Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп ја оцени како „срамна“ одлуката на Врховниот суд на САД со која беа поништени неговите царини, објави Би-би-си.

Според британскиот медиум, Трамп ваквата оценка ја изнел за време на состанок со гувернерите на сојузните држави рано утрово, повикувајќи се на извор запознаен со разговорот. Засега нема официјално соопштение од претседателот ниту од Белата куќа.

Врховниот суд денеска со мнозинство гласови го блокираше користењето на законот за вонредни состојби како основа за еднострано воведување сеопфатни царини кон повеќето трговски партнери на САД.

Како што претходно јави Фокс њуз, станува збор за сериозен удар врз една од клучните економски политики на Трамп, која тој ја опишуваше како прашање од „живот или смрт“ за американската економија.

Со одлука од 6 спрема 3, судиите ги поништија царините воведени врз основа на законот за вонредни состојби, ставајќи крај на правната битка околу ова прашање.