Фото: ЕПА

СО ПЕТТИОТ ТРИУМФ НА ЗОИ 2026

  • Клаебо, кој е најуспешен олимпиец на Зимски олимписки игри (ЗОИ), сега со 10 златни медали, израмни рекорд за најмногу олимписки титули на едни ЗОИ

Јоханес Хоесфлот Клаебо го освои рекордниот 10. златен медал на Зимски олимписки игри (ЗОИ), откако победи со репрезентацијата на Норвешка на вчерашната трка во тимски спринт за мажи во нордиско скијање, на ЗОИ во Милано и во Кортина д`Ампецо. Бен Огден и Гус Шумахер од САД го освоија сребрениот медал, а Италијанците Елија Барп и Федерико Пелегрино бронзениот.
Клаебо, кој победи во секоја трка на која учествуваше на овие Игри, се тркаше со Ејнар Хедегарт и го освои своето петто злато на ЗОИ 2026 со што, пак, го израмни рекордот за најмногу олимписки титули на едни Зимски олимписки игри, кој беше поставен од Ерик Хајден (САД), во брзо лизгање, на ЗОИ 1980 во Лејк Плесид. За Клаебо остана уште еден настап на ЗОИ 2026, во трката на 50 км, в недела.
Тој е најуспешен олимпиец на ЗОИ, сега со по два златни медала повеќе од сонародниците Марит Бјорген (нордиско скијање), Оле Еинар Бјорндален (биатлон) и Бјорн Дели (нордиско скијање) и втор вкупно на Олимписки игри, летни и зимски заедно, зад пливачот Мајкл Фелпс (САД), кој има 23 златни медали од летни олимписки игри (ЛОИ).
Норвешкиот нордиски скијач освои три златни медали на ЗОИ 2018 во Пјонгчанг (поединечен спринт, тимски спринт и штафета 4х10 км), потоа два на ЗОИ 2022 во Пекинг (поединечен спринт и тимски спринт) и пет на ЗОИ 2026 (поединечен спринт, тимски спринт, 10 км, 20 км скиатлон и штафета 4х7,5 км). Тој има и по еден сребрен (штафета 4х10 км) и бронзен медал (15 км) освоени на ЗОИ 2022. Н.М.


НАЈУСПЕШНИ НА ЗОИ 2026

Јоханес Клаебо (Норвешка, нордиско скијање) 5 0 0
Квентин Фијон Маје (Франција, биатлон) 3 0 0
Фрањо фон Алмен (Швајцарија, алпско скијање) 3 0 0

НАЈУСПЕШНИ НА ЕДНИ ЗОИ
Ерик Хајден (САД, брзо лизгање, ЗОИ 1980) 5 0 0
Јоханес Клаебо (Норвешка, нордиско скијање, ЗОИ 2026) 5 0 0
НАЈУСПЕШНИ НА ОЛИМПИСКИ ИГРИ, ЛЕТНИ И ЗИМСКИ
Мајкл Фелпс (САД, пливање) 23 3 2
Јоханес Клаебо (Норвешка, нордиско скијање) 10 1 1
колоните се златни, сребрени и бронзени медали