Фото: МНРиНТ

Тековните инфраструктурни проекти долж Коридорот 8, предизвиците со кои се соочуваат во имплементацијата, како и потребата од посилна политичка координација и внимание, биле во центарот на дискусиите на Министерскиот состанок „Коридор 8 во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“, што се одржа во Тирана, а на кој учествуваше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Според соопштението на МНРиНТ, Муцунски присуствува на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, а на состанокот учествувале и министрите од Италија, Бугарија и Романија, пренесува МИА.

Средбата претставува продолжение на инаугуративната сесија што се одржа во Бриндизи на 27 јули 2023 година. Притоа било констатирано дека постои заедничка согласност оти Коридорот 8 треба да се развива како интегриран прекуграничен систем, наместо како низа национални проекти што завршуваат на државните граници. Било потенцирано дека оваа транспортна оска е стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички амбиент поврзаноста претставува фактор на отпорност и стабилност.

Во своето излагање, Муцунски ја нагласил потребата од активно учество на сите релевантни партнери, посочувајќи дека Италија како значаен јадрански фактор и Романија како клучна земја на Црното Море и во регионалната економија имаат суштинска улога Коридорот 8 да се етаблира како целосна европска врска од едниот до другиот крај.

-Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцираше дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор беше посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година – се вели во соопштението.

Дополнително, била потенцирана и енергетската компонента на коридорот, како и потребата од хармонизација на процедурите, поефикасно гранично управување и олеснување на трговските текови, со цел новата инфраструктура да биде проследена со современи стандарди. Посебно внимание било посветено на користењето на европските финансиски инструменти, меѓу кои и претстојната програма „Connecting Europe Facility“, за да се забрза реализацијата и да се обезбедат конкретни придобивки за граѓаните и деловната заедница.

На состанокот било заклучено дека во наредниот период приоритет треба да биде спроведување на финансиски одржливи проекти, усогласена прекугранична имплементација и одржување рамномерен интензитет на изградба по целата траса на Коридорот 8.