврди дека овој термин го достигна својот врв токму во ова наше време. Наедно, тој претставува оружје на популистичките влади. Потоа се разработува концептот на меритоцида, што претставува системско и сеопфатно уништување на најспособните и најдобри кадри во општеството за да се зачува власта на неспособните.
Треба да се биде внимателен, па да се каже дека во демократијата има и девијантни појави. Тие навестуваат ерозија на правото, системска некомпетентност, популизам и демагогија, губење верба во институциите, корупција, непотизам и кронизам, но и промоцијата на ниски вредности на сметка на висок квалитет. Тие прелевања во системот вршат маргинализирање на умот. Поради тоа, се случува одлив на младост и мозоци. Дури и „најсовршените“ општества со изразени демократски вредности, сѐ помалку се имуни на овие мутантни појави. Со тоа, целосно се менува и структурата на светската демократија. Тешко е тврдо да се исцртаат границите на демократијата, која слично на цивилизацијата е пред големи искушенија да остане своја – изворна.
Како и да е, по шеесетгодишниот пост, на Англија многумина ѝ предвидуваат враќање на тронот. Нам ни останува Данска да биде презафатена со случајот Гренланд за да ни го отстапи местото на собирот на најдобрите во светот. Само, ме загрижуваат Бугарите, кои се голем товар и трнчиња за нашите политички копачки…

Авторот е писател

Љубомир Јованоски