- На Игрите во Италија настапија четворица македонски натпреварувачи, најмногу досега на ЗОИ
Македонската четиричлена скијачка експедиција, најмногубројна досега на едни Зимски олимписки игри (ЗОИ), составена од двајца скијачи во нордиско и двајца во алпско скијање, вчера ги заврши своите настапи на ЗОИ во Милано и во Кортина д`Ампецо (Италија). Резултатски гледано, алпинецот Виктор Петков (26) постигна најдобар пласман. На патеката „Стелвио“ во Бормио, тој во дисциплината велеслалом го освои 55. место. Со овој резултат, Петков успешно ја заврши својата мисија на овие Игри во Италија, потврдувајќи го својот потенцијал како еден од идните предводници на македонското алпско скијање. Петков не настапи во слаломската трка.
Нордиецот Ставре Јада (27) во квалификациска спринт-трка на 1,5 км, во конкуренција на 95 пријавени натпреварувачи, го освои 89-то место, со што не се пласира во четврт-финалето, каде што настапија првите 30 од квалификациите. Во трката на 10 км, Јада беше 83-ти меѓу 113 натпреварувачи. На Јада, ова му беше трет настап на ЗОИ, по Игрите во Пјонгчанг во 2018 година и во Пекинг во 2022 година. Македонската олимпијка во нордиско скијање Ана Цветановска (25) го освои 105-то место во трката на 10 км на Игрите во Италија во конкуренција на 111 олимпијки. Со постигнатото време таа го подобри својот резултат од ЗОИ 2022 за повеќе од три минути. Алпинката Јана Атанасовска (19) не ги заврши трките во велеслалом и во слалом.
Сега останува да се направи анализа на постигнатото на ЗОИ 2026, кои завршуваат в недела, и да се насочат плановите кон следниот олимписки циклус. Г.И.

































