Фото: МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во кругот на Министерството присуствуваше на примопредавање на опрема обезбедена преку соработка со Американската амбасада во Македонија и програмата АТА. Станува збор за донација наменета за Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства во рамки на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.

Според информациите од МВР, донацијата опфаќа современа и високотехнолошка опрема во вредност од приближно еден милион евра. Меѓу опремата се вклучени роботи за неутрализирање импровизирани експлозивни направи и неексплодирани убојни средства, специјални заштитни бомбашки одела, телескопски манипулатори, детектори за експлозиви, фибер-оптички камери, рендген-уреди за откривање експлозивни направи, специјализирано возило за транспорт на опремата, како и обука за припадниците на единицата спроведена преку програмата АТА.

-Денеска уште еднаш се потврдува дека стратешкото партнерство со САД носи конкретни резултати за безбедноста на нашата држава. Искрено сум благодарен до тимот на американската амбасада за нивната поддршка и ангажман, благодарение на кои успеавме да обезбедиме ваква значајна донација. Оваа најсовремена опрема, вредна околу милион евра, ќе ѝ овозможи на бомбашката единица да делува побезбедно и поефикасно. Сите припадници веќе поминаа соодветна обука, што дополнително ја зголемува подготвеноста на единицата. Со вакви ресурси директно се заштитуваат животите на граѓаните, но и на полициските службеници кои секојдневно се соочуваат со високоризични ситуации – изјави Тошковски.

Вршителот на должност амбасадор на САД во Македонија, Никол Варнс, истакна дека донацијата е симбол на заедничката определба за справување со безбедносните закани и зајакнување на институционалните капацитети.

-Оваа поддршка ја одразува нашата заедничка заложба за градење посилни капацитети во справувањето со закани од експлозивни средства и заштита на заедницата. Соработката меѓу нашите две земји е клучна и верувам дека ќе продолжи да се продлабочува. Припадниците на оваа единица работат во исклучително ризични услови и заслужуваат врвна опрема за да ги извршуваат задачите безбедно и професионално. Новото возило и техничките средства ќе им овозможат побрзо и попрецизно да ги идентификуваат и неутрализираат потенцијалните закани. Кога институциите на Северна Македонија се посилни, тоа придонесува за поголема стабилност и безбедност и за двете земји. Вистинските партнери се поддржуваат токму во вакви области – нагласи Варнс.